10.02.2025
“Естрадата бара слобода на духот” ќе рече Блаж Маротов, како основа на неговото естрадно постоење, во авторството пред сѐ, а таа слобода веќе четири децении тој успешно ја трансформира на разни креативни начини.
Неговата најнова песна “Доказ” промовирана пред извесно време со спот, е сѐ уште актуелна тема на македонската поп музичка сцена, воедно и во медиумите, и е уште едно парче од мозаикот наречен “слобода на духот”, слобода да се избере, искреира, оформи и приложи пред публиката.
Време е за повеќе музика од овој наш сестран музичар, кој умее секогаш одново да нѐ изненади позитивно.
* На македонските топ листи деновиве како хит се врти Вашата нова песна “Доказ”, проследена и со навистина убав смирен и спот…
-Да, радост ми е што ја слушам на неколку радио станици, на Радио Буба Мара беше хит на неделата на мое големо задоволство, на Радио Гостивар, на Зона М1 радио, на Скај радио, на Македонско радио и другите радио станици во Макеоднија. Песната ја добив од мојот пријател Златко Бошковски, автор на музиката, а текстот е од Зоран Гега Маџоски и двајцата Гостиварци. Најпрво влечеше повеќе кон фолк песна, но почувствував дека има добро движење во мелодиската линија, а текстот некако ми течеше, па подоцна авторот ми кажа дека е и биографска, вистинска приказна, па така одлучив да ја работам и преку аранжманот целосно го сменив стилот. Ја работев доволно долго, сакав да се посветам на секој момент во аранжманот како и пеењето и продукцијата во моето студио, што ме “чинеше” три месеци.
*Вие сте кантавтор, но кој е оној мотив што Ве води да направите отстапка и често да земете некоја песна, која е навистина убава, но не е од оние композитори кои се од “шемата” и по кои се вртат медиумите. Е тој момент, мене ми е симпатичен.
– Како прво, моето мислење е дека во денешни услови се помалку има композитори од ,,шема” (во смисла на докажани), работите се движат на друг начин за некоја песна да е присутна повеќе или помалку во етерот, па поради тоа и не поаѓам од таа точка кога треба да одлучам да прифатам песна од друг автор. Во конкретниот случај одлуката беше таа што почувствував дека од таа мелодија и текст може да се направи добра песна- музика што ќе допре до слушателите, слична беше и претходната соработка со Бошковски на “Охрид фест” на текст на Драган Матески- “Твојот поглед”. Сакав да земам материјал што е малку поразличен од моето размислување како освежување во мојот опус и според досегашните реакции и присутност на песните, мислам дека не погрешив.
* Спотот нѐ освои. Одамна не сме виделе снег, романтика, природна убавина, чистина и толку смирена динамика, а во улога на актер еден средовечен човек кој е свесен за својот живот и моќта на Љубовта.
– Да, спотот е топол иако е во снежен амбиент. Најпрво не бев многу заинтересиран да снимаме во зимски услови со голем снег, но по убедување на луѓето од продукцијата подоцна, согледа беа во право. Убаво се ,,стопли” една поп- рок балада со една романтична сторија како ,,Доказ” за многу нешта во животот, дали добри или лоши, доказот е доказ дека нешто се потврдува со љубов, искреност и праведноста. А околу актерството- чувството за приказната самото ме водеше да се соживеам и емотивно и визуелно, иако при снимањето беше доста ладно ха ха.
*Постојано нешто си работите во своето студио. Како изгледа сето тоа, и студиото и работата? Затоа што, со еден грст преубави поп балади нѐ почестивте изминативе неколку години.
– Среќна околност е што мојот работен простор ми е дома па секоја идеа или работа на материјал, е тука непосредно да се запише секоја идеа кога ќе дојде нешто, а и кога ќе влезам во некоја работа па знам и од спиење да станам и нешто да додадам да уфрлам во аранжман или во пеење. Има многу ситни детали, пикантерии, што го градат мозаикот на еден проект- тесна, па така во последните 4-5 години се родија неколку песни почнувајќи од “Роман за нас”, “Бенг, бенг”, “Еј среќо”, “Прекрасен ден”, “Налеј една”, “Лаго моја”, “Нека се вратат времиња златни”, “Ти си таа што ми треба”, “Не е љубов тоа”, “Забораваш”, “Живот је епизодна мода”, “Бог да ми даде сила”, “Твојот поглед”, “Доказ”… Покрај овие песни тука се и обработките на “Садила Јана”, “Дејгиди луди млади години”, “Дај ми го мила мамо” и необјавената “Моме оди за вода”. Мене ми се драги сите овие песни, но од досегашните реакции “Роман за нас”, “Бог да ми даде сила” и “Лаго моја” имаат поголема присутност меѓу публиката според слушаноста во етерот, а изненадувачки “Налеј една” е песна која речиси на секој настап во живо добива аплауз, на мое пријатно изненадување.
*Но, постои и забелешка. И покрај постојаното работно темно, каскате со најавениот проект на народни песни, откако исто така нѐ почестивте со неколку обработки. Зошто се доцни со етно изданието?
-Проектот “Класика М” е во мало мирување иако покрај објавените три песни “Садила Јана”, “Дај ми го мила мамо” и “Дејгиди луди млади години”, стои необјавен уште еден убав македонски бисер “Моме оди за вода” каде што гости се мојот драг непрежален кум Милан Завков, а Дејан Миновски на кавал. Проектот е во мирување, но не е згаснат, ќе се појави кога ќе се создаде простор за таа убава ризница од македонски бисери како наша класика.
*Најавувате и концерт оваа пролет. Ќе ни откриете детали за тоа?
-Да. Концерт најавив неколку пати и верувам ќе се случи наскоро. После “Доказ” почнав да ги средувам аранжманите за песните кои ќе бидат изведени на концертот, но за тоа ќе обелодениме и ќе пишуваме кога ќе го имам и датумот, кој уште не е дефиниран, кој верувам ќе биде оваа пролет.
*Блаж, многу е зад Вас. Од мал сте музичка ѕвезда, големи турнеи, соработки со големи имиња, долготрајни или попатни, почнувајќи од Завков, Алачки, Бреговиќ, па Јуле долги години…многу многу музика. Можеше повеќе од тоа или сосема доволно?
– Долг беше патот кој го минував и уште го минувам. Низ разговори ми надоаѓаат сеќавања за сѐ што е поминато и навистина може еден роман да се напише за сѐ што било. А дали можеше повеќе? Ќе ви кажам “ДА!”, секако многу повеќе, околностите беа тие што беа. Естрадата бара слобода на духот, слободно време за комуникација за соработка, тука јас бев ограничен, редовно вработен во институции каде и таму се бара посветеност кон работата (а јас никаде не сакам да сум должен). Па и покрај тие обрски континуирано работам (поактивно последниве 4- 5 години) на естрадата со многу љубов и жар со голем број колеги, имиња во повеќе жанрови на музиката жарот во мене е сѐ уште жари па верувам, со добро здравје ќе им подарам уште многу музика, песна на моите фанови.
*Музиката е песна, ама и не е баш лесна. Кога ќе се направи еден збир досега, повеќе донесе или можеби и по нешто одзеде неправедно од Вашиот живот?
-Музиката, велат е песна, но не секогаш е така како што тоа се гледа на сцената, има моменти кои се за заборавање, ама сепак тој дел од “Песната” е секогаш посладок и тој дел нѐ држи да останеме на сцената толку години, секако пред сѐ поради околностите и настаните ние секогаш сме на услуга на публиката. Многу често за викенди за празници, колку пати планираме некој термин за наше уживање, шетање ама ќе се појави настап, свирка и личното оди во втор план, и не секогаш поради материјалниот момент, но тоа е цената на сцената.
* Блаж и Џули, Силви и Влатко, Невенка и Панче, Зафир и Сенка, Есма и Стево, Чрчеви, Јанко Узунов и Жаклина, Селимова- Желчевски, Наум и Зуица…навистина убави двојки има(ло) на нашата естрадна сцена. А вас двајцата одамна не сме ве виделе да снимите некоја заедничка тема, освен оние од некогаш што ги пеете на вашите свирки. Да очекуваме нешто ново од Вас и Вашата сопруга и музичка партнерка?
-Тоа се веќе докажани доајени на нашата естрада и прекрасни колеги…А, како дуо на заеднички проект, секако дека постои можност, доколку се појави песна која ќе ни ги допре сетилата со Јуле, па ќе се роди и песната…
Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт
![metropolis-big](https://www.kulart.mk/wp-content/uploads/2019/09/metropolis-big1.png)