ИНТЕРВЈУ- Марија Таушанска Анастасовска, новинар и уредник на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат “КОЛИБРИ“

Фотографија: Горан Анастасовски

Разговор со Марија Таушанска Анастасовска, новинар и уредник на
единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат “КОЛИБРИ“

СЕДУМНАЕСЕТ ГОДИНИ СЕКОЈ ВТОРНИК ТРЧАМ ДА ГО КУПАМ НОВОТО
„КОЛИБРИ“

Фотографија: Горан Анастасовски

Единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“, годинава одбележува 65 години постоење. Што се се случуваше за одбележување на овој
јубилеј и што допрва ќе се случува?

– Големиот јубилеј на единствениот додаток за деца во дневниот печат „Колибри“, што цели 65 години е дел од дневниот весник „Нова Македонија“, по урнек на сите големи весници во светот, го прославуваме цела година. Почнавме со честитка од далеку, од учениците од ОУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, Србија. Потоа со љубов се подготвувавме за настапот на инклузивниот настан „Играме заедно пак“ во организација на „Аутизам АА МК“, што се одржа на 7 мај, на Школка во Градски парк во Скопје, каде имавме свој блок, што на мое големо задоволство го водеше ти Филип, а свој настап имаа поетите: Перо Миленкоски, некогашен уредник на „Колибри“, Васил Мукаетов, кој се уште ја чува песничката што пред 65 години ја испратил да се објави, Вера Андон, на која тој ден и беше роденден, Славица Танеска уметница, која како и ти е дете на „Колибри“. Живко Поповски -Цветин ни ја додели „Цветиновата награда за мир“, а вторачињата од „Ј.А.Коменски“ со Џокси ја испејаа песничката „Шарени чадори“.

Потоа во јуни со писaтелот Васил Мукаетов имавме средба со шестоодделенците од
ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје, а со Џина Папас Џокси ги посетивме нашите
другарчиња од 2-г одделение од ООУ„ Јан Амос Коменски“ во Тафталиџе и заедно
имавме еден незаборавен час по музичко.
Следеше конкурсот за литературни и ликовни дела на тема „Херојот по кого мојата
улица го добила иемто“, кој наиде на голем прием и добивме творби од цела
Македонија. Најдобрите ги наградивме со книги од издавачката куќа „Македоника
литера“, коај ни подари и 65 книги како роденски подарок за „Колибри“ на што сме им
особено благодарни. Ете минатата недела објавивме и за подароци што ги добивме од
ликовното студио „Артика“ од Прилеп, прекрасни цртежи на птицата колибри, што
многу не зарадуваа.
Секако тука се и многуте честитки, а особено се убави оние од писателите и од
учениците, некои во вид на песни и раскази, што ги објавивме на нашите страници. До
крајот на годината ќе има уште неколку активности, на вистински начин да ја
заокружиме оваа јубилејна година, зашто навистина да постоиш во континуитет 65
години, во овие несигурни времиња е подвиг и затоа упатувам голема благодарност до сите што биле, се и ќе бидат на било кој начин дел од додатокот за деца „Колирби“, што секој вторник излегува во весникот и онлајн изданието на „Нова Македонија“!

-Вие пред 17 години, направивте кариерен пресврт, не само од една во друга
редакција, туку и од една во друга област, од културно-забавна редакција,
станавте уредник на Колибри? Како го доживеавте тогаш тој пресврт и како се
чувствувате со седумнаесет години зад себе другарувајќи со Колибри?

– Не станува збор за пресврт, само додавање на една нова обврска, нов предизвик во
мојата кариера. Јас цело време пишувам и за други области, но ова мое мало пиле
„Колибри“ некако ми се залепи за срцето. Цели 17 години секоја недела му ја
посветувам нему, каде и да сум, било да е празник или обичен ден. Велат среќата ја
прават мали нешта, па ако колибри е најмалата, но и најбрзата и најсилната птица на
светот, тогаш тоа е тоа. И секој број е правен со љубов , трпение и креативност на
голем број луѓе, професионалци, соработници, љубители на убавиот збор, со еден збор пријатели на децата. Зашто нели идејата треба и да се реалзира, а за да биде така потребен и цел синџир од алки, а најважната секако се децата за кои сите овие
изминати години работиме, пишуваме, измислуваме, наградуваме, мотивираме,
промовираме. Добро, понекогаш опоменуваме, ама најчесто пофалуваме и споделуваме успеси. Се разбира не би било ништо од сето ова, ниту би славеле јубилеј годинава да не беше пред 65 години поетесата Евгенија Шуплинова идеен творец на „Колибри“, која и му го даде ова убаво име, а по неа и поетите Перо Миленкоски и Наум Попески, по чии стапки јас ете сѐ уште чекорам. За среќа, има и млади надарени и пробивни луѓе како тебе Филип, кои своите први чекори ги направија во „Колибри“ и растеа со него, а еве сѐ уште се дел од нашата приказна. Тоа е најголемата сатисфакција, кога по толку труд
и вложување, гледаш дека ништо не е попусто и оти „Колирби“ ќе лета уште долго на
радоста на децата и на оние се грижат, пишуваат и создаваат за нив.


Како ви се чини моменталанта состојба на начините на воспитување на македонските деца, не само во образовниот систем, туку и дома, и на улица но и преку списанијата, едукативните изданија, книгите …?

– За жал станува збор за глобален проблем, не се во прашање само децата во нашата
земја и нивното воспитување. Наметнувањето на новите технологии во сите пори на животот уште од најмала возраст, постојаната борба за егсизтенција, континуираните кризи што нѐ следат веќе триесетина години, како да ги ставија децата во заднината, а
тоа беше огромна грешка. Место да едуцираат и воспитуваат, училиштата, односно
вработените во нив постојано се прилагодуваа на нови услови и правила, нови
учебници, претежно неквалитетни се издаваа со смена на секоја власт, континуитетот
создаван во образованието се загуби. Списанијата за деца, како и манифестациите што ги имаше во голем број полека гаснеа, но ете најдолговечните, а верувам и надобрите останаа, како „Колибри“ и изданијата за деца на „Детска радост“. Се појавија и некои квалитетни портали за деца. Се надевам во иднина ќе биде многу подобро, бидејќи алармот веќе одамна предупредува дека основата што децата ја добиваат во основното образование е многу важна за нивниот понатамошен раст на професионален, па и на животен план. Но сепак, и покрај се, кога сите повторуваат
дека ете веќе децата не читаат, масовно го користтат „Гугл“ на тестови и пимени
задачи, препишуваат на тестови, кога ќе ни стигне во редакцијата писмо од некое
талентирано момче или девојче напишано писмено и од срце, како да го пишувал некој двапати постар, убедена сум дека има надеж за напредок, само треба многу посовесно и поорганизирано да се работи со децата.

Каква е состојбата на македонската литература за деца?

– Во македонската литература за деца во моментот се случува смена на генерациите.
Постарите писатели, повеќето во пензија, кои за среќа уште имаат инспирација и
созадваат нови дела за најмалдите читатели, им го отстапуваат местото на нови творци.
За жал ги нема многу, но сепак работите се движат на подобро и во оваа насока. Темите се посовремени, како и пристапот кон литературата за најмладите, во рамките на тоа и дизајнот на книгите е поквалитетен. Е, сега останува да се воспостави мост со
училиштата и установите за деца, тие уште од најмала возраст да имаат средби со
писателите кои создаваат за нив. Треба да се направат напори да се зачуваат постојните литературни манифестации за деца, како што е на пример „Ракатки“, но и да се создадат нови, бидејќи така на најдобар начин се создава нова читателска публика.

Да се остане триесет и пет години во дневниот печат и тоа во Македонија,
навистина е храброст. Но, Вие издржавте. Кои се најсветлите моменти во вашата богата новинарска кариера?

– Да издржав долго, но патеката по која професионално чекорам веќе 36-та година се
уште не е завршена. Се уште имам идеи, купишта листови на кои ги запишувам
прашањата за идните интервјуа, за кои се подготовувам како да ми се магистерски
испит, а над се желба да ги ставам на хартија моите приказни, кои се паметат. Но не
беше лесно, бидејќи она што го работам е јавно и на увид на сите, но од друга страна
секој ден носи нов настан, средба, случка. Многу е напишано изминатите години,
планирам, нешто од тоа да издвојам и во книга, но во мојата меморија ќе останат
забележани сите разговири, интервјуа, репортажи, колумни, разни серии…со еден збор целиот мој минат труд. За неубавите моменти сега нема да зборувам, а секако ги имало,но ќе издвојам некои мигови што засекогаш ќе ги запаметам, а се запишани во мојот новинарски бележник. Тоа пред се е континуитетот во следењето на некои личности,што сега се познати во своите професии, а сум им го направила првото интервју. Тоа никогаш не се заборава. Потоа за жал и последните интервјуа на наши значајни креатаивци, интервјуа во кои соговрниците си ја отворале душата, па имало и солзи. Средби со врвните ликовни уметници: Киро Урдин, Михаил Корубин, Васко
Ташковски, семејството Шулајковски…, со познати композитори и инструменталисти
(Симон Трпчески, Васил Атанасов, Гоце Мицанов), балетски уметници (Натка
Пенушлиска, Јагода Сланева, Зуица Пуровска и Зоран Велевски..) глумци ( Ацо Ѓорчев,Благоја Стефановски, Благоја Чоревски, Стево Спасовски, Ненад Стојановски, Нада Гешовска, Ванчо Петрушевски, Сабина Ајрула, Снежана Стамеска, Петар Горко, Васил Зафирчев…), со македонските легенди Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски,Алкесандар Џамбазов, Зафир Хаџиманов, Славе Димитров, Зоран Џорлев, ЉупчоМирковски …, со незаборавниот Тоше Проески, Наум, Есма, Ферус, Драган
Мијалковски, Влатко Стефановски, Игор Џамбазов….Средбите и интервјуата со
балканските ѕвезди, со учесниците на евровизиските фестивали, со познати спортисти,
ТВ лица, но и оние со обични, креативни луѓе… Ќе ги запаметам и бројните насловни
страници во „Вечер“ и во „Нова Македонија“ со интересни теми, репортажите од
прекрасните места, разните „интриги“ со кои новинарите се служат за да дојдат до
соговорникот и анегдотите поврзани со нив…Во изминатите години со некои од нив
навистина се зближив, па ми станаа вистински пријатели, како и колегите со кои
соработував, бидејќи ете ние во браншата сме една голема фамилија.

Новинарството неминовно значи контакт со многу луѓе и патување на многу
места. Можете ли да ги издвоите најважните луѓе и места на вашиот новинарски пат?

-Имав среќа да патувам професионално низ Македонија, во регионот, а ете и на две
„Евровизии“. Секое патување е можност да се сретнат интересни луѓе од реазни
бранши, на самото место да те инспираат на пример да направиш интервју, како со баба Рода во Крушево, која живеела во три века, или да направиш сторија за малиот Игорче Постолов, инвалид од раѓање, детенце што неговите родители едноставно го
„заборавиле“ во болницата Свети Еразмо во Охрид, а тој мечтае барем еден миг да
почуствува што е тоа што го викаат „дом“. Игорче сега заврши и факултет, но за жал,
неговите родители не го приафтија. Потоа посетата на манистирот „Трескавец“ една
студена зима кога џипот не можеше да се качи до горе, па отец Калист дојде да нѐ земе со фотографот Игор Бансколиев. Нема да ја заборавам и посетата на женскиот
манастир Рајчица, Дебарско …или пак континуирано откривање на убавините на
Преспа. Написот за создавањето на нашиот национален симбол, орото „Тешкото“, исто
талка има особено значење за мене и драго ми е што е веќе обнароден, за Мајовци, за
Лазарополе. Интересна беше и средбата со Паско Кузман, во периодот кога се градеше
црквата Свети Климент на Плаошник, посетата на работилницата каде е направено
првото црешово топче во Крушево, како и средбата со стогодишната сопруга на
писателот Стале Попов, баба Петра, со интересен наслов „ Не да сум пеела, не да сум
играла, на ѕвезди сум лаела“. Репортажите за омилените места на Михаил Ренџов,
Благоја Георгиевски Буштур, Весна Илкова, приказните за старо Скопје и неговите
маала, за последните скопски боеми (Јоле, Сута, Почу, Бодле, Ацо Снагата…), но и за
странците кои својот професионален агажман го вградиле во него, меѓу кој ќе го
издвојам Чехот Лудјек Кубеш, кој е еден од првите урбанисти на градот….
Македонија и македонствувањето провејува низ вашето пишување. Во текствоите
гледате да вметнете, да поврзете, да откриете, се со цел на мегдан да ставите уште
некој скапоцен смарагд од нашата Македонија.

– Македонија е нашата матица, нашиот извор од кој цел живот се напојуваме со животна радост. Моите предци,а верувам така е со повеќето Македонци, дале многу за оваа грутка земја што ја нарекуваме наша родина, па токму затоа првата книга што ја создадов во соработка со учениците од сите одделенија од ОУ „Ј.А.Коменски“ во Скопје, е насловена „Татковината во детските срца“, а ја издаде „Нова Македонија“.

Тука се запишани нивните одговри на прашањето: што е за нив татковина, на кое дадоа уникатни одговори, со многу љубов, без оглед дали беа првачиња или деветтоодделенци. Промоцијата се случуваше кога грчкиот премиер Ципрас беше во
посета на Скопје, чудно совпаѓање, нели, но велат ништо не е случајно. И не треба да заборавиме дека сите ние што живееме во Македонија треба да ја сакаме нашата земја, а не да ја делиме, распродаваме и потценуваме. Само со городост и со промоција на нејзините вредности прво дома, а потоа во светот, ќе и го вратиме сјајот на нашата убава земја.

Иако, пред неколку години се зборуваше дека интернетот ќе ги збрише класичните медиуми како печатеното новинарство, радиото и телевизијата, но
сепак и на светско ниво, и класичните медиуми одолеаа на промените. Што ги
советувате Вашите сегашни млади и и идни колеги?

– Исто беше и со книгите, со плочите, со филмовите, а ете и со весниците. Очигледно
има за сите место под ова медиумско небо, а квалитетот е она што е најважно за
опстојување. А на моите млади колеги само ќе им речам да се држат до вистината,
зашто таа никогаш нема да пожолти. Верувам дека во иднина се повеќе ќе читаат
младите , а некои од нив како дел од новинарската фела ќе му дадат нов ветер на
македонското новинарство.

Венко Андоновски вели дека новинарството е заразна болест. Како ќе продолжите да ја лечите таа болест?

– Нема лек, едноставно живееш со неа. И се додека трчам секој вторник да го купам
весникот со новото „Колибри“, или навечер со некоја репортажа или тазе интервју,
сигурна сум дека ќе преживеам!

 

Разговорот го водеше: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.