На два дена пред почетокот на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ организаторот најавува две интересни и значајни програмски содржини.
Мастер-клас со наслов „Не следете ги моите правила. Направете си свои“ на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи – Виктор Косаковски. Тој ќе зборува за своите принципи при создавањето на филмските дела не само како режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер.
„Не правете филмови ако можете да живеете без да правите филмови“, вели првото од десетте правила за млади документаристи на Косаковски. Овој современ раскажувач со восхитувачко поетски пристап во правењето документарци ќе ги сподели и своите искуства и мислења за заемната условеност на естетското и етичкото во документарните филмови, поаѓајќи од својот личен став дека „Добрите луѓе веројатно не треба да прават документарци“. Визуелната поезија на Косаковски е мошне ценета меѓу критичарите и гледачите, бидејќи тој умешно ги претвора внатрешните и надворешните светови во синестетски искуства.
Виктор Косаковски е светски признаен режисер, сценарист, снимател и монтажер во областа на современата документаристика. Кариерата ја започнал во 1978 година, работејќи како асистент снимател и монтажер во Студиото за документарни филмови во Санкт Петербург (Ленинград). Како студент се приклучил на Дирекцијата за документаристика во Берлин и од 1986 до 1989 година студирал сценарио и режија во Москва.
Како филмаџија документарист, Косаковски има добиено над 100 награди на меѓународни филмски фестивали, градејќи филмографија со фокус на различни теми, кои ја истражуваат стварноста и ја преведуваат во визуелна поезија раскажана на автентичен филмски јазик. Во 1989 година, тој го режирал својот дебитантски филм „Лосев“, а три години подоцна и својот најпознат документарец „Белови“, додека со „Да живеат антиподите!“ го има отворено Венецискиот филмски фестивал во 2011 година. Косаковски неуморно продолжува да прави филмови и да предава документаристика, инспирирајќи ги филмаџиите ширум светот.
Како блескав пример на неговата работа ден претходно во кино „Милениум“ ќе биде прикажан документарецот „Акварела“ (2018), чиј стожерен лик е семоќниот сопатник на Земјата – водата. По проекцијата ќе следува сесија на прашања од публиката.
Вториот настан е Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар која ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи кои би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам. Предавањата на работилницата ќе опфатат теми како наоѓање и избирање на партнери за поддршка на филмовите, публика и финансирање.
Јана Цисар е родена во Маринанске Лазне, Чехословачка, а живее во Западна Германија уште од 1969 година. Кариерата ја започнува со работа во театарска продукција како асистентка на Дејвид Брн при подготовките на претставата „Шумата“ на Роберт Вилсон во 1988 година. Потоа продолжува да работи како продукциски раководител во Денови на германски театар во Москва и како менаџерка за турнеи на „Малиот театар во Ленинград“ во 1989 година. Цисар има работено на разни програми со Лес Бланк, Ричард Ликок, Брадрс Квеј, Јан Шванмаер, Дејвид Брн и Томас Браш за „Компанијата за развој на телевизиски програми“ на Александер Клуге (TV DCTP). Заедно со Мануела Стрихавка го имаат направено филмскиот фестивал „Сомерзене“ (SommerSzene) во Салцбург. Од 1990 до 1995 година има живеено во Прага, каде што со група луѓе ја има основано програмата „Промоција на чешки филм“, a работела и на чешкиот Меѓународен филмски фестивал „Карлови Вари“. Живее во Берлин од 1995 година и работи како независна филмска продуцентка. Работилницата е поддржана од Гете Институт – Скопје.
Филмската програма на 10. „МакеДокс“ ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а ќе бидат одржани и повеќе други програмски активности од 21 до 28 август. Се очекува на фестивалот да присуствуваат 100-тина гости.