Зумбулот (Hyacinthus) претставува луковичесто растение кое води потекло од Мала Азија, а во Европа е познато уште од XVI век. Се разликуваат два основни видови: римски зумбул (лат. Hyacinthus orientalis albulus) кој има ретко распоредени цветови на стеблото, има интензивен мирис и може да биде во бела, виолетова или сино-виолетова боја, и холандски зумбул (лат. Hyacinthus orientalis) кој има густо збиени цветови во бела, крем, розова, црвена и виолетова боја.
Се сади најчесто во градината, во текот на есента, на длабочина од околу 15 cm. При садењето внимавајте добро да ја притиснете луковицата во земјата за да не остане воздух кој би можел да предизвика скапување. Растојанието меѓу луковиците би требало да биде од 15-20 cm. Посадете ги на сончево место во земја богата со одлежан компост или тресет. Зумбулот може да расте на сончеви места и на полусенка.
Зумбулите даваат семе, но се размножуваат на вегетативен начин – преку одвојување на малите луковички.
Цвета од почетокот до крајот на пролетта, поточно во март до мај. Достигнува 20-30 см висина. Кога ќе заврши периодот на цветање и листовите природно ќе овенат (не ги сечете претходно бидејќи луковицата преку нив се храни) најдобро е да ги извадите луковиците и да ги чувате на суво, ладно и мрачно место. Би било најдобро ако сте во можност да ги закопате во сув тресет или песок. Во принцип тие се отпорни на мразот и снегот, но исто се препорачува по садењето да се стави слама или листови од дрвја за да се заштитат од мразот во зимата.
Ако луковицата остане закопана во градината нема да смрзне, но следната година цветовите нема да бидат толку богати. Постојат и луковици кои се специјално третирани за да може да цветаат и во затворен простор.
Се продаваат веќе посадени, но ако купите луковица и сами ја насадите треба врвот да и ѕирка од земјата 1-2 cm. Чувајте го растението на светло и по можност ладно место за да се продолжи периодот на цветање. Полевајте го умерено и не дозволувајте земјата потполно да се исуши. За жал ваквите луковици нема повторно да цветаат следната година во домот, па најдобро е да ги посадите во градината во есен.
Ова растение е отровно и цветовите може да предизвикаат иритација на желудникот и цревата, понекогаш и дехидратација, но можат да се јават и халуцинации.