ГОРДАНА АДАМОВ- На “Илиџа” ми ја одзедоа наградата што ја заслуживме со Јанко Узунов!

На  денешен ден, 15 февруари, во 1951 година, е роден славниот македонски кантавтор, автор, исполнител и музички педагог Јанко Узунов, на кого сите се сеќаваме со голем респект кон неговата личност и неговото уметничко музичко дело. 

(Жаклина и Јанко на фотосот)

Во чест и сеќавање, поразговаравме со една од неговите најславни соработнички, пејачката Гордана Адамов, која со задоволство се потсети на нивните заеднички успеси, ширум Југославија. Соработката тргнала од Фолк фест” Валандово 1988″.
*Би почнала со почетно прашање- каков впечаток остави маестро Узунов кога се запознавте? 
-Јанко, во моите очи во првиот момент на запознавањето, ми остави впечаток на срамежлив човек, бидејќи мислеше дека нема да ја прифатам понудата да пеам негова песна на фестивалот. Всушност, тоа беше само навидум така, затоа што неговиот карактер беше стабилен, цврст и низ годините кога се сретнуваме остана во моите очи како човек кој знае што сака во животот. Малку се такви луѓе. 

*Вашиот прв голем успех и вечен хит во Македонија е означен токму со “Јас те љубам довека”, со негов авторски потпис. Голем хит, награден со престижна награда на “Валандово 1988”.
-Да, ја освоив третата награда од публиката за песната  “Јас те љубам довека”, и наградата на градот Валандово. Искрено да ви кажам поласкана бев што од толку пејачки, токму мене ме одбра Јанко. 

*Таа е преубава песна, со преубав фолк ритам, кој сосема би одговарал и кога би се препеала на српски јазик. Не ви падна памет да ја препеете?
-Сакав да ја преведеам на српски но сепак ми требаше дозвола од авторот, и бидејќи тогаш во тоа време одев и се враќав во Америка… Знаете како, многу одговорности, и се тоа отиде малку во втор план, а сега ми е жал ете што можеби можев тоа да го направам тогаш, но не е доцна ни сега. Сепак веројатно треба да прашам некого околу авторските права, иако јас ја отпеав таа песна, значи песната е моја. Но би сакала да ја преснимам затоа што навистина е преубава, и долго остана во народот.
Имавте ли други песни, други понуди од нашиот фолк маестро?
-Јанко и јас ја продолживме соработката на фестивалот на новосоздадените фолк мелодии во Илиџа во 1988 година, со една преубава песна која требаше да добие награда од стручно жири. Но, како што кај нас одат работите,  љубомората надвладеа, и наградата отиде во други раце, кај друга пејачка. Значи се беше местенка, но сепак и таа песна, “После тебе” долго се слушаше и беше обожавана и тоа е доказ дека вистинските песни се слушаа и имаат своја вредност. Има една анегдота односно една вистинска приказна кога  отидовме на фестивалот, го поканив Јанко и тој дојде со мене како поддршка и  навистина со тоа бодрење што тој ми го даваше мене јас бев сигурна дека ние навистина ќе добиеме награда. Но, потоа се виде дека наградите отидоа во други раце и мене ми пријде Зорица Брунцлик и ја пружи раката, а тука пак Мерима Његомир, бидејќи ја доби награда која требаше да ни припадне мене и на Јанко, ја пружи раката кон неа, а Зорица и рече “не тебе туку на Лана и пружам рака, песната на Лана ја заслужи награда на стручното жири, а не Ти”…

*Знам дека некогаш заедно настапувавте на Јадранска ривиера и со Жаклина, која подоцна му стана негова љубов и сопруга.
-Ете, драго ми е навистина, јас потоа слушнав дека Жаклина и Јанко се зедоа и дека тоа беше една прекрасна љубов. Дури слушнав Жаклина исто ја  преснимила песната “Јас те љубам довека”, тоа ми го кажуваа луѓето. На Жаклина се сеќавам како на една прекрасна личност, навистина една преубава душа и преубава жена. Мислам дека се заслужија еден со друг. 
*Штом сте соработувале, можеби повторна соработка е добра идеја. 
-Навистина, да. Ете, единствено можам тоа да го кажам, би сакала со Жаклина да отпееме нешто во дует, би ми било навистина чест, со што би се потсетиле на некои времиња, на едни убави времиња, да речам кога сите уживавме во друштво едни со други. Денес тоа го нема. Денес тоа е многу малку. застапено. Денес многу малку се добри и искрени луѓе и искрено да ви кажам навистина би била почестена кога би дошла на фестивалот во Валандово и кога би можела на публиката да и презентирам некои песни. Жал ми е што фестивалот повеќе го нема, но како и сè во животот, така остануваат во некои наши сеќавања тие доживувања, луѓе и работи. Додека нè има нас, кои сме живи легенди, новинари, пејачи и луѓето од тоа она некое убаво време, ќе постојат и тие приказни, затоа што ние ќе ги чуваме од заборав.


*Се сеќавам, имавте и други песни..
– Една песна која Јанко ми ја испрати, исто така ја снимив на мојата плоча. Се вика “Отишо си душо”. Но, имам повеќе  песни кои Јанко ми ги испрати на една касета, навистина се прекрасни и би сакала да ги снимам. Јас секогаш кога пеев негови песни ги потпишував дека е тоа Јанко Узунов,  дека тој е авторот.

*”Отишо си душо” минатата година во чест на маестрото, Горан Симевски ја сними  на македонски јазик.
-Не знаев дека ја препеа, но исклучително ми е драго за него, затоа што е срце од човек. Сакам отворени луѓе кои не завидуваат, се препознаваат добричките. 

*Навистина големи хитови Вие испеавте во Македонија. Можеби веќе размислувате за еден концерт во Скопје или уште подобро во Валандово во салата “Јанко Узунов”, пред Вашата публика…
-Драго ми е што е именувана сала “Јанко Узунов” , секоја чест, тоа е навистина еден убав гест на луѓето за човекот кој навистина направи прекрасни хитови и кој ќе остане запаметен воопшто како еден прекрасен композитор и прекрасен човек. Велам би била и среќна кога би можела да одржам некој концерт во Македонија, мислам дека дојде време, затоа што сега како зрела пејачка можам да пружам многу повеќе отколку што сум можела тогаш. И драго ми е што моите песни се пеат низ цела Македонија, па и во Америка во дијаспората, искрено да ви кажам, тоа го знам јас со децении живеев таму. Ја снимив и “Свадбарска песна” од Драги Митев, и “Љубов моја” од Мијалче Докузов и од Костадин Костадиновски, со која добив Гран при на “Филиграни 2019″…  две прекрасни песни кои ги отпеав во поново време, и треба да заживеат, сигурна сум долго ќе се слушаат затоа што се отпеани со срце, верувајте ми.

*За Вас се знае сè, бевте голема фолк ѕвезда во Југославија, особено кога го носевте псевдонимот Лепа Лана. Снимивте десеттина албуми, пеевте на сите фестивали во поранешната СФРЈ, но најинтересно е што снимивте и филм со Јосипа Лисац “Next door”. Навистина, ме интересира како се случи и како се реализира тоа? Каде се снимаше?
-Случајно ме покани една млада режисерка од Загреб, Саша Војковиќ. Јас требаше да ја глумам љубовницата на познатиот уметник Том Готовац и тоа е еден толку прекрасен филм, но јас глумам негативен лик, нешто што не сум во природа. Ја разбивам вратата со секира, а на едно мало дете му се заканувам со пиштол. Јас ќе ја донесам таа касета што ја имам, ќе ја префрлам на двд и ќе ви ја подарам да го изгледате тој филм. Јосипа Лисац пак е една премногу  прекрасна личност, толку ме одушеви, толку е едноставна. Всушност големите ѕвезди се нормални и едноставни, стојат на земја и не лебдат. Се снимаше во Загреб. Во филмот, сите беа познати луѓе, двајца оперски пејачи, пејачка и пејач. Јосипа Лисац беше мајка на тоа мало момче, која отишла со сопругот на кино и му рекла на синот ни случајно да не ја отвора вратата, за нешто да не се случи, да не гледа страшни филмови, меѓутоа нему му се случи страшно затоа што на вратата до себе слушна како двајца луѓе се караат и како јас удирам со секира… Ете, благодарение на младата режисерка се опробав и на филм, потоа ништо не слушнав за неа, не знам каде е. А уште нешто сакам да ви кажам, јас требаше да снимам  филм во Крушево, еден човек ми прати сценариото и за жал тоа никогаш не се оствари, тоа сценарио се уште го чувам. Поминаа години, дури го заборавив името на сценаристот, но ќе одам до своето биро да погледам како се викаше и малку да го “прочешлам” … 


*Кога ќе се заврши ова со пандемијава, верувам ќе ни дојдете во Македонија повторно.
-Ќе дојдам во Македонија сигурно затоа што тоа ми е желба, толку убаво се чувствував кога бев во 2019 година за “Филиграни”, затоа што не бев дојдена  буквално 28, 29 години а сите пак ме препознаа и на улица и во продавници, така што сепак можам да кажам мене ми е тоа сатисфакција голема кога ќе ме препознаат луѓе. Се надевам ќе дојдам и ви благодарам на сите што ме сакате и ме поканувате. Благодарам драга моја за интервјуто, благодарам на сите добронамерни што ме интервјуираа и ме замолија да зборувам за Јанко Узунов. Кога ќе дојдам во Македонија ќе донесам демо од песните што Јанко ми ги подари. Имам повеќе. Би било добро да се снимаат, со одлични аранжмани. Би сакала да испеам неговата песна, во дует со Жаклина. 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.