Месната заедница Галичник објави дека поради предизвикот со коронавирус, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на МЗ Галичник одлучил одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник „Пресвета Богородица“, односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација.
Во продолжение целото соопштение:
„Велат, традицијата е обичен притисок од умрените врз живите. Ние, нашите претци си ги каниме на свадба. Велат, традицијата е илузија на постојаност. Кај нас нема привид: сѐ дури ја имаме, живи сме и ние и нашите претци, тука се и тие што идат по нас.
Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати. Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација. Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре. Смислата на свадбата е љубовта. Ако се обединиме околу неа, нема нешто што е невозможно. За да сме живи здрави и на број (па и побројни!), да имаме свадби со сите салтанати, да си помогнеме. И да успееме и да не успееме, ќа нѐ пишит и ќа нѐ кажувает. Си ја зноеме работата! Свети Петар напомош!“