Поради големиот интерес на видео колажот “Тајните архиви на Скопје“ кој беше прикажуван во Кинотека и Кино Култура, се најавуваат уште две проекции кои се закажани на 13.12.2019 и 16.12.2019 од 20:00 часот во КОТУР. Носител на проектот „Тајните архиви на Скопје„ е НУФЦ Вардар Филм, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Покрај зачувување на овие материјали како културно богатство на градот, проектот има за цел да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении. Едно Скопје полно љубов, едно мирно Скопје кое во исто време во себе го содржи целиот жагор на скопјани. Целта не е само визуелно (преку снимки) да им го претставиме градот на новите генерации, туку и на емотивно ниво да го разберат животот на скопјани.
Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски.
За колажот од видеа, селектирани се материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки,излети во и околината на Скопје. Во нив се бараше белегот на градот, На-ма, Кермес, Дебар Маало со куќички, плоштадот со калдрма итн.Личната приказна на авторката Катерина Габунија, нејзиното детство и тоа што претставува овој град и начин на живеење за неа е надополнет со приказните од снимките .
Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и Скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата; туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.
Како дел од проектот “ Тајните филмски архиви на градот“ во КОТУР ќе бидат изложени 54 фотографии. Фотографиите се издвоени и развиени од дигитализираните 8мм и супер 8мм филмски ленти, од домашните архиви на скопјани, добиени по пат на јавен повик. Истите се селектирани од видео колажот “ Тајните архиви на Скопје“. Фотографиите снимени во периодот од 70ите до 90ите години од минатиот век го отсликуваат Скопје и животот на скопјани во овие неколку децении.
Изложбата ќе добие и интерактивен карактер, фотографирајќи ги протагонистите пред самите фотографии. Идејата е да се рекреираат спомените од пред неколку децении, будејќи бура на емоции.Новите фотографии ќе бидат изложени на следните закажани проекции во текот на јануари.
„Тајните архиви на Скопје„ е проект подржан од Град Скопје во соработка со Кинотека.
.