Пишува Валентина Ѓоргиевска Парго
Се согласувам со оваа своја констатација изнесена во насловот. Сосема се согласувам. Без намера подлабоко да елаборирам. Ама ако треба, ајде и повеќе ќе зборуваме на оваа тема. Се сеќавате кога последен пат сте гледале фестивал? И сте уживале во него? И сте чувствувале возбуда? И сте имале свој фаворит? И ви го задржал вниманието до самиот крај? Многу, многу одамна? Не е до вас. До фестивалите е.
Затоа што, ни времето е тоа што некогаш беше, ни фестивалите се тоа што некогаш беа. Некогаш се чекале со возбуда деновите на одреден фестивал, сега неретко тој ќе помине, а нема ни да дознаеме. Некогаш победникот го пречекува со цвеќиња и овации, сега со испразнета сала од посетители кои по завршување на песните си заминале, не дочекале прогласување на победник. А и сеедно им било. Фестивалите веќе не се важни. Фестивалите речиси ги нема ни во другите држави. Се одржуваат колку да поминат на редот, со некои нови и претежно “повозрасни пејачи” кои не се во цутот на својата слава, се помалку актуелни “музички ѕвезди” и се одржуваат по некои локални во мали гратчиња каде ништо и не се случува , и повеќе служат како настан за локалните жители, а не како настан на официјалната сцена. Но не само фестивали, нема ни официјална сцена. Таа новина ја донесоа глобалните интернет медиуми. Еве избројте на прсти некогаш само на ниво на поранешна Југославија, ако паметите, колку фестивали имаше, колку беа тие силни и какви песни и пејачи излегуваа од нив. И на нив беа присутни најсилните медиуми, сега не е така. И најсилните членови на жири, упатени, докажани, стручни, компетентни, не случајни. Сега не е така . Фестивалот пред се беше ревија, на кој како ретка можност ќе ни беше овозможено да ги видиме нивните пејачи, да ги слушнем и интерпретации и да ги слушнете изведбите во живо со оркестар. Тие беа подготвени за настап, и психички и физички, даваа се од себе. Нивните победи траат (со децении, и вечно) , сетете се на Хелена Благне и “Кога те нема” , Олгица Христовска и “Свирете ја зајди зајди” , Маја Оџаклиевска и “Не допирај ме”, Тања Кочовска “Твојте очи сине”. Ги слушате, се ежите, памтите се од нивниот настап. Како да беше вчера. Тука да изразам длабока почит за текстописецот на “Кога те нема”, Васил Пујовски, кој неодамна го напушти овој свет. За фестивалските калкулации пак во друга прилика. Песните на фестивалите беа пишувани од маестрални автори. Авторите беа умерени, а не предосадни, очајнички презастапени и компулсивно зависни и да ги има во секоја втора песна. Да се повторуваат и повторуваат самите себе си. Секоја песна беше оригинална, суштинска. Се работеше на неа, се размислуваше кој или која ќе ја испее. Имаше смисла а и се знаеше до каде можеше да се оди со тага, патетика, лична приказна. Официјалноста беше запазена. Победуваше или барем освојуваше награда некој од најдобрите, и имаше едно десеттина песни кои се лепеа за уво, а три сигурно големи хитови. И исто толку е евергринини. Денес тоа го нема. Денес изостанува и “човечкиот фактор” на сцена. Се пее плејбек што значи може било кој да се качи да одглуми, а и никој да не се качи песната ќе си тече, само пушти ја снимката. Денес секоја една песна ако е убава ја ставаш на јутјуб и самата си врши работа, или со помош на маркетинг агенција или продукција. Но, слушлива мора да биде. Со јутјуб фестивалите ја изгубија својата смисла и функција.
Затоа и публиката ги напушти. Ги напушти во оној дел што, или е присутна без изразен интерес, или не ги гледа. Како порано. Сега дури и по сила на радијата не може да стане радио хит постфестум како некогаш, зошто и тие немаат многу обврска да пуштаат македонска музика во поголема мера, и си пуштаат само што ним им се допаѓа. Или оцениле дека е добро за нивната програма. И? Што може и што треба да се направи за тие (фестивалите) да бидат повторно хит? За жал времето и трендовите не можат никако да се вратат назад. Ако некогаш, велиме, фестивалските сцени ни беа место каде прв пат ги слушавме и уживавме во песните, ете е тоа јутјуб и социјалните мрежи. Ако некогаш фестот ни беше можност да ги видиме како изгледа некој пејач или пејачка, сега тоа е фејсбук и инстаграм каде може секој ден да го следиме нивниот изглед. Ако некогаш фестивалот беше место каде се освојува парична награда, денес и тоа го има се послабо. Она што фестивалите за да задржат малку од своето, се што треба да направат е повторно да фаќање на дел од стариот имиџ, пеење во живо, со оркестар и со добри модерни и примамливи песни, не на плејбек, зошто е сето тоа како вештачко цвеќе. Ефтино, џиџано и без мирис. Сето тоа не чини многу повеќе финансии од тоа што се прави сега, само малку посилна волја и организираност, но ефектот би бил поголем. И екипа од професионалци, посветени на работата, а не случајни ликови. Иако пак ќе речам нема ни тоа да ги направи фестивалите волшебни како некогаш. Многу главни фестивали денес се укинати или поминуваат во сенка. Станува збор и за фестивали кои го обележува еден Париз, една Москва, едно Солун… Кои се паметеа, се прераскажува. Единствен фестивал кој го задржува вниманието е се уште Евровизија, но со силна трансформација во визуелниот дел. Сите други чиниш згаснаа.
Ах. Уште една работа е кобна и многу многи ги уназадува фестивалите. На нив се појавуваат истите фестивалски пејачки, истите (истрошени) автори, а истите креатори, истите уметнички директори. Можеби треба и самите фестивали да се свртат кон младоста. Таа е секогаш покреативна, да се обноват со млади сили до некаде условно речено 35-40 години, млади на кои трендовите им се стил на живот и стил на размислување. Тогаш и автоматски, по сила на сите тие фактори, на нив ќе се анимира и собира се повеќе млада публиката, зошто младоста има многу повеќе што да каже и за љубовта и за разочарувањата во љубовта. И за песната. А и да го направи тоа модерно и со младешки дух, полна енергија и полна креативност. Зошто вака, гледаме, фестивалите веќе не се хит, а може барем да се обидат да бидат.
А на почетокот и за крај, потсетување на времиња кога Фестивалите беа тоа што треба да се! Безвременски песни и настапи! Од не толку дамнешни времиња, кои полека исчезнаа!