Маестро Џијан Емин од 19. до 24. Декември, минатата година, престојуваше во Дубаи со голема задача- како музички директор на музиката на која се поставија и се одржаа седум концерти во грандиозната сала Експо сити.
Станува збор за изведба на песни за кои како подлога послужи музиката која тој со оркестарот ја сними овде, а таму имаше обврска сето тоа добро да го вкомпонира во едно, со пеењето на младите пејачки ѕвезди од Лондон.
-Музиката е снимена со “Меџикл Оркестра” во студиото “Подрумот” заедно со Ангел Ќосев, и во камерата сала на Филхармонија, заедно со Ален Хаџи- Стефанов. Јас ги изработив аранжманите. Таму отпатував како музички директор, а за сѐ да е беспрекорно работев со пејачите на подготовка на шоуто, односно на проектот насловен “Carols By Candlelight ”. Вокални солисти беа неколку неверојатни млади актери тазе дипломирани на престижната лондонска школа Вест Енд, кои несомнено се на прагот да станат светски познати ѕвезди и една млада неверојатна пејачка од Либија. Се одржаа седум концерти, ни раскажа диригентот по враќањето.
Концертите се оддржаа во Експо сити Al Wasl Plaza, во еден неверојатен простор кој наликува на Сферата од Лас Вегас, со 360 степени купола каде секоја површина е LCD дисплеј поткрепено со најсофистицирано озвучување Атмос Долби со 27 канали.
-Проектот беше една од многуте соработки кои ги имав изминативе години со продукцијата БКП од Дубаи, со која имаме заедно работено на најголемиот огномет во светот кој постави и Гинисов рекорд, на дрон шоу со 1500 дронови, на отворање на највисоката зграда во светот Бурџ Калифа, музика за Дубаи ТВ, и уште многу други проекти, вели маестрото.
Хах! Мечти и амбиции остварени како на филм, навистина фасцинантен успех на нашиот оркестар, на ранг на најголемите светски случувања, под водство на маестро Џијан, нешто кое веруваме и во иднина ќе заживее преку успеси од ваков и поголем формат.
Валентина Ѓоргиевска Парго