Емотивна Беседа за проф. Ленка Гогоска -Попоска (1940-2024)

Во организацијата на Сојузот на просветните работници на Македонија и семејството, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, постхумно се одржа настанот, „65 години просветителска и хуманитарна дејност на проф Ленка Гогоска.

Вечерта претставуваше емотивна размена на искуства и знаења за образованието, неговиот развој, за просветителската дејност и придонесот на професорката, кои се присутни во сите делови на овој главен дел на секое општество. Вечерта беше своевидна, Беседа за животот и делото во рамките на образованието, на проф. Гогоска.

Присутните соработници, претставници, професори, поранешни ученици и студенти, со многу љубов и професионалност, ги насочи кон највисоките вредности во образованието, кои проф. Гогоска ги дала, познатиот новинар, публицист , рецензент и автор, кој беше нејзин долгогодишен пријател, соработник и колега, Мишо Китаноски.

За професорката зборуваа и претставниците на Сојузот на просветните работници, најстарата организација од просветителите и тоа: Слаѓана Стаменкова, Раско Лозаноски и Билјана Мишева. Тие зборуваа за исклучителниот придонес на проф. Гогоска, врз основа на просветителската и учебникарската дејност, па оттаму и на целокупниот образовен систем.

 

На средбата на присутните се обрати и почитуваниот Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеници, понесен од дискусијата, и сознанијата за делата на професорката, а повод големата донација, што семејството го даде во месец октомври, 3000 книги за македонските училишта, библиотеките и црковните општини , низ светот. Г-дин Ангелов, ја искажа својата благодарност за она што го направила проф. Гогоска, во интерес на негување на македонскиот јазик, негување на воспитанието на генерациите и на образованието како столб на општеството.

Во името на сите студенти зборуваа, Лина Матеска, наставник во ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје, која многу емотивно и со поклон ја поздрави професорката и Виолета Јаневска, директорката на ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец, која зборуваше за односот на професорката кон неа но и кон сите студенти како воспитувач и професор. 

На настанот беа присутни и претставници од Општина Кисела Вода, кои беа поддршка во реализацијата, во знак на почит кон проф. Гогоска. Настанот го водеше единствената Снежана Конеска, која е и наратор и документарен филм „Творештво врзано со семејни вредности“, од кој на крај од средбата, беше прикажан мал дел.

На крај, во името на семејството зборуваше Татјана Гогоска, постарата ќерка на професорката, која е новинар и автор и емотивно со присутните ги сподели предизвиците и благодетта, што значело да се има Ленче, како мајка, баба и прабаба.

Пораката од проф Гогоска :“Да се ​​зборува и создава на нашиот мајчин македонски јазик е привилегија, но да има таа можност да се образуваат нови генерации е Божји благослов“, беше мотив на оваа средба , на која и се оддаде почит и голема благодарност за големиот придонес во образованието и просветната дејност во Македонија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.