Вистинска чест и исклучителна прилика беше денешната пладне на дружба на британскиот продуцент Стив Абот со новинарите, во амбиентот на МКЦ клуб ресторан. Долгогодишниот соработник на „Монти Пајтон“ и продуцент на нивните филмови, престојува во Скопје, каде синоќа, 13 ноември, ја прими наградата за животно дело, од Фестивалот на европски филм „Синедејс“.
– Јас сум прв пат во Скопје и на Балканот воопшто, и навистина сум многу изненаден од тоа што го видов овде. Изненадувачки е колку публиката знае се за “Монти Пајтон” , видов многу убави филмови “Медена Земја” и “Петрунија” . На два милиони луѓе вие имате подобри филмови и од нас, Велика Британија. Какво пријатно изненадување за мене. Утре во 7 часот изутрина си одам, малку ми е тоа што бев овде само дваипол дена, искрено ни изјави Стив Абот при нашата средба, на која редно беше да се запее и рефрен од најпознатата “монтипајтон” песна “Always look on the bright side of life”.
На Абот му беше доделена награда за животно дело, за долгодишно посветено работење со групата која годинава одбележува 50 години од првото емитување на нивната комична серија „Летачкиот циркус“ на Би-би-си. Наградата му ја врачи амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј пред синоќешната проекција на „Смислата на животот“ – еден од петте филма на „Монти Пајтон“ кои се на програмата на „Синедејс“, заедно со „Монти Пајтон и Светиот грал“, „Житието на Брајан“, „Монти Пајтон во живо од Холивуд Боул“ и „А сега, нешто сосема поинакво“. Абот одржа и мастерклас во рамки на придружната програма на фестивалот “Синедејс” . Стив Абот од 1979 до 1997 со неговата бизнис партнерка Ен Џејмс ги менаџирал „Монти Пајтон“ и со Џон Клис, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин ги основаат „Prominent Features“ и „Prominen Television”. Во текот на овие 40 години од неговата кариера има работено со некои или со сите Монти Пајтонци, живеено и работено во Холивуд, како и патувано низ светот на поголеми филмски фестивали и настани. Станал почесен доктор на науки на Универзитетот во Бредфорд во 1998 година и почесен соработник на колеџот Бредфорд во 2012 година и има магистрирано на Универзитетот во Кембриџ, каде што бил стипендист на катедрата за математика.
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.