ЕКСКЛУЗИВНО СО ЃОКО ЃОРЧЕВ И ЈОВАНКА ЈО: Нашата дуетска песна е ѕвон и магично нѐ прави сите да бидеме млади!

186

26.09.2024

Ова мегаинтервју што го правевме во кафулето “Лола” во МОБ мене ми спои две различни времиња, фамозната 2000 година кога во холот кај гримиорните токму тука нѐ пресретнаа фотографи и го овековечија моментот на новогодишен бакнеж што го добив од Ѓоко по еден негов настап и со таа фотографија го честитаа новиот милениум во тогашното списание “М експрес”…
И времето сега, кога го овековечувам моментот со Јованка Јо на која ѝ посакувам успешна кариера. А, Ѓоко, веќе одамна ја има.
Разговорот е срдечен, топол и долг, со еден дамнешен пријател со кого долго не сме правеле интервју со повод, а секогаш кога сме имале добар повод добивал цели страници во весник, и со една нова пријателка, разговор во кој сите тројца уживаме, понесени од песната “Со душа живот украси ти” што ја испеаја на неодамнешниот “Тумба фест 2024” во Куманово.

*”Живеј, не листај спомени!” О, каков рефрен. Ни направивте пресврт во идејата и менталитетот, бидејќи ние сите кога влегуваме во една возраст, велиме: “е сега да си се потсетам кога ми беше убаво”, но вие како да ни заповедавте добронамерно “Стоп, не враќај, го менуваме филмот, продолжи да живееш, живеј!”.
Ѓоко Ѓорчев: … ми го даваат текстот да го видам, читам “не листај спомени”… гледам треба да се пее за животна другарка “иста си како некогаш убава” ама и “горда старица” ќе бидеш и на крајот вели “не листај спомени”, затоа што животот на некој начин продолжува, не е крај, крајот никој не го знае. И си велам себе си “Ама годините се дефинитивно само бројка”. Битно е што чувствуваш во себe, тој духот што нѐ носи, тој е тој што ни дава сила, моќ, а песнава го нагласува токму тоа. Песната ни дава нешто посебно. Преку самиот текст тоа го слуша и слушателот, а и преку мојата и интерпретацијата на Јованка, ние му даваме душа и емоција и го донесуваме до сите слушатели, преку една балада која е поспецифична од сѐ што сум успеал досега. И сега што сакам да кажам- дека животот трае и дека требад да се живее со полни гради и во овие години, еве јас сум сега 69 години. Во овие 69 години не треба да речеме крај е, “маратонците го трчаат почесниот круг”, не, не, не. Далеку од тоа. Ние треба да речеме “Животот продолжува, дај да живееме, зошто да не бидеме млади?”. Па зошто да не, батали го некогашното време. Сега ова е времето кога ние живееме и треба да живееме. И оваа песна на свој начин и мене и на Јованка па и Вам, ни дава нов живот. Ништо не е крај, ништо не е изгубено, секогаш постои надеж, ако има љубов, ако има здравје, ако има среќа, ако има сѐ, одиме понатаму и готово.
*Млада жена а горда старица. Јованка, како психолошки го доживеавте и си го визуелизиравте ова, за да можете така сугестивно да го изведете на сцена?
Јованка Јо: Како го доживеав. Млада? Благодарам- млада сум, колку што треба толку. Не знам што треба една жена да има за да е горда старица, кога ќе бидам стара ќе знам, а сега знам што треба да има една жена на овие години- 47. Прво треба не само жената, туку секој човек, да се стреми да се пронаоѓа себе си. Во секој момент. Дефинитивно го поддржувам тоа, бидејќи кога сме помлади мислиме дека сѐ знаеме, како одминуваат годините уште повеќе се запознаваме себе си. А јас како се запознавам? Кога сум сама си правам анализа што сум погрешила, зошто, како да го променам, што можам да направам да биде подобро? Исто така и медитирам и сум во хармонија со себе си и се стремам сѐ повеќе да работам на себе, секој ден.

*Многу лесно ги откривте годините како од шега и Вие и Ѓоко (двајцата велат во еден глас: па што?!), што мислам дека можеби песната помогна, бидејќи рековме дека некако сите нѐ пробуди и од нас излезе она закоравено сфаќање, на негово место дојде нивото, дека треба да ги оставиме годините како бројка зад себе и да одиме понатаму.
Јованка Јо: Се согласувам дека треба да живееме сега. Текстот кога го слушнав, мене ме понесе. Во некоја песна понесува музиката, во некоја текстот. Мене текстот овде ми беше фантастичен, па уште кога ми кажа авторот Цане Петров дека ќе биде со Ѓоко Ѓорче јас навистина само реков “Ти благодарам Господе”.
Ѓоко Ѓорчев: Јас пред малку нели реков дека имам 68, а всушност во декември ќе направам 69 (Ѓоко, па Вие си додадовте од толку што се охрабривте, браво, н.з). И сега видете, во мојот живот, Валентине, има еден човек кој е мој идол, кој ми е мој животен мотив, во смисла на музички мотив. Тоа е Том Џонс. Јас од своите најрани детски години ги пеев песните од Том Џонс и од Енгелберт Хампердинкт. Бев дете кога во холот на мојата куќа пеев песни од Хампердинкт, а мајка ми, Хрватка, Бог да ја прости, баба Зденка, ме прашува: “Јели сине, а шта ти то пјеваш?”. Велам- мамо една песна на Хампердинкт. “Ко је то?”. Јас ѝ објаснувам дека сум го слушал на радио. Тогаш немавме како сега што има разни чуда, телевизии, канали, интернет, тогаш постоеше една радио станица, Луксембург и таму најмногу ги слушав тие пејачи. Тие се тие што ме следат, паралелно со мене јас со нив живеам. Јас живеам со светот на Том Џонс и Енгелберт Хампердинкт. Сум се родил кога тие биле големи ѕвезди, Бог ми дал тоа што ми дал со гласот и полека јас одам со нив. И сега, стигнуваме до главното прашање. Том Џонс има 84 години. Том Џонс на 84 години прави по 40 концерти годишно. Јас сум 69., 15 години помлад од него. Ако може мојот идол најдобриот пејач на сите времиња- Том Џонс, да пее на 84. и да пее толку убаво, можеби тоналитетот му е малку намален, но затоа таа негова боја на гласот и ден денеска е иста … Значи, ако може тој да пее, зошто да не пеам јас? И, во што е целата филозофија? Тој е тој што ми дава сила, снага, моќ не да речам- јас сум пензионер, сега дома ќе си легнам, ќе си пуштам телевизор и ќе си гледам некое филмче. Јас си гледам филмчиња и ден денес задолжително, но секој ден имам еден час за мене и за мојата музика. Си одам во другата соба и си почнувам да си пеам. Значи, и на мои 69. години и по толку голема кариера јас си пеам.
*Сте научиле доста важна работа од Том.
Ѓоко Ѓорчев: Еднаш во едно интервју го прашуваат: “Како го одржувате вашиот глас?” а тој одговара “Многу едноставно, не треба ни лекови, не треба ни хемија. Пејте си по половина час дневно и секогаш ќе бидете добро. Тоа се, вели Том, два мускули кои треперат, ако тие мускули паднат еден ден, нема назад, затоа треба да ги одржувате”. Како што некој вежба во теретана, исто е тоа.

*И сега оваа песна буквално Ве подмлади.
Ѓоко Ѓорчев: Кога ја добив песната помислив на него и дека годините се само бројка, ништо повеќе. Знам многу луѓе кои се помлади, многу се помлади и од мене, а верувајте делуваат како тешки старци. Млади, а старци. А има и луѓе кои се многу и постари од мене, а делуваат како момчиња, дечки. Па си велам: ако ме чува Господ, ако ми дава здравје ако ми дава сила, ако мојата плуќа и мојот глас се добри, јас ќе си терам, ќе пеам и понатаму и ќе снимам и нов албум, и ќе правам концерти и ќе настапувам секој ден, секоја недела. Ние со Кате Танева од “Нели ти реков” полниме сали. Нема ден да не сме во некој град. Тоа трае една година и половина. И што сфатив? Јас пред тоа бев само исклучиво фестивалски и концертен пејач. Сфатив дека вистината ја најдов сега на овие мои години. Вистината, е Валентине, јас кога ќе дојдам во некој објект и ќе ви пејам и сите вас ќе ве расположам, тоа чувство ме прави среќен и млад.
Јованка Јо: Меѓу луѓето.
Ѓоко Ѓорчев: Меѓу луѓето. Тука е вистината, тука е целата приказна, тоа е штосот.
*Интересно. Знаете што? Вие сега сте се пронашле, сите ние се пронаоѓаме не знам кој на која возраст, а Јованка вели дека секој ден се испитува. И сега во рамките на тоа испитување кога Ви рекоа ќе пеете со славен пејач кој е генерациски со извесна разлика, се посомневавте како ќе испадне сето тоа или знаевте дека спој на генерации може да даде и најдобра приказна?
Јованка Јо: Воопшто не го помислив тоа, туку едноставно се израдував. Затоа што јас од мала сум го слушала Ѓоко Ѓорчев и да речам чичко не ми оди, затоа што неговата душа и ентузијазам јас ги обожавам. Едноставно навистина се израдував и само реков “Ти благодарам Господе” што еве мене ми отвори шанса да пеам со едно музичко име, пред сѐ со преубава боја на глас. Бев воодушевена!

*Можеби во некоја друга комбинација, да не беше толку сугестивна песна и немаше да делува толку идеално. Во случајов, сѐ помогна. Знаете, кога ве гледам на сцена како да нема разлика во години, како да нема ни младост, ни старост, времето како да стои, нешто безвременско донесовте и како слика и како звук, воопшто.
Јованка Јо: Па јас се надевам дека е така. И навистина ќе ми биде драго, затоа што како пејач важни ми се текстовите, а оваа песна баш има текст со една преубава порака, голема порака. “Живеј, не листај спомени!”. Живеј сега. Не знаеме што ќе биде утре, тоа што било вчера може само да не враќа и да нѐ кочи, а што ќе ни е тоа?!

ОСТВАРУВАЊЕ НА СОНОТ!

*Тоа е веќе ода, химна на животот, не е обична песна, може да се рече… Рековте дека ви се остварила среќа да настапувате со македонскиот Том Џонс, но јас ќе речам и сама си ја отворивте среќата. Вие настапувавте на едно шоу, “Никад није касно”, од каде што луѓето ве видоа. Тука таква шанса не ви беше дадена. Нашите таленти се пробиваат преку Србија за да се вратат овде познати, но сметам дека Вашиот е прв успешен случај затоа што пејач без продукција колку сака во одреден момент нека е популарен, нема ништо од тоа. А вие се враќате со телевизиска слава и веќе добивате песна со која ќе го оправдате статусот.
Јованка Јо: Па ете сега да спомнам. Се пријавив, кога одлучив дека сакам да бидам на шоуто “Никогаш не е доцна”, кога самата посакав. Пред тоа многу пријателки ми велеа “пријави се”, но јас не се чувствував психички подготвена. И што се случи? Една вечер помислив- “Можеби сега ми е моментот, иако сум млада!”. Утрото се пробудив, ја најдов онлајн пријавата на интернет и се пријавив и никому не кажав. Тоа го направив затоа што така ми дојде одвнатре. Го почувствував. Едноставно ми се случи тогаш кога требаше да се случи, тогаш кога бев јас подготвена да го изодам тој пат, бидејќи тоа има многу предизвици. Му благодарам на Бог, убаво испадна сето тоа и станав видлива за композиторите зашто претходно не бев. Јас пеам 20 години, од тоа живеам, нон стоп сум со публика, но не сум била медиумска, а ни сценска личност. Е сега тоа ми ги отвори и “Валандово” и “Тумба фест”, со овој прекрасен дует, што ми е драго.
*Како се случи спојот?
Ѓоко Ѓорчев: Како велат- не да кого е правено, за кого е пишано. Што сакам да кажам? Цане Петров ми се јавува “Ѓоле имам за тебе нешто фантастично, ти тоа можеш да го отпееш така и никој друг”, и вели дуетска песната, а другиот вокал ќе биде Кате Танева. А со Кате ние го имаме оној големиот евергрин “Последен танц” или како што рече текстописецот Огнен Неделковски “Ѓоле ова е песна на векот, тоа е врв и кога ќе нѐ нема нас, ова ќе остане и уште поголемо ќе биде”, на музика на Сашо Георгиев и аражман на Слободан Марковиќ кој му ги прави аранжманите на Чолиќ. Но, во тој момент Кате откажува, треба да пее на “Охридски Трубадури”, а тој ден ѝ доаѓаат и музичари од Хрватска со кои мора да биде. Му кажувам на Цане Петров дека Кате е зафатена, а јас Јованка не ја знаев, само му велам- “Ајде најди ми некоја убава пејачка што знае да пее”. Ми вели “Ѓоко ти најдов пејачка која ќе одговара на Твојот глас. Јованка Јо”. “Која е таа?”, прашувам. Ми кажува дека пеела на “Никад није касно”, но пак го прашувам “Знае ли да пее? И други пееле на “Никад није касно”, па не знаеле да пеат”. Ми препорача да ја слушнам на Јутјуб. Вечерта ја слушам на професионални слушалки, пее една француска забавна, пее песна од Тереза Кесовија, значи пее песни кои се стандардно високи, а ти не можеш да пееш од Тереза ако не знаеш да пееш, ќе биде смешно. И му велам на Цане “Знае да пее, готово кажи ѝ ќе пее со мене”. И јас побрзав ѝ се јавив и ѝ велам: “Јованче, овде е Ѓоко Ѓорчев ќе пееме заедно”. Ми одговори дека многу ѝ е драго и таа отиде прва ја отпеа песната во студио, го направи севтето, го сними својот дел, а потоа мојот дел го отпеав јас. Авторот каде што требаше да ги вкомпонира вокалите ги вкомпонира и песната се формира. Ми ја пушти, велам Топ! “И не е уште готова, ова е демо снимка како ќе звучи допрва ќе знаете кога ќе го добиете комплетниот продукт” ми вели Цане и ми го дава на неколку дена пред “Тумба фест” и ми вели- маестро повели. И јас го слушам велам “Ѕвон е, ѕвон е”, Цане одиме. А, Цане е многу интересен човек, страшен композитор и многу добар, многу го почитувам. Вели: замисли Ѓоле кога ќе го отпеете вие тоа на звучници од неколку илјади вати и кога ќе грмне, има да биде хаос!

*Смеам да забележам дека според мое мислење за сите вас излезе подобро што не можеше да дојде Кате, бидејќи на некој начин ќе беше сфатено како повторување на вашата поранешна позната песна, а во случајов Ѓоко си добивте нова партнерка за пеење, Кате остана уникатна со тој некогашен спој, а Јованка влез на голема врата.
Ѓоко Ѓорчев: Тоа што го кажувате сега го кажа и човекот кој ја направи “Последен Танц”, тоа е Сашо Георгиев, “Ѓоле подобро допадна вака, Ти и Кате со “Последен танц” си останавте, тоа е песна за сите времиња. Оваа песна што е сега ја пееш со Јованка е со друг вокал. Вие донесовте нешто ново со вашите интерпретации. А ако беше со Кате секогаш ќе ја ставаа на вагата која е подобра дали оваа или “Последна танц”. А сега, имате песна која продолжува каде што застанавте со Кате. Нешто ново, ама нешто кое пак трајно ќе остане и ќе е вечно”. Сѐ беше некоја наша заедничка среќа голема. Кате не може да пее, разлика е во 24 часа од фестивал до фестивал и наеднаш се уфрлува во мојот живот жена која е целосно непозната, внесува нова енергија и фактички со оваа песна на некој начин ѝ се отвора и неа некое ново поле, нов правец- ете ќе речат Јованка имаше песна и со Ѓоко Ѓорчев. И јас лично ќе кажам и јас имав песна со Јованка Јо. А на крај никогаш не е крај, да ние пак да не отпееме нешто со неа.
*На “Тумба фест” имавте голема предност со настапот, затоа што сите други иако пееја тематски поинакви песни со многу респект ве прифатија без да речат “е што па сега вие ни упаѓате?”, обично кога нешто отскокнува може да се побунат другите да речат “дојдовме тука да пеем сите исто”…
Ѓоко Ѓорчев: Јас само реков благодарам многу на “Тумба фест”, благодарам на Цане Петров благодарам на Јованка благодарам на Боби Петковски за текстот и големо благодарам на моите колеги кои донесоа многу големи хитови. За прв пат пеам на “Тумба фест” и слушнавме многу убави песни, за разлика од други фестивали.

ГОДИНАВА И СЛАВЕНИЧКИ КОНЦЕРТ

*Јованка морам да ве прашам нешто искрено и искрен одговор очекувам. Да се најде една македонска пејачка на една таква голема сцена од каде се разменува енергија со милионска публика преку “Никогаш не е доцна”, возбудливо шоу кое сите го сакаат, е многу силна енергија и треба да се издржи. Но, веќе кога настапувате на една сцена колку и да е помала но со нешто свое, тука веќе не е само гласот во прашање туку и својата душа. Тука веќе се давате себе си бидејќи тоа сте Вие. Тоа е Ваше чедо што би се рекло.
Јованка Јо: Да да. ..
*Сега можеби не може да се спореди, но кога веќе зборуваме за гордост на жената, мора нешто тука да има малку поголема доза, меѓу тие два настапи. Не зборуваме за среќа, возбуда, ами за гордост.
Јованка Јо: Поголема гордост? Значи искрено ќе кажам дека ми е тешко да разграничам затоа што тоа ми беше едно друго искуство потполно нешто ново, а фестивалот ми е сосема поинакво. Значи пеев една преубава песна со прекрасен вокал, прекрасен човек, навистина не можам да разграничам.

*А што ви отвори повеќе надеж, тоа таму или ова овде? Ѓоко многу убаво кажа, сега вас ви се отворила една порта, велам “Отвори се сезаме” и Вие влегувате…
Јованка Јо: Па, да се случи некоја промена кај мене дефинитивно. Јас и во шоуто кажав и сега ќе кажам- работам да немам очекувања. Значи, некогаш сум сакала да пеам на фестивали, но не ми се отворало, дали финансии биле во прашање, дали не можело да се најде песна, дали некој друг проблем. Сега едноставно ова самото се отвори и затоа јас велам нека ме води Господ што треба, како треба, до каде треба, јас тоа да можам да го препознаам и да го донесам како што треба. Едноставно сфатив дека сите работи не зависат од мене, туку некогаш нештата се случуваат сами од себе. Непланирано. Кога ми кажа Цане дека Кате нема да може, помислив: “Господе како се случило тоа?”.
Ѓоко Ѓорчев: Ништо не е случајно, сѐ е со причина. Знаете, сѐ во животот Валентине е со причина. Нешто ќе се случи за да се случи тоа другото. Да го темпираш , да речеш ќе го направиме вака не нема да се погоди. Бог е оној што е главен. Без него ништо не бидува. Тој е тој што диригира. Зборот ми е друго. Јованка со ова доби ветар во грбот таа да може да напредува. Многу е помлада од мене, но мое мислење е дека ќе направи кариера. Има младост, има вокал, таа е темпераментна, мила е, добра е, само треба да има добри композитори и добри песни. Сега веќе имаме прекрасна песна, ќе правиме и спот со што ќе стане уште поголем хит, кога ќе ја пуштиме секаде по телевизиите. Благодарам многу до вас новинарите посебно вие што дадовте многу голем осврт на фестивалот и благодарам за ова интервју што ќе го добиеме, многу е битно тоа. Оти видете. Ние сме чудна земја во Македонија. Ако не застане некој зад тебе не можеш ништо. Сега ќе ви кажам една вистина. Во Хрватска е приказната сосем друга. Таму има човек кој одлучува дали ќе бидеш аминуван или нема да бидеш аминуван. Ти можеш да пееш и да бидеш ѕвезда- ти не можеш да пееш ти нема да бидеш ѕвезда! Во Македонија исто има такви луѓе и многу е важно некој да застане зад тебе. Некој да застане зад Јованка. Таа сега има песна со која покажа дека е прекрасен вокал, дека може. Нејзе ѝ требаат сега добри композитори добри песни, по некој фестивал и награди, што за мене не се ни битни на крај на краиштата, но како ќе поминува времето таа ќе се гради сѐ повеќе и повеќе и мислам дека ќе биде голема македонска ѕвезда.

*Веќе се вивна Јованка. Но знаете што? Вака гледајќи ги нештата Вие Ѓоле бевте првиот што оваа песна практично ни ја покажавте пред многу години, тоа кршење на тие предрасуди околу годините затоа што Ѓоко Ѓорчев кога стапна на Макфест не беше 16- 17 годишник. Ги следев од прв ред сите Ваши макфестовски настапи
Ѓоко Ѓорчев: 35!
* И некако сите велеа: па пејачов не е млад.
Ѓоко Ѓорчев: Да, да, така беше!
*Значи уште тогаш покажавте годините колку и да ги наметнува општеството како пречка, за Вас не важат.
Ѓоко Ѓорчев: На еден фестивал “Охридски трубадури”, пеам јас (инаку со години не настапувам и реков на фестивали не сакам да пеам), еден човек стои до Григор Корпов и му вели “Што го викате човеков стар е веќе!”. А тогаш сум имал на пример 60 години. И јас го погледнав, ми дојде горко на душата. “Како бе стар сум? Што зборува овој?”. Чекај малку. Зар е стар Здравко Чолиќ, зар е стар Дино Мерлин, зар е стар Жељко Бебек? Најдобрите вокали на ниво на Југославија па сите се постари од мене по 3-4 години. И ‘ршум прават. Дури и Мишо Ковач што е 83 дури и тој знае да пее. А за Тереза да не правиме муабет, таа е активна на 82. Значи каква старост, годините се само бројка и ништо повеќе. Само ако го имаш тоа тука (покажува кон градите) и ако е добро функционира- крај! Нема проблем, одиме понатаму.


*Би рекла за Вас, бидејќи сте многу специфичен и со право ве нарекува македонскиот Том Џонс според вашиот нели идол, сепак мора да се внимава и да се направи специфична песна затоа што од “Последен танц” досега другите песни беа добри, но оваа сега го извлече од вас она лавовското.
Ѓоко Ѓорчев: Цане убаво кажа, вели- Ѓоле ти си посебен пејач, многу е тешко човек за тебе да прави песна. Зошто? Ти не си пејач што пее “тике тике тачке”. Ти си тип на пејач кој пее My way, Yesterday… А оперската пејачка Серафима Фантаузо ми вели “Ти немаш вокал, ти имаш оркестар во грлото. Кога тенор оди нагоре се собира, а кај тебе се шири, тоа го имаш ти. Тоа Бог ти го дал. Затоа ти си специфичен…”. Затоа е специфично да се направи песна за тебе и композиторот многу добро треба да се потруди да влезе во тебе, буквално во твојот мозокот во твојот вокал за да измисли нешто. Еве, на пример “За еден ден молам”, песната што ми е исто голем евергрин од Григор Корпов (му ја запејуваме со Јованка и се меракосува)…тоа кога го пеам тоа цели сали пеат со мене. Е тоа е тоа што велите вие и затоа кај мене е тешко да се направи песна.
*Авторот Цане ептен Ве погоди.
– И сега морам за крај на ова интервју на кое нѐ поканивте мене и Јованка јавно да му се заблагодарам прво на Цане. Тој е еден многу смирен, стабилен човек, а јас многу обожавам композитори и продуценти кои се смирени. Не “живчани”. Ми направи прекрасна песна која ќе ми остане засекогаш и дефинитивно ќе биде евергрин.
*Повторно во втора младост ве стави, нели?
Ѓоко Ѓорчев: Да. Тоа е едно. Друго- со него имав уште две искуства ние ја направивме “Јовано, Јованке” со Катерина Брезева и “Море сокол пие” со Катерина Танева. Значи ова е продолжување. Нашата соработка ќе продолжи. Ми вели: имам за тебе материјал уште нешто да направиш, да отпееш и да се надвишиш и сам себе си. А ти сѐ можеш да отпееш. Дури и знаете што друго ми вели? “Ти си многу интересен пејач. Влегуваш во студио и јас ти кажувам- Ѓоле ти оваа треба да пееш. И ти го земаш текстот, го читаш, го анализираш и пееш. Јас те слушам и си велам- дали е тој свесен што пее и до каде пее и како пее? Не изобличуваш, не дистонираш, не паѓаш, држиш линија и кристално чисто звучи сето тоа. Просто уживам кога работам со тебе”. А мене многу ми е битно што работам со таков композитор и продуцент. Многу голема благодарност и до текстописецот Боби Петковски, кој направи животна песна.
*Досега ваков убав текст со ваква порака сме немале!
Ѓоко Ѓорчев: Текстот е толку моќен, благодарение на Боби Петковски (на двата фотоси подолу). Боби е голем текстописец. Му ја прочитав книгата “Голем мераклија” што ми ја подари, сите песни му се прекрасни. А текстот за песната наша, не е да е погоден туку тоа е Бинго, седумка на лото (џеткпот, додава Јованка), а верувајте ми прво што луѓето го слушнааат е текстот, а потоа музиката.

*Цане мајсторски го има обработено музичкото прераскажување на блескавите стихови. Кога да се крене, кога да подзапре, кога да продолжи…
Ѓоко Ѓорчев: И не само тоа, има една голема работа. Уметност е продуцирањето и компонирањето, но аранжманот е врвот- тоа е најголема работа. Не е тоа по неготински да кажам “само да го набијам со инструменти”. На гитара оваа се води. Цане вели- вие почнувате и една гитара и никој друг, и на крај завршувате сами акапела. Доволно е.
Јованка Јо: Сакам да додадам за придружните вокали тоа беше исто негова идеја, нема придружни вокали. Нема друга вокална поддршка. Освен нас. Кога е “стоп-от” тогаш има поддршка од гласови и тоа е сѐ дел од аранжманот.
Ѓоко Ѓорчев: Песната е совршена и кога да ја пуштам на фејсбук имам по две, три илјади прегледи. Тоа кажува дека народот ја сака. Коментираат дека им е убава. И кога си дојдов во Неготино пост- фестивалот, од сите страни ми се јавуваа да ми честитаат- Ѓоле песната ви е многу убава, многу душа, многу емоции, прекрасен текст, прекрасна, велатлуѓето и тоа им давало надеж.
*Има една многу убава песна Доли Патрон ја пее со Кени Роџерс...
Ѓоко Ѓорчев: Islands in the stream (Јованка почнува да ја пее).
*Еве и по децении тоа е песна што не се надминува. Значи тие дуетските кога ќе се погодат, погодено е.
Ѓоко Ѓорчев: Валентине, јас сум пејач сега 35 години славам, ќе ве поканам и на концерт, ви велам најтешко е дуетска песна, да се усогласи интонацијата, да легне, да звучи изедначено како едно…
*Јованка, бидејќи сега Ѓоко најави ќе прави гала концерт, зошто да не му одите со Кате двете за изненадување. Да му ја испеете “Со душа живот украси Ти”?
Јованка Јо: Може зошто да не убава идеја.
Ѓоко Ѓорчев: Јас морам да направам тоа ми е долг кон моите обожавателки и обожаватели, морам. Моите 35 години да ги прославам со нив. Точниот датум не го знам, но ќе биде до крајот на годината. Или во МОБ или во Филхармонија. Точно е дека Македонската опера и балет е нашата национална установа број еден во Македонија, тука пееле најдобрите пејачи на Европа, тука пеат нашите најдобри оперски пејачи и чест е човек да направи солистички концерт. Ќе го имаме и Марјан Јовановски еден од најдобрите баритони не само овде ами на подалеку од нашите простори. Еве Маријан Јовановски беше тука предмалку, со мене, ми потврди. Ќе имаме и други гости од Македонија и еден мој драг пријател од Хрватска. Заедно пеевме на Корчула, заедно пеевме во Охрид страшен вокал, мое годиште, големо име, може и тој ќе биде гостин.
*Јованка се чувствувате ли сега веќе заштитена во сцената и дека влеговте како што треба?
Јованка Јо: Тој пат сега го почнувам. Немам некое искуство не знам што би ми било репер, меѓутоа ми значи оваа поддршка што ја чувствувам и од Ѓоко и од вас како новинарка и од целиот тим, од Цане како композитор. Со него веќе нешто разговаравме во која насока би снимале нешто и понатаму. Да, се чувствувам како да имам како што рече Ѓоко- ветер во грб. И едноставно сега тоа поинаку го доживувам, стекнувам искуство како е да одиш на интервјуа, бидејќи се најдов од другата страна. И многу ми е интересно, истата сум исто пеам меѓутоа сега публиката откако ме гледа на телевизија поинаку реагира. Не знам која е таа магија што ја има сцената, но ја чувствувам многу силно.
*Ако Ѓоко е македонскиот Том Џонс која би биле Вие, во однос на омилена пејачка?
Јованка Јо: Моја омилена пејачка неспорно е Тина Тарнер. Македонската Тина Танер, би сакала да речам, но, уште повеќе би сакала да бидам препознатлива како Јованка. Јас едноставно сакам кога пеам, а луѓето се веселат. Секојдневно си имаме милион предизвици и кога одиме на концерт на музика или излегуваме со друштво на прослава, јас тоа го доживувам како еден вид музичка терапија и многу ми е мило кога ќе видам дека сум ги расположила гостите на кои им пеам. Тие дошле неколку часа да заборават на секојдневните проблеми што се вклопува и со песнава значи: “Живеј” во моментов, да уживаме. Не знаеме што ќе биде утре. Вчера не можеме да го смениме и онака, така што…
Ѓоко Ѓорчев: Живеј, живеј!(пее)
*Тоа е главната порака. Ѓоко баш Вие живеете морам да признаам. И живеете независно од местото каде што живеете, си терате свој филм што е многу за почит и сега му се даде вистинската вредност на Вашиот стил, во кој што стил еднаш видовме преубав концерт во 2018 година, тука во МОБ по повод 30 години кариера, а сега ни најавувате концерт по повод вашите 35 музички години. А летово знаете ли дека Вашиот идол пееше на Сани фестивал на Егејско море? Гледав снимки.
Ѓоко Ѓорче: Беше, да, во Грција. Ние таа вечер со Кате веќе имавме настап во Прилеп. Баш ми падна жал што не можев да си го видам мојот идол, а толку беше блиску до мене. Никогаш го немам видено, но никогаш не е доцна. Но знаете што? Том Џонс останува засекогаш човекот кој е мојот мотив во животот и да го видам и да не го видам неговите албуми неговите концерти ги имам “милион” пати ислушано, изгледано, прегледано, што мислам дека толку добро го знам како да е лично е до мене, како да го познавам.


*Остана нешто што не кажавме овој пат?
Ѓоко Ѓорчев: Кажавме сѐ, само на крај сакам срдечно да го поздравам директорот Драган Јаким (на фотосот погоре). Мене ми се јави прво тој: Ѓоко имаме желба да настапиш на “Тумба фест”, и му велам направете една убава песна и нема проблем ќе дојдам. И сега сакам да му кажам комплетно го поддржувам и ќе го поддржувам и понатаму. Сакам ова да му порачам- песната која ние му ја донесовме на “Тумба фест” оваа година не беше песна во концептот, зашто тоа е фестивал со шегобијни песни и на разни дијалекти. Ние му дадовме една класично забава мелодија, една санремовска мелодија, што е тотално различна. Ама зошто да не се пеат на “Тумба фест” и такви песни? Зошто да не се појавуваат и такви мелодии? Нека си има шегобијни, но ако треба нека трае два дена- една вечер шегобијни и една вечер класичен фестивал. Нека израсне во поголемо нешто. Јас сега стојам комплетно зад “Тумба фест”, зад Драган… Секоја му чест, човекот е прекрасен човек, голем интектуалец и многу добар. Смирен, сталожен и многу паметен. Вреди човек да поддржува таков човек. Оваа година го направи најдоброто нешто, го воскресна фестивалот. Значи има голема поддршка од мене од Јованка од Вас како новинар. До година не жалете средства дај да го направиме да биде име и презиме “Тумба фест” во Македонија. Ако треба нека има гости и од други земји. Да направиме голем фестивал, тој е голем да го направиме уште поголем. И благодарам до кумановските граѓани кои таа вечер му дадоа максимална поддршка на секој кој излезе на сцена, благодарам до општина Куманово и сите кои го направија фестивалот.
Јованка Јо: Сакам и јас да се заблагодарам, навистина ми е чест што бев дел од една таква песна со едно прекрасно музичко име, прекрасен човек. Благодарност до Цане што ете се сети да ме повика, благодарност до Боби за прекрасниот текст што понесе и до директорот Драган Јаким. Кога бев во Куманово се чувствував многу пријатно, тој направи една таква убава домаќинска атмосфера што едноставно уживавме и по фестивалот. Одлична делува неговата смиреност, гостопримливост, и секако благодарност и за ова интервју…
*Многу среќа и уште многу вакви убави песни. Ајде уште еднаш да ја слушнеме “Со душа живот украси Ти”.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник во КулАрт

“Со душа живот украси”

Ѓоко:
И после толку години
иста си ко некогаш
во моите спомени
убава засекогаш.

Беше нежна, млада девојка
сега зрела жена кралица
за инает на времето
ќе бидеш горда старица.

рефрен:
Успори ја староста, продолжи ја младоста
и наместо тага, ти гушни ја радоста
во гради роза насади
срцето да се подмлади.

Отфрли стари бремиња
заклучи стари времиња
живеј, не листај спомени
со душа живот украси ти.

Јованка:
Сѐ уште го помнам звукот
на твојата гитара
сите наши спомени
душата ги бара.

Годините се само број
сѐ уште сум твоја а ти мој
животот на плеќите ни носи
мудрост и сребрени коси.

муз/арр: Цане Петров
текст: Боби Петковски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.