Д-р Васо Ристов е директор на НОБ, и еден од најпознатите македонски солисти на дувачки инструменти во својата генерација. Роден е во Радовиш, своето образование го стекнува кај истакнатиот уметник и педагог Симеон Савев во чијашто класа го завршува Средното музичко училиште во Штип, а Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добива и бројни награди на повеќе државни натпревари во поранешна СФРЈ. Од особено значење за неговата професионална кариера се специјализацијата на Академијата за музичка уметност во Прага- Чешка и магистерските студии на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија- Бугарија.
Ангажиран е и во различни ансамбли: Симфонискиот оркестар во Румбурк- Чешка, Симфонискиот оркестар во Приштина- Косово, Македонската Филхармонија, Воениот оркестар на АРМ и неговата матична институција- Опера и Балет. Но и како професор м-р Ристов постигна завидни педагошки резултати: над 80 награди за неговите ученици и студенти на бројните меѓународни натпревари и 30 дипломци во неговата класа, од кои десетина се стекнале и со титула магистер.
На 12 Ноември во резиденцијата на Италијанска амбасада доби орден за заслуги со указ од претседателот на Италија, значка “витез”.
Нашата средба овој пат е со повод- правиме пресек на бројните годинешни успеси остварени во неговата матична куќа, за кои јавноста е добро информирана, но многу работи откриваме и по прв пат.
*Господин Ристов, последните денови од оваа година, во НОБ, поминаа во предновогодишен ритам, и во исчекување на последната претстава, за оваа година. Но, воедно, силните се и топли импресии од балетскиот триптих „Молитви на моето тело”, премиерно изведен на 20 декември по повод одбележување 100 години од раѓањето на поетот. Импресивен настан, кој се случува, би рекла еднаш во векот. Што вложивте, а што добивте со овој спектакл?
– Како што напоменавте, во месец декември НОБ се „вклучи“ со свои настани во предновогодишниот ритам. Годината се заврши традиционално со две изведби (28.12. и 29.12 ) од класичната балетска претстава „Оревокршачка“ од Чајковски во изведба на солисти и ансамблот при Балетот, Оркестарот и членови од Хорот на НОБ. Воедно, истиот месец се реализираше и прикажа и нашата последна премиера, продукцијата на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“. Ви благодарам за позитивниот коментар и морам да се согласам дека триптихот „Молитви на моето тело“ е претстава каква досега не сме имале. Кон прашањето што е вложено, а што сме добиле од оваа продукција, ќе споменам дека овој проект го гледаме од аспект на продукциски процеси кои беа новитет за нашата установа. Со оваа претстава се приклучивме кон сите настани кои беа организирани на национално ниво, поддржани од Министерството за култура на Р. Северна Македонија и од страна на UNESCO во чест на македонскиот поет Ацо Шопов повод 100 годишниот јубилеј во 2023 година. Преку претставата,„Молитви на моето тело“ се заокружи овој јубилеј и истата ќе „живее“ на нашиот репертоар. Поезијата на Шопов односно истоимениот циклусот поезија се „прочита“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. За овој проект на наше големо задоволство беше добиена согласност од носителот на авторските права г-ѓа Јасмина Шопова, ќерка на поетот.
*Триптихот спои уметници од повеќе бранши и од повеќе институции. Како тргна идејата, реализацијата и дали според коментарите, најважно, членовите на семејството на великанот Шопов се задоволни?
-НОБ, како носител на овој проект, кој беше предложен, а после и одобрен и стана дел од Годишната програма за 2023 година со договор кој го склучуваме со надлежното министерство, како продукција, за нас беше проект полн со предизвици со кои одлично се справивме. Создадовме сценско- уметничко дело кое претставува 90 минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници и сценски се пренесе од првенците, солистите и ансамблот на Балетот на НУ НОБ, кај кои иницијален инспиративен импулс беше истоимениот циклусот на поетот Ацо Шопов. Претстава со која докажавме дека имаме креативен, технички и изведувачки капацитет достоен за секоја светска сцена. Идејата се „роди“ од нашата потреба да реализираме проект со кој ќе се вклучиме кон низата настани кои се организираа повод одбележување 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, а како формат и концепт ни беше презентирана идејата од страна на Александар Ношпал, кој е и костимограф на претставата. Импресиите и задоволството кај семејството на Шопов, кое беше присутно на самата премиера во широк состав, сѐ уште се споделуваат и траат. Кон нас упатија голема благодарност за сето вложено и реализирано.
*Има ли можност да се прошета ова сценско ремек- дело и на други сцени низ Македонија, барем во Штип?
-Еден од условите кои го поставивме како продукција до креативниот тим беше запазување на мобилноста како димензија, која мора да ја има ова дело. Оттука, за ова сценско- уметничко дело се направија концепти како би можело истото да се изведува на различни театарски сцени, било тие да се во затворен или отворен простор. Со овој балет може да гостуваме не само низ Републиката туку и надвор од нејзините граници.
*Освен овој спектакл, кој ќе го паметиме, ова беше година која придонесе Операта и балет да се издигне во очите на публиката на скалило погоре, како резултат на богатата и интензивна програма и преполните концерти. Би направиле ли една ретроспектива што беше највредно во сите одржани музички и балетски претстави, а сѐ уште траат и впечатоците од новогодишниот концерт на “Танец” наречен “Класично- фолклорна симбиоза” што го изведовте заеднички.
-Поаѓајќи од една ретроспектива, оваа година НОБ со сите расположливи средства, успеа да реализира четири премиери (опера „Набуко“, современиот балет „Сага“, проектот „Фолклорно – класична симбиоза“ кој е ко- продукција меѓу Националната опера и балет и Танец и балетскиот триптих „Молитви на моето тело“), и две обнови- класичниот балет „Заспаната убавица“ и операта „Лидија од Македонија“. Горди сме на сите реализирани проекти. Секој од нив, различни во израз, формат и форма, се поединечно вредни сами по себе. Емоциите, ефектите и импресиите кои ги предизвикуваат кај публиката, полните сали за нас се најголемо достигнување.
*Од неколкуте, две интернационални соработки оваа година оставија посебен белег- на почетокот на годинава гостувањето на бугарската оперска дива Александрина Пендачанска, за која се зборува дека чини над 100.000 евра по настап, но сте ја добиле за многу поскромно, и, потоа во април Вашето гостување како ансамбл во Белград, за прв пат откако постои НОБ. Значи ли тоа дека Операта сѐ повеќе се отвора за примање што пореномирани гости и за патување надвор од земјава?
-Гала оперскиот концерт на оперската дива сопранот Александрина Пендачанска беше во соработка со Културно- Информативниот центар на Република Бугарија во Скопје. Нашата куќа не беше обврзана да плати било каков надомест на солистката, тоа беше сѐ од страна на Културно-Информативниот центар на Република Бугарија. Тој концерт имаше и гости кои настапуваа заедно со Александрина Пендачанска, сопранот Ралица Богданова исто така гостинка од Р. Бугарија, и нашиот истакнат солист, баритонот Марјан Јованоски. НУ Национална опера и балет во рамките на потпишаниот Протокол за долгорочна соработка помеѓу Национална опера и балет, Народно Позориште Белград и Националниот Театар на опера и балет Тирана успеа да реализира две гостувања во НПБ од кои едно со оперската претстава “Севилски Берберин” а второто гостување беше со балетската претстава “Госпоѓиците од Авињон”. На покана на балетот при НПБ настапивме во повод 100 години постоење на балетот при Народно Позориште Белград со горе наведената балетска претстава. Помеѓу овие две културни установи склучени се засебни договори за соработка секако во рамките на “Отворен Балкан”. Во рамките на Отворен Балкан на сцената на НОБ настапи балетот од НПБ со балетската претстава “Жизел” во придружба на оркестарот и диригент од НОБ. Нашата куќа секако дека цели кон остварување на што повеќе гостувања надвор од државата со цел да ја претстави македонската култура, но исто така имаме за цел да ѝ претставиме на нашата публика реномирани имиња од културата надвор од државата.
*Се работеше постепено за враќање на полниот сјај на Опера и балет, ако ги земеме во обзир едни минати години, кога институцијата ја тресеа афери, долгови и неповолни ситуации, незадоволство кај вработените. Кој беше најтешкиот проблем во сите тие? И, кој беше Вашиот клуч со кој ги отворавте затворените порти?
-Кон ова прашање, веќе делумно и го давате одговорот. Од моја страна, постепено и етапно се пристапуваше кон секој предизвик со кој се затекнав во мојот прв, а сега веќе и втор мандат. Оттука, сукцесивно се приоѓаше кон сите предизвици и за истите се бараше, а за некои уште се бараат можни решенија. За мене и мојот тим не постои голем или мал предизвик, кон сѐ пристапуваме со систематичност и решението го бараме согласно веќе установените законски регулативи. Комуникацијата, трпението и тимскиот дух се клучот, со кој успеваме повеќе или помалце да пристапиме кон секоја проблематика. Поддршката, но и разбирањето кое го имаме од Владата на Р. Северна Македонија, а оттука и со Министерството за култура на Р. Северна Македонија се од големо значење кога станува збор за раководење со институција и колектив кои се под државна „капа“, па оттука можам да кажам дека мојот втор мандат е давање придонес да се добие на континуитет кога станува збор за решавање на предизвиците кои се таложеле минатите години. Кога бев назначен за директор на НОБ наследив долг од педдесет и три милиони денари, долг направен наназад многу години, со ланската завршна сметка до 31.12.2022 година долгот беше намален на единаесет милиони денари, со оваа завршна сметка до 31.12.2023 година очекувам да го намалиме уште повеќе.
*Без визионерство, креативност, план и секако љубов кон оваа работа, резултатите би биле нецелосни. А посветеноста пак бара многу залагања. После сите напорни работни саати, успевате ли на раат и опуштено да ислушате некој концерт, откако сте директор?
-Во моите речиси шест години можам да ги избројам на една рака претставите на кои немам лично присуствувано. Изведувачките уметности се креации „во живо“ и се жива материја, сакам да бидам присутен на сите и нормално тоа е еден мој личен влог кој јас го давам кон извршување на мојата функција.
* Од оваа страна, малку подзатскриена од јавноста, поминува и фактот дека изминативе години набавивте донации преку Јапонска и Кинеска амбасада, кои ја засилија институцијата, и во реновирање и во скапи инструменти. Како успеавте да ја добиете таа поддршка? Ќе следува ли можеби некоја нова, за средување на внатрешноста, гримиорните…
-Откако сум директор успеавме да ги реновираме сите оркестарски и хорски гримиорни, ја реновиравме и хорско оркестарска сала каде хорот и оркестарот добија нова сала за одржување на нивните проби. Успеавме јас мојот тим да обезбедиме подобри услови за работа на сите вработени во НОБ. Донации во 2023 година: Во месец јуни амбасадата на Народна Република Кина во Северна Македонија доби донација во вредност од 850.000 денари, наменети за реновирање на дел од Империјал салата; Амбасадата на Република Чешка во С. Македонија во месец октомври оваа година, спонзорираше концертен клавир од брендот „Petrof“; Други инвестиции, во 2018 година: Извршена е демонтажа и повторна монтажа на сите столици на гледалиштето на НОБ заради нивно претходно лошо монтирање (вкупно 691 столица); Извршено е полирање и чистење на мермерот во фоајето на главен влез за публика; Поставено е ново лед осветлување на мала сцена, задна сцена и дел од главната сцена; Завршено е хемиско чистење на завесата на Голема сцена; Реновирани се сите оркестарски гримиорни, музичка архива и направени се три посебни простории за чување на музичките инструменти, демонтажа на стар под и монтажа на нов под, глетовање, молерисување во 2019 година- истата година поставен е видеонадзор кој ги опфаќа повеќето внатрешни и надворешни излези и влезови во НОБ како и помал дел од внатрешниот простор во НОБ; Поставено е лед осветлување на мала сцена. Следната 2020 година поставено е ново лед осветлување во голема и мала балетска сала; Донирани се 6 правосмукалки; Набавени се нови 20 моторола радио станици за потребите на вработените на НОБ; Извршена е поправка на една трафостаница која што беше неисправна. Во 2021 година решен е повеќегодишниот проблем и поставени се два нови бојлери од по 500 литри за потребите на балетот; Поставени се четири инвертори, ладење- греење во мала балетска сала и со тоа е решен проблемот со ладење во истата; Прв пат по 40 години набавени се 140 нови ПП- апарати; По подолг период направени се сите периодични здравствени прегледи на сите вработени во установата; Извршена е замена на старите акумулатори со нови и извршена е поправка на дизел агрегатот за помошно осветлување. Од постоењето на НОБ за првпат се обезбедени легитимации во одделот ППЗ и обезбедување во 2022 година; Извршена е целосна замена на старото осветлување со ново- лед осветлување во Империјал сала; Поставена е нова влезна ПВЦ врата на влезот на рецепција од страна на паркингот; Поправени се два мотора за клима- комори во машинските сали. Во 2023 година: Повеќе пати е извршена санација односно парцијална поправка на делот од рамниот покрив каде се јавува протекување при поројни дождови; Поставен е теписон пред оркестарска школка и пред фризерна/ шминкерна; Поставена е нова светлечка реклама на влезот за публика и на службениот влез за вработени; Поставени се рампи на косината и на паркингот на НОБ; Поставен е нов лимен покрив на Империјал салата; Извршено е молерисување на главен влез за публика и хемиско чистење на дел од гледалиштето, фоајето и дел од административните простории; Реновирани се сите хорски гримиорни; Извршено е комплетно реновирање на Империјал салата; Направена е делумна санација на покривната конструкција на голема балетска сала; Изработка на проценка на ризик и изјава за безбедност при работа; Набавени се две индустриски правосмукалки; Донирана е една индустриска правосмукалка од фирма Симпекс- Битола; Набавени се околу 700 приверзоци за гардероби; Секоја година редовно се врши статичко и динамичко испитување на сценскиот простор; Секоја година се врши годишен преглед на ПП апаратите и хидрантската мрежа; Во тек е вршење на обука од аспект на безбедност и здравје на вработените во сценска техника.
*НОБ, веќе рековме, има добиено донации од Јапонија, Кина и Чешка.
-Со нив сме навистина горди како институција. Културниот Грант од Јапонија беше проект кој траеше три години и започна на иницијатива на Секретаријатот за Европски прашања, кој пак претходно беше информиран од страна на Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија за можноста да аплицираме за грантова помош од областа на културата. Проектот беше наречен “Проект за подобрување на музички инструменти опрема за звук и осветлување за Национална опера и балет”. Донацијата се состоеше од дел од музички инструменти за музичарите, пулктови и столици за музичарите како и опрема за осветлување и озвучување. На крај овој проект беше обележан со оперски концерт наречен “Аригато”како благодарност до народот од Јапонија, Владата на Јапонија како и како Амбасадата на Јапонија во нашата земја. За остварување на овој комлексен проект првично се потпиша договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија, а потоа и помеѓу НОБ и ЈИЦА (Агенција за Меѓународна Соработка од Јапонија). Износот на целокупната донација беше 663.000 евра во инструменти, пултеви и столици за музичарите и опрема за осветлување и извучување. Од Амбасадата на Република Кина НОБ доби финасиски средства во износ од 850.000 денари кои беа искористени за реновирање на кровната конструкција на Империал салата. На 24 Октомври добивме и концертен клавир Петроф од Чешката амбасада, клавир кој многу допринесе за подобрување на квалитетот на сите оперско балетски претстави. Прес конференција ќе следи по комплетно завршување на извештајот.
*Фоајето на Операта го изнајмувате за разни настани, коктели, дружења, случувања. Што е дозволено да се одржи таму, а што на пример не би можело?
-Националната опера и балет е уникатен објект во архитектонска смисла, а во тој контекст е објект со посебен амбиент. Со одлука од Управниот одбор, делови од просторот може да се изнајмуваат за настани кои се во областа на културната, едукацијата, промоцијата и слично. Секој клиент е обврзан да се однесува домаќински, впрочем презема обврски кон договорот кој го потпишува каде се наведува што е дозволено а што не е.
*Во овој наш подолг разговор ќе Ви откријам нешто за кое прв пат прозборувам во јавност, но еве и можност да оддадеме почит и на една друга наша музичка легенда, маестро Александар Џамбазов. Во две прилики, многу надолго во самиот објект на Опера и балет, кој според повеќе модернистички критериуми се смета за грандиозен, двајцата разговаравме за неговата улога меѓу десетте експерти, кои одлучувале дали да се прифати овој модел на градба. Но, маестрото ми се довери иако е преубав модерен објект, како музичар сепак не беше задоволен што на толкав простор има скромна сцена, и што не е повеќе искористен просторот за таа намена. Ако може да речам ете и таква стара болка ќе биде “ублажена” со тоа што ќе се доискористи просторот, затоа што околу 500 квадрати отстапувате на новоформираниот НУ Џез оркестар, за што е крена голем прав во јавноста, а сепак толку лесно се пронајде решението…
-За сѐ постои решение и истото може да се најде доколку се сака. Но, мора да се има и трпение. Среќни сме што дел од објектот ќе го делиме со Џез Оркестарот како новоформирана национална установа со кој простор од 475 квадрати веќе ѝм е доделен и е на располагање на новоформиранот ЗЏМ оркестар. Нивното делување ќе придонесе само кон зголемување на атрактивноста на објектот. Со ова се согласувам на мислата на маестро Џамбазов.
*Постои ли идеја за почести заеднички соработки со џез оркестарот?
-Сега е сѐ уште рано да одговорам конкретно на ова прашање, но можам да кажам дека расположени сме за соработка и реализација на секоја одржлива идеја. Ќе ни биде драго со колегите џезери да создадеме уште една симбиоза на сцената на НУ Национална опера и балет.
*Од неодамна имате и нов уметнички директор, Орце Ицковски. Кога сме веќе кај музичката програма, каква е замислата за 2024 година? Ќе биде на исто или да очекуваме и подобро рамниште со 2023?
-Годишната програма за 2023, сезонски се продолжува со 2024 година. Она што ќе следи во 2024 година како нова понуда е веќе дадено од наша страна како предлог програма до Комисиите во Министерство за култура на РСМ, за што чекаме одговор до крај на февруари. Очекувањата на публиката е да се надминеме во новата програма, како тим ќе се обидеме тоа и да го реализираме.
*Спомнавте дека имате добра соработка и слух од страна на Министерството за култура. Помогнаа ли Вашите добри релации при вработувањето на неколку десетици хонорарци?
-Министерството за култура, како ресорно министерство, се грижи за културата и културниот развој, меѓу другото и со поддршка на работењето и програмата за работа на установите од областа на културата, вклучително и НОБ, како најголема и единствена институција од ваков вид установа во државата. Со министерството за култура имаме одлична соработка, голема поддршка од министерката за култура на Р.С Македонија г-ѓа Бисера Костадиновска Стојчевска. За сите овие години реализиравме вработувања во сите сектори на Национална опера и балет, вработувања во институцијата без кои не можеше да функционира НОБ.
*Вашето искуство е инструменталист- трубач, автор, професор, поранешен декан на ФМУ, поранешен директор на Трубачки фестивал во Пехчево, Претседател на жири на Фолк фест Валандово… Сѐ за и околу музиката. Но, ќерката Милица сепак реши да стане режисер, и да тргне по други уметнички патеки…
-25 години бев вработен во Оркестарот на операта како прв трубач солист, отсвирени се многу оперско балетски претстави, многу години бев хонорарен соработник и со оркестарот на Филхармонија, Воениот оркестар, како студент бев ангажиран три години и како наставник во нижото музичко училиште во мојот роден град Радовиш. Од 1998 година до 2016 година бев ангажиран како наставник и во нижото средно музичко училште во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во 2001 бев избран како Доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје сѐ до 2010 година, каде се повлеков од оркестарот на нашата опера и добив решение како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Две години бев продекан на ФМУ- Скопје. Како професор сите претходни години пред да бидам назначен за директор на НОБ од 2005 година па наваму бев ангажиран и на Факултетот за музичка уметност во Приштина, потоа по ангажманот во Приштина бев повикан и ангажиран на факултетот за уметност во Косовска Митровица, на факултетот за музичка уметност “Универзитет Гоце Делчев во Штип”, факултет за музичка уметност на Државнот универзитет во Тетово. Две години бев музички селектор на нашиот реномиран фестивал Охридско лето. Многу пати бев како член на наши фестивали како фестивал за дувачки оркестри во Пехчево, Валандово фолк фест. Како професор на ФМУ бев многу пати како член и претседател на меѓународни натпревари за лимени дувачки инструменти во нашата земја и во многу други земји каде со моите ученици и студенти имаме освоено преку 85 домашни и меѓународни награди, лауреати, специјални награди, први, втори, трети. Со мојата сопруга Билјана ја имаме нашата прекрасна ќерка Милица која заврши факултет и магистратура на Американ колеџ овде во Скопје. Милица средното образование го заврши во средното музичко училиште ДМБУ “Илија Николовски Луј”, но потоа не продолжи во уметничките води. Факултет и магистратура ѝ се во областа на економија и маркетинг во Скопје, но исто во тие години дополнително беше во Словенија и во Франција преку Study Abroad програмата на Американ Колеџ. Милица ќе продолжи да се усовршува и да студира и има голем афинитет за оперско- театарска режија. Кога и каде очекувам во брзо време. Знам и убеден сум дека ќе успее во нејзините предизвици.
*Во Вашата работа, како човек кој повеќепати објавува функции на директор, имате ли одредена забелешка кон медиумите и новинарите?
-Мојата релација кон новинарите и медиумите генерално е многу коректна. Гледам релациите да бидат транспарентни и отворени, секогаш во секое време.
*На крај да сублимираме во една, две реченици- што да очекуваме на програмата за догодина, и секако, кои се Вашите лични желби и очекувања?
-Кон ова прашање, само ќе го потполнам одговорот од претходно. Очекувам сите замисли и предложени идеи да се реализираат на сцените на НОБ, но и задоволна и бројна публика која ја имаме со полн салон на секоја оперско балетска претстава во Национална опера и балет. Шеста година како сум директор на Национална опера и балет имам реализирано 19 оперско балетски премиери кои остануваат и се во нашиот железен и тековен репертоар.
Валентина Ѓоргиевска Парго