ДРАГАН ЈАКИМ: “Тумбафест” е единствен фестивал во светот од таков тип

Куманово, 11 октомври, 2021

Драган Јаким, директорот на кумановскиот фестивал на новосоздадени народни шегобијни песни, најавува дека фестивалот, по три возобновениот изданија, веќе застанува на здрави нозе и оди по нагорна линија, на што се работи амбициозно.
Денес на тв програмите,Балкан Мјузик ТВ, од 20 часот, и на Тв Плус во 22.30 часот, ќе имаме можност да го погледаме годинешното издание на “Тумбафест” , кое се одржа во август. Колку песни беа испеани, на какви тема?
-Да, на 24 август на градскиот плоштад во Куманово се одржа деветтото издание на фестивалот на новосоздадена македонска народна шегобијна песна “Тумбафест 2021”, и денеска по повод големиот празник на нашата татковина ќе биде промовиран пред телевизиските гледачи. На фестивалот беа испеани дваесет и една песна при што беа застапени исто толку и автори. Ова беше трето издание на фестивалот кој по цели деветнаесет години беше возобновен 2019 година, и самиот овој податок не охрабрува и ни дава надеж дека првичните заложби на здружението “Ризница” , кое е организатор на фестивалот, дека фестивалот им фалеше на кумановчани, но и воопшто фалеше на македонската културна сцена, и веќе сме големи оптимисти дека истиот си го пронајде своето место и за очекување е да прерасне во традиционален. Оваа година се твореше и пееше на повеќе теми, се пееше за кумановскиот јунак од минатото Досе- ем љубовџија ем мераклија ама и стар беќар, за Драѓе и неговите маки со неодминливата Стојанка, за едни очи чакжрлија, за еден ловец фалбаџија и мераклија, за љубоморната жена која од пуста љубомора го блокира мажот на фејсбук, за непрежалени љубовни маки, за тоа какви маки им задава боемството на некои мажи, се потсетивме што значи бракот- нема повеќе седенки и пијанки туку нови обврски, се пееше за еден бекрија со тапија, за една кавгаџика, но се пееше и за Рубин фраерот од Прилеп, за битолските и кумановските ергени кои по цел ден си седат на Широк сокак и на тумба, за еден Киро од Валандово кој бил голем мераклија по валандовските смокви, како што ќе каже еден од авторите, “Тумбафест” е фестивал кој на авторите им отвора широк спектар на творење и изразување, така што, навистина овогодинешниот фестивал беше богат со теми, но и дилеми.

Годинава не само на кумановски беа испеани и песни на други дијалекти. Значи ли тоа дека го проширување концептот?
-Токму така. Мислам дека “Тумбафест” е единствен фестивал од ваков тип во светот. Во претходните осум изданија се пееше на македонскиот јазик и на кумановскиот дијалект. Имаше обиди и порано фестивалот да прерасне во фестивал каде што ќе се пее и на други дијалекти, но, поради извесни причини тоа остана само на обид. Оваа година како што велите го проширивме концептот и “Тумбафест” веќе прераснува во фестивал каде што ќе се пее и на другите дијалекти, впрочем во тоа е и богатството на изразувањето како на авторите, така и на исполнителите, а и мисијата на здружението “Ризница” е сочувување на историското културно наследство, во кое секако спаѓа и дијалектот и различитоста во изразувањето. Оваа година покрај на литературниот македонски јазик и кумановскиот дијалект, се пееше и на прилепски и валандовски дијалект, а една од песните Анета Мицевска – “Молика” ја испеа половина на кумановски и половина на битолски дијалект што претставуваше вистинско воодушевување кај публиката. Сметам дека со творење на сопствениот дијалект, на крајниот продукт- песната и се дава една дополнителна вредност, и морам да напоменам дека ова мое размислување најдобро се покажува со големата популарност која за кратко време ја постигна песната “Валандовски смокви” во исполнение на Лилјана Прнаркова, за која веќе е снимен и видео запис кој е веќе многу популарен, особено во јужниот дел од нашата држава.

Дали во иднина на фестивалот ќе се најдат и дел од шегобијни песни, кои ги собирате од постарите жители од источниот дел на земјава?
-“Тумба Фест” е фестивал на новосоздадена македонска народна шегобијна песна, но во иднина зошто и да не?! Здружението “Ризница” работејќи на терен има соберено над двеста стари македонски изворни народни песни од североисточниот регион на Македонија, голем дел од нив воопшто не се забележани ниту за нив е направена соодветна фонотека, дел од нив имаат шегобиен карактер, можеби токму фестивалот може да послужи како платформа каде би можеле историското културно наследство кое е навистина големо богатство да го употребиме како база за нови песни и на тој начин наследството да го сочуваме од заборав. Ова е навистина добра тема за размислување.

Со тоа се гледа дека нашиот народ одамна бил по шегата. Така си ја ублажувал болката и маката од сиромаштијата од неправдите. Имате ли и други песни во тој стил кои ќе ги понудите на пејачите
-Голем дел од песните навистина на еден шегобиен начин го отсликува секојдневието на нашите предци кое секако било со многу маки, сиромаштија, ропство, борба за опстанок и така натаму. Имаме навистина голем материјал кој во денешно време, со нови и нови проблеми соодветствува на истите оние теми за кои преку песна се изразувале нашите предци, верувајте дека може да се најде корелација помеѓу минатото и сегашноста. Ако тие песни останале да се пренесуваат од колено на колено, веројатно и заслужуваат да се работи на нив и секако најпрвин да ги сочуваме а согласно новите “проблеми” со кои се среќаваме може да се направи навистина добар спој. Впрочем, секоја песна си носи одредена порака, би било во ред мудроста на нашите предци да ја користиме и да праќаме нови пораки на генерациите кои ќе дојдат по нас. Убаво е да се остави белег на едно време на начин кој ќе можат да го “прочитаат” идните генерации.
Фестивалот се возобнови, веќе трета година и ја продолжува традицијата на нови шегобијни песни, востановена во деведесеттите. Му дава едно интересно обележје на Куманово и околината.
-Има голем број на песни испеани на “Тумбафест” кои се уште се слушаат, а неколку од нив дури веќе се и обнародени. Во Куманово и околината, но и пошироко, има песни испеани на фестивалот без кои не може да се замисли ниту една свадба или друг вид на веселба без да се пеат овие песни, тука би ги споменал: “Голем мераклија” , “Еј Розике бре комшике”, “Македонска полиција” , “Една куќа за две жени” , “Гоце Ѓорѓија”, “Много тешко да си зет” , “Мори сваќе пуста сваќе” , “Стар беќар”, “Ја у село не се враќам”, “Цел ноќ ти се кжлну Гинче” , “Ој Веро Верице”, “Касиерка Мира” и таканатаму. Фестивалот одбележа едно време кон крајот на деведесетите години, и популарноста на песните и ден денеска најпрвин беше инспирација, но и претставува голема обврска како од аспект да се опстои со мора да кажам потешкотиите со кои се среќаваме за самата организација, но и обврската на народот да му се понуди квалитетен продукт кој во исто време ќе го конзумира но и ќе го растерети од секојдневието и пораката која ќе ја прими на еден шегобиен начин ќе биде примена на соодветен начин. Во секој случај нагорната линија по која се движи фестивалот ни дава за право да продолжиме и понатаму и да се надеваме дека возобновениот “Тумба Фест” и годи на публиката, а се поголемата заинтересираност на авторите и исполнителите за учество на фестивалот е гарант за светла иднина на како што многумина милуваат да кажат брендот “Тумбафест” .
Да, “Тумба фест” емногу поразличен од сите фестивали. Што почувствувате годинава, дали веќе оди по нагорна линија и се повеќе развива интерес кај публиката. Зошто не се емитува на Македонска телевизија, како минатата година?
-Оваа година особено беше присутно чувството дека дефинитивно “Тумбафест” оди по нагорна линија, многу е поразличен од другите фестивали, единствен и уникатен и на светско ниво. Нема сличен пример на фестивал каде што се негуваат дијалектите. Плоштадот беше преполн, имаше навистина многубројна публика, и тоа публика од сите возрасти што кажува дека фестивалот е општоприфатен и развива голем интерес. На Македонската Радио Телевизија и беше понудено да го емитува фестивалот, но, за жал кај нас кога се организираат избори се останато е настрана, особено културата, така да не наидовме на разбирање кај одговорните лица во телевизијата за емитување на фестивалот. И не само националниот сервис, и останатите национални медиуми не најдоа соодветен простор за емитување на фестивалот. Имаме ветување дека по завршување на изборите дел од националните медиуми ќе го емитуваат фестивалот некаде во целост, а некаде во нивните редовни музички програми. Но, што е тука е, вечерва фестивалот ќе се емитува на Балкан Мјузик ТВ а на тој начин фестивалот ќе биде проследен и кај нашинците во Австралија, Америка и насекаде каде што се гледа телевизијата, и секако на ТВ Плус а и на останатите регионални и локални телевизиски медиуми. Фестивалот ќе биде поставен и на ЈУ ТЈУБ каналот на здружението “Ризница” и на тој начин ќе допре до секој оној кој има желба да го проследи “Тумбафест” .

Имавте ли доволно финансиска поддршка годинава, за да комотно ги изработите и снимите песните, да го организирате фестивалот?
-За жал не. Општина Куманово одвои многу мала сума на средства за организација на фестивалот кои ни од далеку не беа доволни за соодветна организација. И оваа година самите автори, верувајќи во иднината на фестивалот песните ги изработија би рекол од љубов кон истиот, но во иднина секако дека нешто треба да се менува и на овој план. Поднесовме и апликација до Министерството за Култура каде што фестивалот не го третираа како проект од национален интерес и не добивме никаква подршка. Едноставно и оваа година, иако фестивалот веќе е етаблиран, препознаен од публиката, на мапата на фестивали кои се одржаа оваа година високо котира и по квалитет на песните и по звучноста на авторите и исполнителите на песните, сепак подршката изостана. Но, наредната година веќе го одржуваме по јубилеен десетти пат, па се надеваме дека ќе бидеме препознаени и од Министерството а се надеваме и дека бизнис секторот, особено компаниите кои се општествено одговорни ќе најдат свој интерес во подршка на “Тумбафест”.

Годинава доделивте и награда за животно дело на доајенката Блага Петре ска, една од иницијаторите за фестивалот. Тоа беше одлично. За догодина уште отсега најавувате големи пејачки имиња. Ќе откриеме ли за што се работи?
-И оваа година имавме навистина звучни имиња, на фестивалот се појавија Анета Мицевска- “Молика” , Благица Павловска, Нино Величковски, Ванчо Тарабунов, Зуица Лазова, Далибор Ѓошиќ, Ирена Спасовска, “Скопски Боеми”, Ристо Краповски, Елена Јовческа и, да не ги споменувам сите. Ретко се случува на еден фестивал да имате ваква репрезентативна екипа на пејачи. За наредната година исто така уште одсега имаме обезбедено звучни имиња од македонската естрада, со надеж дека и кпвид кризата ќе олабави имаме обезбедено и звучни имиња од Србија и Бугарија. Наредната година е јубилејно десетто издание на фестивалот, сигурен сум дека публиката ќе биде задоволна и изненадена од голем број на исполнители од првата постава на нашата фолк сцена. Да не ги откриваме имињата, само ќе кажеме дека десеттото издание на “Тумба Фест” ќе биде спектакуларно од сите аспекти. Овде само би додал дека наредната година ќе има и песни со вистински доживеани случки на наши пеачи, песни со навистина интересна тематика, но секако шегобијноста останува белег, а различните дијалекти додадена вредност.
Целта на музиката е да се пренесува на младите. Ќе дадете ли повеќе шанса во иднина на млади автори и пејачи? Можно е да го видиме фестивалот во две па и три вечери?
-Да. Оваа година имавме дваесет и еден автор. Сите се расположени соработката со “Тумбафест” да ја продолжат, но веќе контактираме и со помлади автори, а и голем број од нив самите се јавуваат за соработка. Нема да биде големо изненадување дури и наредниот десетти по ред “Тумбафест” да го организираме во две вечери. Овој оптимизам го темелам на заинтересираноста која “Тумбафест” ја пробуди кај авторите, особено насоката на фестивалот да се организира како фестивал на дијалекти, зошто да не, една вечер само со кумановски, а друга на другите дијалекти, или некоја друга комбинација, во секој случај пред “Тумбафест” претстои светла иднина, јас верувам дека е така и сум оптимист.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.