Денеска, Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска, преку видео-обраќање на Фејсбук, ги соопшти наградите за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите во време на Ковид-19.
Прво место, според едногласната одлука на 3-членото жири, освои сторијата на тема “ Децата за кои не почна новата учебна година“ на авторката Ирена Каревска од редакцијата на 360 степени. Сторијата опфаќа мошне релевантна и содржајна тема поврзана со онлајн образованието за граѓаните под социјален ризик. Во нејзиниот фокус се системските аномалии коишто ги разоткри кризата, како и алармирањето на државата да ги преземе неопходните мерки во оваа сфера. Сторијата се одликува со силен новинарски и тимски ангажман, висок квалитет и урамнотеженост.
Втората награда на годинешниот конкурс на СЕММ ја oсвои сторијата со наслов „Коронавирус-борба низ иглени уши за работничките права“ , на авторката Христина Ѓорѓиевска, а објавена на платформата „Види вака”. Со значителен новинарски и снимателски ангажман, мултимедијалната приказна на јавноста ѝ покажува со што се соочуваат текстилните работници и работнички за време на Ковид – кризата.
Жирито одлучи на годинешниот конкурс трета награда да добие сторијата на тема „Трошна училница од 5 метри квадратни“ на авторката Арбана Ќерими, емитувана на ТВ 21. Новинарката, на едноставен, разбирлив и приемчив начин, го обработува прашањето за условите во коишто учениците со попреченост ја следат наставата, повикувајќи ги институциите на соодветен одговор.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и две пофалници. Првата пофалница се доделува за сторијата со наслов „Самохраните мајки во пандемијата “ на новинарката Ана Зафирова, објавена на Дојче Веле. Жирито одлучи пофалница да ѝ додели и на новинарката Катерина Топалова, за сторијата „Штипјанец им гради куќи на сиромашните “, емитувана на МТВ.
Со жирито претседаваше Љуљзим Хазири, а негови членови беа и Билјана Петковска и Драган Секуловски.
„Ги повикуваме сите медиумски професионалци да станат сојузници при бранењето на човековите права, спречувањето понатамошна стигматизација, ставањето крај на ширењето дезинформации, разбивањето на гласините и стереотипите и охрабрувањето квалитетно и објективно известување за различноста, истакна Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која.
Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои стории во медиумите во Македонија, во периодот од 1 мај 2020 до 1 мај 2021 година. На годинешниот конкурс се пријавија вкупно 41 новинарска сторија од 20 автори. Наградите се доделуваат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.