Македонска музика: Внимание, доаѓа Наум!

Ресенскиот суперталент Наум се подготвува за големо претставување на сцената

19.10.2024

Кога некој млад талент, суперталентиран, ведар, полетен, е полн со убавина во себе и кога во тоа богатство на душата што го разнесува наоколу уживаат буквално сите, редно е да го пречекаме со раширени прегратки и да му посакаме срдечно “добредојде” во светот на музиката, да му посакаме да трае и да блеска…

Наум Бумбароски е такво момче, за кое неговите ресенчани ќе речат “редок музички дијамант” и со многу гордост се во исчекување нешто големо да се случи со него. Големо на музичката сцена.

Но, нека не ви паѓа расположението ако ви кажеме дека треба да почекаме барем уште некое време, зашто Наум има само 15 години, ама брзо ќе помине и тој ќе е целосно подготвен да се соочи, односно спои со публиката, да пее, снима нови песни, гостува, одржува концерти.

Во музичките води вплива оваа година, а сега, неодамна, на манифестацијата по повод “Јаболкоберот” го имаше и огненото крштевање- во центарот на Ресен, каде настапи како специјален гостин на групата ДНК, со кои заедно ја испеаја песната “Романи”, на истата спектакуларна сцена со легендарните “Дивље јагоде”.

– Ова ми беше прв голем настап, на “Јаболкоберот” со ДНК. Ја пеевме песната “Романи”. Панчо од ДНК беше во жири на финалето на Тв шоуто во кое настапив, “Патот на ѕвездите”, и ми рече “сакам да си пееме некогаш заедно” и така испадна. На почетокот имав трема, но брзо помина…ни објаснува, на почетокот на средбата.

Уште еднаш велиме “добредојде за Наум”, момчето од иднината.

Но, да одиме со ред.

Во ритамот на неговата младост тој почнал да пее и свири јавно кога ја формирале групата “Лонг плеј”, со која се впушта во првите чекори.

-Со групата “Лонг плеј” почнавме да свириме кога имав десет години, а тие снимки нашите родители ги објавуваа на социјалните мрежи. Наставничката Даринка Веслиевска тогаш нѐ забележа и нѐ покани да настапиме на поетската манифестација што ја организираше, “Детски гласови”. Така дебитиравме и тогаш ја испеав песната Wicked game и Sweet child of mine…

Како помал повеќе сакал рок, а потоа се префрлил на поп. И, како што веќе кажавме, има 15 години, учи втора година на гимназијата во Ресен,  природно математичка насока, сѐ уште нема снимено свои песни, но има настапувано и освоено победа на шоуто на Тв Алфа “Пат до ѕвездите”, оваа година.

Младиот пејач најчесто ги пее песните од своите омилени пејачи, Тоше, Лозано, ДНК а од странските омилени му се Брајан Адамс, Бон Џови, Ед Ширан.

-Во мојата фамилија некој пее добро, некој свири по малку, единствено е позната и целосно посветена на музиката Сара Костадиновска која настапуваше со Тоше Проески, таа е прва братучетка на баба ми Ана, ни раскажа Наум.

Може да се пофали дека има искуство со свирки во кафулиња низ Ресен, најмногу со познатата група “Персиди” каде публиката многу срдечно го прифаќа, а нешто што е задолжителен ритуал ни го објаснува со зборовите: “Моите соученици на гимназија ме тераат да им пеам македонски и екс ју љубовни песни, и јас со задоволство го правам тоа!”.

Сѐ уште не може со точност да каже дали сака музиката да му стане преокупација или хоби.

Свесен е за својата возраст и затоа вели:

– Оваа година имав понуда од Роберт Саздов да настапам на “Макфест”, но моите смета дека сум мал и ќе присуствувам само како гостин во публика. Сакам да пеам на фестивали во иднина, и кај нас и во регионов.

Сѐ уште нема снимено своја песна, очекува некоја навистина добра понуда од квалитетен композитор и тоа ќе се случи.

– Можам да напишам песна и сам, ама не знам колку би била целосно професионална. Најдобро е да почекам додека дојдам до таа фаза. Имам многу идеи за музика. Си ги свирам и запишувам. Свирам на гитара и пијано. За гитарата сум самоук, а за пијано одев три месеци во Домот на културата во Ресен кај професорот Гоце Милошевски…

А, во песната, кога се пее со срце, се вткајува многу талент, љубов, труд и на крај тоа може да донесе голем голем успех.

Па, да му посакаме!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.