Десет години без маестро Јанко Узунов 

Јанко Узунов- Узун (Валандово, 15 февруари 1951- Берово, 24 август 2014).

Македонски естраден уметник и пејач на народни, поп и забавни мелодии.

Пејач, инструменталист, гитарист, автор, професор по музика.

Сопружник на Жаклина Колоска- Узунова

 

Животопис

Узунов е роден на 15 февруари 1951 година во Валандово, во семејство по потекло од Богданци, а музичката кариера ја започнал на почетокот на седумдесеттите години на XX век со првата снимка, „Магдалена”, песна на Димитар Масевски.

Во 1969 година пристигнал на студии во Скопје- Земјоделско- шумарски факултет и по завршувањето на факултетот се запишал и на Музичката академија, наставно- теоретски одел. Како агроном, Узунов работел пет- шест години.

Музичка кариера

Узунов започнал да се занимава со музика уште како дете. На деветгодишна возраст почнал да свири на мандолина, во музичката секција на училиштето. Неколку години подоцна, сестра му од Скопје му донела ученичка гитара и, оттогаш, тој се насочил кон гитарата. Учел сам, и веќе во 1966 година, во Валандово ја оформил рок групата „Златни стени“, која молскавично брзо стекнала популарност, и тоа низ цела Македонија. Групата настапувала и на тогашните актуелни гитаријади, а во 1969 година, на гитаријадата во Гевгелија, Узунов бил прогласен за најдобар гитарист и списането „Млад борец“ му доделило електрична гитара.

Автор е на многу големи хитови и во народната и во забавната музика.

Узунов во текот на сета своја богата музичка кариера во македонската јавност бил доживуван како „момчето со мандолината“, според хитот што во 1976 година го испеал со Цветанка Ласкова, на Фестивалот во Опатија. Подоцна, Узунов започнал да се занимава и со новокомпонирана фолк музика, останувајќи запаметен како автор на многу многу песни меѓу кои  „Чаки панкерот“ и „Звучна фантазија“. Оствари бројни успешни турнеи во многу земји, а освои број и награди на фестивалите.

Во последните години од животот, Узунов бил насочен на работата на своето приватно музичко училиште „Узун“…

Узунов починал ненадејно од срцев удар во Берово, на 24 август 2014 година, каде бил со својата сопруга Жаклина на одмор

***

Кирил Узунов: 

Денес се наврши една деценија од упокојувањето на мојот сакан татко Јанко Узунов, сега веќе и дедо на малата Јанка Узунова, која не дочека да ја запознае, но затоа пак таа го запознава секојдневно преку неговите песни, снимки од концерти, гостувања во емисии, фотографии, неговите гитари и домот кој ни го остави. Неизмерно ни недостига во семејството со своето присуство, советите, хуморот, грижата и помошта која ни ја пружаше во секоја неприлика. Големиот македонски кант автор и пејач зад себе остави огромен број на песни, композиции, аранжмани, инструментални обработки, книги за гитара, ученици кои продолжуваат да ја практикуваат и сакаат музиката. Неговото дело последниве години е опишано во неколку книги на познати македонски музиколози а оваа година беше издадена и книга за неговиот живот „Јанко Узунов – тој сиот беше музика“ од Валентина Ѓоргиевска Парго, доделени му се повеќе награди од областа на музиката, беа огранизирани повеќе концерти во негова чест, а неговото име го доби и една од најубавите концертни сали во Македонија каде се одржува и најзначајниот фолк фестивал Фолк фест Валандово! Имаше пребогат и преплоден живот, заслужува споменот да му трае и Македонија која ја сакаше неизмерно да се сеќава на него. Нека почива во мир и нека му се вечни споменот и славата,Кирил Узунов…

***

Жаклина Узунова:

И брезата наша е тажна,

да ни каже ко да сака,

дека утре пак ќе чека,

среќни ние да сме тука…

Јанко, љубов моја,

24 август 2014 година, кобниот ден кога ти замина во вечноста. И по десет години, тагата болката и копнежот по тебе само за миг ги ублажува твојата музика која истовремено боли и разгалува, буди и радост и тага. Ти благодарам за се што ме научи во животот, ти благодарам што беше мој прекрасен животен сопатник, учител, пријател, моја најголема поддршка, гордост моја. Почивај во мир маестро, легендо наша македонска.

Те сакам до бескрајот и назад, засекогаш!

Твојата Жакче.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.