Децата и младите, жртви на комплетно срушен вредносен систем

Осврт на М-р Татјана Гогоска, магистер по комуникациски науки автор за деца и млади

И повторно! Иста или слична приказна, во која  жртвата е млад живот 17 годишен тинејџер. И како по иста шема, социјалните мрежи горат од коментари, интернет Порталите пишуваат се и сешто па дури и најболните моменти, за да си ја зголемат читаноста и да имаат “поголем рејтинг“, одговорните во државата молчат и сe така.

Поводот е убиството на младото 17 годишно момче во Ново Лисиче, гимназијалец во Гимназијата Р.Ј. Кoрчагин, кошаркар на МЗТ, кој во неконтролирана тепачка со група млади од Чаир, беше избоден и неговиот животен пат насилно запрен. Сеуште се свежи раните на минатогодишната иста ваква случка во која момче беше до смрт претепано во Автокоманда.

На само два дена пред тоа, 16 годишна тинејџерка од Хрватска, почина од падната статива во Соколаната во Куманово. И така, згаснуваат млади животи од комплетната негрижа на возрасните во сите области.

Да почнеме од семејното воспитание, кое го снема накаде патем, во безредието на животот и прокламирањето на погрешни вредности. Родителите се чини како да не разговараат со децата, затоа што и едните и другите домашниот семеен живот го заменија со живот на социјалните мрежи, а трката по опстанок и преживување ги направи секогаш уморни, нервозни и со недоволна заинтересираност за својот подмладок. Нема почит или страв од родител, обично пак тие да си ги надоместат празнините во воспитувањето, ги бранат децата и за нешта за кои не се за бранење. И се така во недоглед.

Власта, онаа која треба во една држава да создава ред. Граѓаните да чувствуваат сигурност, децата и младите да се безбедни. Тоа одамна е заборавена категорија. Оние кои треба да патролираат низ населбите, обично се во станиците и чекаат на “повик“ ,„ако се случи нешто“ . Најавуваното враќање на малските полицајци никаде го нема. А сигурно таква патрола низ Лисиче имало шанси да интервенира и да го спречи убиството. А за несовесноста пак на одговорните во Соколаната сеуште и нема што да се каже..освен срамота.

Медиумите, кои се хранат од туѓата несреќа. Кои пренесуваат вести сурово, со една единствена цел, повеќе да се гледани-читани. На никој не му паѓа на памет да ги почитува Принципите за медиумско известување во случаи кога детето е жртва на насилство, сторител или сведок. Принципите на необјавување фотографии без согласност на родителите, принципот на професионалност во водење на известувањата од случајот, принципот на сеопфатна и објективна информација, принципот на достоинство и  принципот на  правата на детето (младиот човек) .Сето ова целосно е изгубено, иако Првата детска Амбасада во светот Меѓаши изготвуваше  Кодекси,  токму за вакви случаи, децата покрај што се реални жртви да не бидат и медиумски жртви.

И сега останува одвреме навреме на социјалните мрежи, кои станаа комплетен живот за повеќето, да се потсетува на случаите, да се коментира и се така и животот ќе проаѓа.

Затоа што, ретко кое злодело кај нас добива позитивна разрешница, која се состои од казна за сторителите, но и работа на едукација со децата и младите ваквите нешта да не се повторуваат. И повтрно ќе се згрозиме од нешто вакво или слично, родителите ќе се глувонеми, државата апстинира, медиумите ќе се “хранат со туѓата болка и загуба“ а децата и младите остануваат на милост и немилост од возраснте и се комплетни жртви на еден целосно срушен вредносен систем.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.