Скопје, 14 јуни 2022
Македонскиот истакнат уметник, хуманист и активист за мир Живко Поповски- Цветин денес во Скопје им врачи “Цветинова награда за мир” на брачната двојка Зоран и Весна Карапанчеви од Торонто.
Добитниците на оваа престижна награда се овие македонски иселеници, со бројни заслуги за општествениот живот на Македонците во Канада.
Господинот Зоран е дипломиран електро инжинер, фоторепортер, новинар, поет и публицист, видеограф, ликовен и мултимедијален уметник, активист на македонските православни црковни општини во Канада, голем афирматор на општествениот и културниот живот на Македонците во Канада.
Роден Скопјанец, креативен творец, реализиран во повеќе области. Во Торонто живее од 1988 година, каде набрзо по преселувањето станува редовен соработник на македонската телевизиска програма “Македонски корени” .
Повеќе од две децении сопственик е на фото и видео продукција, со која има голем придонес во црковната комуна “Св.Климент Охридски”, правејќи околу стотина видео интервјуа со истакнати македонци во комуната за “Канадско-Македонското Историско друштво”. Досега бил и претседател на неколку македонски друштва.
Но, пред неговото иселување има и богата професионална биографија во родниот град. Првото работно место му било во “Радио Скопје”, во програмата за деца и младинци, во која главен уредник бил Стојан Тарапуза. Тогаш, во првата година на неговото работење, ја добил и националната награда за најдобра програма за деца во Југославија на фестивалот на радио станици во Охрид.
Соработувал со списанија и магазини низ некогашната Југославија.
Откако го завршил факултетот, работел како електроинжењер во тогашните “Електротехника” каде бил и раководител, и во “Метропол”. Во Торонто е неуморен креативец. Квалитетот на неговата „Еј-Би-Си продукција“ беше препознаен и од меѓународната јавност, и беше награден со награда за “Извонредна креативност” на натпреварот во Лас Вегас во организација на професионалното видеографско друштвво“Vewa”.
На самиот свечен момент Цветин се потсети дека во 1986 година КУД”Гоце Делчев” имале турнеја, и по нив испратил цвеќиња на мирот за да ги презентираат пред публиката пред секој концерт, така што тогаш ги презентирале пред нашите иселеници во Торонто, Сиракуза, Бафало, Невада… Тогаш ја имал и песната “Ружа” од Блаже Конески, со која што спикерот Симон Беличанец ја отворил изложбата.
-Денеска е еден убав момент на потсетување дека цртежите “Цвеќе на мирот” опстојуваат во Канада меѓу нашите иселеници и здруженија што ги добиле тогаш и на некој начин еве ова е по толку години продолжување на мојата миротворна мисија, преку наградување на двајца истакнати и заслужни Македонци во Торонто, рече Цветин.
Валентина Ѓоргиевска Парго