Cuando hablamos el lenguaje de la música, recibimos un amor sublime -Кога зборуваме со јазикот на музиката , добиваме возвишена љубов

Esta es mi primera vez en Skopje, pero antes de irme desearía poder volver – Прв пат сум во Скопје, но уште пред да си одам посакувам да се вратам, со овие зборови меѓу другото, ги поздрави присутните на втората вечер од реномираниот Василичарски концерт во Македонската опера и балет , диригентот  гостин од Шпанија, реномираниот Оливер Диаз. Неговата  без граници позитивна музичка енергија, го обедини одличниот оркестар на Македонската опера и балет и гостите солисти исто од Шпанија,  Хозе Луис Сола, тенор и Ирене Палазон,сопран.

Сите заедно успеаја популарните дела на Верди, Пучини, Чилеа, Маскањи и Штраус II, да ги доближат величествено до публиката, која знаеше како да ги награди за она што им го дадоа оваа Василичарска вечер.

Диригентската палка на  Оливер Диаз кој имаше прекрасен фидбек од одличниот оркестар на МОБ, вечерта ја почна со моќната увертира од операта „Набуко“ на Џузепе Верди, создавајќи возбудлива атмосфера. Сопранот Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола ги воодушевија присутните со своите исклучителни вокални изведби.

Особено впечатливи беа нивните заеднички настапи, како што беше дуетот на Виолета и Алфредо од Вердиевата „Травијата”, што предизвика бурни аплаузи. Оркестарот, под водство на Диаз, виртуозно ги изведе и класичните дела како интермецото од  „Кавалерија рустикана” на Маскањи и увертирата од  „Лиљакот” на Јохан Штраус.

Концертот заврши  со долги и громогласни аплаузи. Вечерта во Македонската опера и балет, уште еднаш потврди дека музиката има моќ да обединува и да инспирира.

Кога зборуваме со јазикот на музиката , добиваме возвишена љубов или , Cuando hablamos el lenguaje de la música, recibimos un amor sublime,  е најемотивниот опис со кој гостинот маестрален диригент од Шпанија, Оливер Диаз, ги кажа во обраќањето кон публикта.. И секако си посака повторно гостување во Скопје, каде сретнал исклучителни музичари и многу убава енергија за соработка.

 

И така е! А ова ќе биде запаметен како концерт по повод празникот Василица, кој имаше исклучително позитивна енергија, обединета со безвременската музика на врвни светски композитори и беше вистинско музичко доживување. И уште еднаш, да потенцирам на  исклучителната  креативност во изведбите на гостите од Шпанија, диригентот  Оливер Диаз, тенорот  Хозе Луис Сола и Ирене Палазон сопран.

Благодарност за МОБ на исклучителниот избор и реализација, на овој традиционален Василичарски концерт, во своето 30-то издание.

М-р Татјана Гогоска 

Фотографиите се од официјалниот ФБ профил на НОБ, Марко Угарковиќ

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.