БЛАЖ МАРОТОВ: Сѐ ми оди од рака со музиката, а и “ќурсијата буботе”!

Изминува оваа 2021 година, која за музичкиот уметник и автор БЛАЖ МАРОТОВ на некој начин значеше заокружување на сѐ она штого постигнал на музички план досега, и, сега е пред нов почеток.
Ова беше година во која излезе Вашиот прв соло албум “Среќа барам” и верувам ја најдовте со новите хитови, беа доста вртени. Па, што ќе ни кажете и накусо и нашироко за албумот?
-Што би кажал… Мора да кажам дека сум задоволен гледајќи од сите аспекти, времето во кое се создаваше, со сите препреки кои беа наметнати, ограничувања, кои од друга страна пак ми дадоа време, инспирација, идеја. Создадов 6-7 нови композиции, со помош на моите пријатели, пред сѐ текстописци. И на крајот сето тоа се претстави во македонскиот музички простор со една убава промоција во клубот “Еквилибриум”, и низ повеќето наши пишани и аудио и видео медиуми. И после сѐ, среќен сум за сѐ што ми се случува.

Не остана сѐ само на албумот, годинава сам си снимивте и неколку спотови, со кадри од природни убавини на Македонија, а во Албанија и Хрватска снимате покрај егзотични морски брегови. Спотовите ги правите сам како и песните. Тоа не се висок буџет, но се добро изработени. Во врска со Вашата соло кариера веќе се зедовте во свои раце…
-Да, се согласувам, условите пред сѐ финансиските ги подредуваа работите, да се сработи вака.Но би споменал дека во времето во кое моментално опстојуваме, и повторно би направил на ист начин, а од друга страна идеите, и знаејќи го материјалот кој го имам пред себе, сметав дека најавтентично ќе го доловам во видеата кои ги сработев, иако не сметам дека не можеше и поинаку од ова. Но, кога веќе го работев и познавав уште од порано, монтажерскиот дел за видео, најблиску ми беше сам да ги пренесам идеите во видео записи.

Забележуваме дека во речиси сите спотови Вашата музичко брачна другарка Јуле Маротов е застапена во по неколку кадри, но никако не со нејзино намерно позирање, и да речам “главна улога” . Јуле изостана од Вашиот нов концепт, препознатливи бевте како дуо, но во спотовите ја има. Тоа е знак на нејзина поддршка за Вашите нови хитови?
-Јуле е секогаш присутна на секој начин, и при градењето на песните при компонирање, посебно во песните каде што сум и текстопишувач, па и кај видео спотовите, има многу остро око што по некогаш ми пречи кога ми прави корекции, но подоцна сваќам дека сепак е во право, така што ми помага, а за позирањето сѐ е тоа на мое инсистирање (посебно во спотот за песната “Ти си таа што ми треба”) кога ја убедив да ми позира и ветив дека таа ќе биде доста скриена дури непрепознатлива, ама некои пријатели и новинари брзо ја препознаа.


Ајде едно прашање, во нејзино име Вие кажете ни дали нешто подготвуваа?

-Мислам дека треба да го прескокнеме тоа прашање, а одговорот треба да го даде Јуле. “Се чека…”
Ќе зборуваме за Вас, како соло овој пат. Ако минатата година вашите песни доминираа на Македонско радио и Буба Мара каде во неколку наврати беа “хит на неделата”, годинава во песните беа хит и на други радио станици, особено на “Скај радио”. Се шири мрежата на медиуми кои ги освојувате, пак ќе речам, овој пат како соло играч, зошто во дует “Маротов” одамна бевте на медиумите. Да чепнеме малку сега едно друго прашање, значи ли овој пат дека очекувате добри тантиеми од ЗАМП?
-Ха, ха, ќе видиме наскоро. Искрено, тој дел не ми е многу битен, како и сѐ досега околу оваа моја професија, секогаш првенствено сум го правел од љубов кон музиката, и секогаш ми е важно да пронајдам публика што е на моја фрекфенција, бидејќи денес имаме многу музички жанрови, правци, и сите имаат свои конзументи, така што, ова што го нудам на пазарот сакам да дојде до поголем број мои истомисленици.
Во работата сте засилени со снаата Лена Маротов еден исклучителен вокал, која помага и за придружни вокали и за изработка на спотовите. Синовите музичари се постојано со Вас. Битолчани за толку добро наместени карти би рекле “пука играта”, не знам како вие струмичани би рекле, да откриеме Вие сте роден Струмичанец кој живее во Скопје и е оженет со Скопјанка.
-Кога сме кај првиот дел од прашањето, а и како што откривате, да Струмичанец сум, со веќе подолг престој во Скопје, и вкрстен со Скопјанка. Па и со потомството и пошироко, работа врви или “ќурсијата буботе” барем досега, а не се сомневам дека и понатаму ќе гори мирно. Имаме убави фамилијарни дружби, со песни, гитари (како во текстот на мојата најнова песна) имаме и добра соработка со сите во семејството и на музички план. Лена, Бојан, Гоце, Мани си помагаме секој на свој начин. Еве да откријам нова песна за Лена е при крај со миксање, и се надевам наскоро ќе ја претставиме на публиката.

Оваа година дознавме дека неколкуте песни што ги имате во авторство на маестро Симон Трпчески се создадени на база на Вашата колегијалност, но и Вашето поранешно соседство. Со маестро Милан Завков сте и кумови. Да очекуваме некоја нова музичка комбинација?
-Со маестро Трпчески бевме еден подолг период соседи, па и фамилијарно комуницираме, но и на заедничките учества на семинарите и концертите на Бојан и Симон кај професир Борис Романов. Така се роди и таа соработка со Симче, тој како млад автор на музика и неговиот брат Јован, како автор на текстови, останатиот дел јас го финализирав, и направивме 2-3 успешни композиции. А со другиот маестро Завков, тоа е долгогодишна “стори”, уште од прва година во музичко почнавме да музицираме заедно па до денес. Никогаш не е исклучена соработка со мои ценети и драги колеги, кога ќе проработи идејата и поривот за музицирање.
Ви е жал ли се уште што минатата година во пандемијата немаше услови да одите на Сплитскиот фестивал со мегахитит “Роман за нас”, каде потврдно беше одговорено?
-Тоа го оставам како еден момент и период кој е поврзан со многу измешани емоции за едно време, кое не внесе во еден лош сон, а во тој сон ми се случи едно убаво музичко уживње преку “Роман за нас”, која ќе остане како белег на тој период.

Не ја забораваме ни прекрасната промоција минатото лето за Втори август во Крушево. Тогаш со градоначалникот наводно беше зборувано и за концерт, може да се случи следното лето?
-Со задоволство се присеќавам на промоцијата, која ја направивме во Крушево, во објектот кај “Шапе” убава дружба, промоција на две композиции (“Роман за нас” и “Бенг бенг” ) каде и “заговаравме” можен иден концерт во Крушево со помош на општината и градоначалникот, и гостување во некој од локалите во Крушево. Желбата стои, па еве, нека нѐ слушнат, нека нѐ поканат, а за фешта ние сме подготвени.

Оваа ви беше и година на други промени. За да се посветите на соло кариера ја напуштивте и долгогодишната работна позиција која ви создаваше повеќе обврски во Средното Мзуичко училиште, каде во иднина останувате само професор. Го добивте ли времето кое ви требаше?
-Секако, јас се предавам целосно во секоја работа која ќе ја прифатам, така и од неодамна, кога ја напуштив мојата позиција, раководител на одделот за гудачки инструменти во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј ми се отвори повеќе временски простор за креирање на авторско продуцентската работа, а неодамна се случи и мојот нов сингл “Нека се вратат времиња златни” на текст на авторот Цане Трајчевски. Убава позитивна песна, која брзо допре до публиката, и преку видео спотот, снимен на познати локации од минатото и денес.
Намерно ја изоставив преработката и спотот за “Дејги ди луди млади години” за сам крај, промовиран токму на Велигден во емисија “Неделен магазин” на МТВ. Звучно етно богатство, но и најава за новото поглавје и новата приказна во која влегувате. Класика М.
-За КЛАСИКА М сега имам една нова идеја, за која не сакам сѐ уште да откријам, ќе оставам да ја слушнете, кога ќе има готов материјал од оваа идеја. А во меѓувреме имам уште една готова измиксана, необјавена песна од тој циклус ,тоа е песната “Моме оди за вода” како четврта песна во истиот дух на обработки.

Вашата промоција ја следеше поддршка од најголемите медиуми и весници, и рака на срце годинава добро зедовте залет. И, таа летна вечер пред соработниците и пријателите во “Еквилибриум” кажавте дека време е за концерт. Време е, велам и јас. Кога, каде и каков?
-Концерт со една убава концепција на добра музика, со добар бенд, со мои пријатели ми стои во гради, во мисли, и се надевам, дека ќе направиме едно големо уживање за сите што ќе дојдат да се забавуваме. А за местото и просторот кога ќе дојде моментот за тоа. Посакуваниот концерт за мене е голем предизвик од аспект на адреналинот кој го чувам за еден таков настан, што знам дека сѐ што ќе понудам, ќе биде од срце, кое е преполно со стекнати искуства, емоции, музика и добра енергија.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.