Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго
Авторката БЛАГОЈКА ФИЛИПЧЕВА е писателка и поетеса со широк распон на делување во областа на современото творештво кај нас. Ценета Претседателка на “Здружението на просветни работници- Литературни творци на Македонија” со многу плодна дејност и на тоа поле.
Јас на почеток би се осврнала на Вашите дела, четири на број, со наслови “Шепот и ехот низ љубовта”, “Анриет Бонард или Баба Анка”, “Од Бога дадено од човека додадено” и ” Сведоштва и вистини за Воден и Воденско”. Не знам од каде да почнам, самите наслови многу кажуваат. “Шепотот и ехото низ љубовта” е збирка поезија. Со каков мотив е создавана?
-”Шепот и ехот низ љубовта” е стихозбирка издадена 2017 година, на македонски и на српски јазик. Во неа се наоѓаат песни од постар датум, но и од понов период, распоредени според мотивите во пет циклуси: “На Македонците и Македонољупците”, “На поетите”, “Љубов, ах љубов”, “На моите сакани”, “Заедничка азбука”. “На Македонците и Македонољупците” е со родољубиви ноти, за самосвеста и носталгијата, во слава на Татковината. “На поетите” е циклус песни посветени на македонските поети од чиишто животни патеки се напојуваат и вдахнуваат оние кои доаѓаат по нив. “Љубов, ах љубов” е циклус каде преку внатрешниот глас се глорифицира и брани љубовта, а во слава на животот, преку љубов. “На моите блиски” содржи песни посветени на најблиските од семејството, од кругот на најблиските и саканите, чувства на тага заради загубата на близок, а некои заради оддалеченоста. Со “Заедничка азбука” се испраќа универзална порака за човекољубие, се повикува на негување на радосното, хуманото, убавото, а сето тоа преку симбол – заедничка азбука.
“Анриет Бонард или Баба Анка” е можеби Вашето најемотивно дело, книга со сеќавања на Вашата баба, по потекло Французинка. Како се случило таа да дојде и да живее на нашите простори? Што ви остави како мудрост која Ве води низ животот?
-“Henriette Bonnard или баба Анка” е романизирана биографија отпечатена 2019 година, на македонски и на српски јазик. Посветена е на мојата мајка Јелена Саракинова – Марјановиќ и на членовите на семејството Марјановиќ кои ми беа инспирација. Тука пишувам за саканите на кои безрезервно им се дарувам. Силата ја наоѓам во семејството, навраќајќи се не многу назад во времето минато. Сакам да уверувам во среќата, во љубовта која е столб на среќата. Темата е светска, универзална, но и вечна, со тенденција да се движи кон трансформација во правец на ослободување на стегите во светот. Сакам да покажам една голема љубов на една храбра и одважна жена по потекло од Франција која и покрај забраната на родителите, се мажи за Црногорец. Заради силна љубов Henriette се откажува од родното, добива нов идентитет Анка, во новиот живот и новата Татковина. Низ страдањата во животот, таа ќе истрае и ќе изведе на пат бројно поколение на кое беше мошне горда. Затоа баба Анка порачува дека љубовта е над сé , сé се надминува , дека постои сéопшт Бог кој ќе помогне. Затоа баба Анка ме научи дека сплотеноста и заедништвото се најважни во семејството, а благодарение на Бог, оној сéчовечкиот и сéмоќниот, а не оној кој носи разделби и страдања.
“Од Бога дадено, од човека додадено”, звучи архаично и објаснува некоја исто така одамнина пренесена мудрост. За какво дело станува збор, запишани во овие страници на книгата?
– “Од Бога дадено, од човека додадено” е стихозбирка издадена 2020 година, на македонски јазик. Во неа се рапоредени 8 циклуси со по 8 песни. Мотивите се верски, родољубиви, социјални, рефлексивни, за саканите, за пријателите, на крај детски песни. Сите стихови се мој дар до читателите, произлезен од длабочината на мојата душа. Тоа се стихови за радост, болка, тага или среќа, човекољубие и патриотизам, но никако не и за омраза или одмазда. Низ стиховите му се заблагодарувам на животот за сите убавини што ги доживеав, а се надевам и за натаму.
“Сведоштва и вистини за Воден и Воденско” е според мене Вашето антологиски дело, со самиот факт што во него се пренесени вистински случки и настани кои им се случувале на Вашите претци во Воден. На оваа книга, која на секоја страница крие историско богатство, сакам да се осврнеме и во нелога друга прилика. Би сакала и сега да ни откриете што се содржи таа?
-“Сведоштва и вистини за Воден и Воденско” монографија, отпечатена 2021 година. На неа работев цела година. Посветена е на моите корени, на семејството Саракинови, а издадена е по повод стогодишнината од ражаето на татко ми Петре од кого се забележани многу вистини и сведоштва. За она што се случувало во периодот 1941- 49 година, за време на НОБ и на Граѓанската војна во Грција, сведоштва и вистини раскажаа голем број потомци на шеесетината борци застапени во монографијата. Рецензенти на овој труд се проф. д-р Новица Велјановски и м-р Илија Митевски кои се согласија дека авторката испраќа до читателите јасна порака да не се заборават овие големи и храбри луѓе кои се бореа за идеја. Јас како автор искрено им се поклонувам и порачувам дека во нивна чест ќе гори вечен пламен во срцата на наредните поколенија. Треба да се додаде дека во ова дело се сместени бројни оригинални фотографии что ретко се наоѓаат во нашите архиви, а се чуваат во богатата библиотека на семејството Саракинови.
Велат, има три видови на книги – од кои црпиме пријатно расположени, од кои црпиме мудрост, и од кои црпиме историски податоци. Вие сите овие елементи го имате застапени во Вашите дела. Според Вас, кое е најмоќно, иако сите три се тука некаде.
-Во сите мои книги се трудев и сакав да оставам пораки, односно од нив да црпиме мудрости и пораки. Преку песните во стихозбирките секако сакав и да ги расположам читателите, но истовременоимав намера да насочам кон тоа да не се заборават историските настани или случувањата во мојот живот.
Вашата литературна работа не завршува само на објавување Ваши книги. Како Претседателка на “Здружението на просветни работници- Литературни творци на Македонија” имате една многу плодна дејност, организирате и натпревари а и објавувате книги. Посочете ни ги тие книги или барем некоја што посебно вреди да се спомене.
-Го организирам и водам “Здружението на просветни работници- литературни творци на Македонија” кое постои веќе триесет години. Многу наши познати писатели и поети, поминале низ таа средина. Основна цел на Здружението е стимулирање и поддршка на автористе, поттикнување на млади автори на творење, негување на творештвото од познати автори. Чествување на значајни имиња и датуми во македонската литература. На тој начин Здружението дава придонес за негување, развивање и чување на македонскиот јазик. Согласно Програмата, Здружението издава зборници, алманаси, албуми, а тоа по пат на самофинансирање од страна на авторите.
Јас се појавувам како главен уредник на следните дела:
2018 – Ракописот на љубовта – стихозбирка
2019 – Треперење на душата – стихозбирка
2019 – Албум за Тамара Арсовска – стихозбирка
2020 – Аманет за вечноста – збирка раскази
2021 – Албум од спомени за Виолета Сековска – збирка текстови и песни…
Токму една од книгите е посветена на Тамара Арсовска, исто така ваша членка. Кој ја подготви таа книга?
-Во Албумот за Тамара авторите пишуваа за Тамара Арсовска која беше една од основачите на Здружението. Во знак на благодарност, почит и спомен за неа, организирав и реализирав постхумно печатење на книгата. Албумот од спомени за Виолета беше промовирана во месец октомври 2021 година во присуство на семејството на прерано починатата Виолета и бројни нејзини пријатели. Се изнесоа многу емоции, тага и спомени, преку напишаните творби застапени во Албумот. Овие две книги сведочат за активноста на Здружението, чиј претседател сум јас.
Најново издание е книгата која не трогна голем број на љубители на пишаниот збор, посветена на поетесата Виолета Сековска, а промовирана неодамна. Станува збор за поетеса која се издвои со својата исклучителна посветеност на пишување песни за Македонија. Незаборавна поетеса. За жал рано не напушти. Ја знаевте од малечка можеби и затоа со толку емотивност објавивте книга за неа со високи стандарди и висока естетика.
-Точно е дека Виолета Сековска ја познавав од мала, од раните детски години. Живеевме во исто маало, бевме блиски комшивки. Во раното детство, знаеше да седне во мојот скут и бараше да ѝ раскажувам. Таа порасна во извонредна личност. Со посветеност на Татковината. Тоа чувство на припадност на земјата на Сонцето со кое таа често се фотографираше, многу тесно нé поврзуваше нас двете. Виолета беше активна во Здружението и присутна на литературна сцена во земјата и во странство. Виолета заслужено беше чествувана на таков начин како што направивме, преку книга-Албум од спомени.
Што пишувате во моментов? Вие сте и дел од стара Охридска фамилија која живее во “варош” , каде се пренесуваат безброј легенди за охридскиот живот и охридските семејства. Сте дошле ли на идеја да ни раскажете нешто за нив, или барем за Вашето семејство Филипчева?
-По род потекнувам од семејството Саракинови со корени од Егејот, од Беломорието. Веќе 50 години сум член на семејството Филипчеви, поточно Филипче, стара Охридска фамилија од „Варош”. ксклузивно ќе изнесам вистина – ова е старо револуционерно семејство. Ова е потврдено во книгата Прилози за Даме Груев издадена Друштво за наука и уметност- Битола, во 1983 година по повод 75 – годишницата од неговото загинување. Според написот на Светозар Наумовски Даме Груев се движел низ Македонија и ги оформувал првите револуционерни јадра. Во 1894 година при посета на Охридско – Струшкиот регион, точно во куѓата на Никола Филипче од Охрид, е оформено првото револуционерно јадро за Охридската Околија. Заради револуционерни активности на Ираклија Филипче – дедото на мојот сопруг Љупчо, бил фатен од турскиот аскер во Охрид и влечен со коњ во затворот во Ресен. На половина пат како резултат на измачувањата, починал. Со огромни почести и церемонии бил погребан на почесно место, во дворот на црквата Богородица Перивлепта кај Горна Порта во Охрид. Тој бил голем поддржувач и донатор на финансиски средства на црквата, па затоа секогаш за него било слободно и резервирано местото до владиката. И денес, во семејната куќа на Филипче во Варош, на улица Илинденска бр. 9, веднаш до црквата Света Софија, во приземјето се наоѓа скривалиште, што сведочи за бројни настани што се случувале таму. Се криеле комити и луѓе на кои Ираклија Филипче им пружал секаква помош и соработувал со нив. Од таа куќа се изнедрија бројни интелектуалци и од постарата и од поновата генерација (низа доктори на науки, професори, магистри, лекари, стоматолози, архитекти, градежни и машински инженери, економисти, професори и наставници). Свекотрот, таткото на мојот сопруг – Славе Филипче завршил економски факултет во Виена и после НОБ 1945 година бил преместен на работа во Скопје, и е еден од основачите на банкарскиот систем во Македонија.
(семејната куќа на семејството Филипче од 1863 год. (десно од црквата Св. Софија која за време на турското ропство била џамија) и од поново време (со црвена фасада)