Битола е дел од новата веб-страница која ги поврзува 18-те градови од кластерот за филм од мрежата на креативни градови на УНЕСКО. Веб-страницата на мрежата креативни градови на УНЕСКО вклучува опис на градовите и тоа што се работи во филмската индустрија во истите и има за цел да ја зајакне соработката помеѓу истите . Битола според азбучен ред е прва. На повеќејазичната веб-страницата (www.citiesoffilm.org) се содржани профилот за секој град-член, добри примери и вести за соработка и можности за соработка меѓу членовите.
Сите градови од мрежата се посветени на идејата за одржлив културен развој и продлабочување на соработката меѓу градовите преку заеднички активности и проекти. Во оваа веб-страница првпат на едно место се содржани сите информации за сите членки. Секој може да пристапи до страницата од каде било во светот и да прочита повеќе за активностите на филмските градови.
Битола од 2015-тата година, е рамноправна членка на кластерот на креативните градови за филм, од мрежата на УНЕСКО и еден од 18-те градови кои се дел од оваа мрежа. Таа е единствен град од Македонија во сите кластери на мрежата на креативни градови на УНЕСКО. Овие мрежи на креативни градови претставуваат движечка сила во која креативноста ќе биде потикнувач на економскиот раст.
Весна Ристовска од Центарот за филм Битола, по овој повод изјави дека „Оваа платформа ќе биде голема помош за постигнување на подобри резултати во областа на креативниот сектор. Со оглед на тековната пандемија, никогаш не било поважно да останеме поврзани дигитално. Со оглед на фактот дека денеска од вкупната светска популација 4 милијарди луѓе живеат во градови, оваа иницијатива со вмрежување на креативните градови е добра прилика културата и креативниот сектор да се ствараат позитивни трендови за одржлив урбан развој и да бидат платформа за акција и иновации, кои ќе овозможат интеграција на културата во програмата на УНЕСКО за одржлив развој до 2030 година“.
Елена Бојаџиева-Цветковска од Унијата на асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ, посочи дека „УНЕСКО е посветена на зајакнување на одржливоста на градовите преку совети за политики, техничка помош и градење на капацитети, во областа на културата и креативните индустрии, образованието, комуникацијата и развојот и дека тоа е нешто што градовите членки треба максимално да го користат“.
Мрежата на филмски градови на УНЕСКО, минатата година се зголеми значително со пет нови градови. Во неа освен Битола членуваат и Брадфорд, Бристол, Бусан, Галвеј, Лоѓ, Мумбаи, Потсдам, Чингдао, Рим, Сантос, Сараево, Софија, Сиднеј, Тераса, Ваљадолид, Велингтон и Јамагата.
Во рамките на соработката меѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, Битола од 25 до 28 август повторно е домаќин на Вториот Форум на креативните градови од мрежата на УНЕСКО на тема „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој наградовите“. Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите градови дел од мрежата на УНЕСКО. Со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, овој настан го организира Здружението ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ БИТОЛА.