Балетската приказна „Лебедово езеро“ на сцената на МОБ

Приказната за забранетата љубов во магична атмосфера и моќна, мелодична музика: „Лебедово езеро“, најпознатото балетско дело на сите времиња, на 28 февруари со почеток во 20 часот ќе биде изведено на сцената на Националната опера и балет.

Судбината и љубовната приказна на девојката-лебед, е оправдано онаа првата  на која што помислувате кога е во прашање класичен балет, зошто ова е најпознатото досега создадено балетско дело.  Ова е бајка за потрагата по вистинска љубов како единствен начин да се скрши магијата, што протекува низ познатата мелодија на П.И.Чајковски и уникатните сценски движења кои ја прикажуваат борбата на доброто наспроти злото, предавството и измамата.

Специфичноста на балетските движења и техники го прават „Лебедово езеро“ исклучително тежок балет за изведба, а главната улога е веројатно најпредизвикувачката женска балетска улога која изискува високи способности за артикулација, агилност, сила и особено големо внимание кога се во прашање движењата на рацете.

Во оваа прилика, уникатната улога да ги претстави спротивностите на двата главни женски ликови на сцената на Македонската опера и балет и припаѓа на првенката на балетот  Марија Кичевска Шокаровска, а улогата на нејзиниот љубен Зигфрид ќе ја изведе Васил Чичијашвили од Грузија.

Настапува оркестарот, солисти и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.