На листата за советници за Град Скопје од Левица е кандидиран и господинот Антонио Димитров, професор по филозофија и магистер по комуникации и нови медиуми, млад човек кој се занимава и и со култура, новинарство, саунд арт, музика. Инволвиран во културата, на свој начин.
-Кога би се истакнувало значењето на културата за еден народ, особено за главниот град, не се сомневам дека имате своја визија како таа би изгледала. Што ви беше мотив да се пријавите за носител на листа на советници?
-Бидејќи на Скопје итно му е потребна локална самоуправа составена од народни избраници на кои примарен водич и основен движечки принцип им е јавниот интерес наместо личниот. Скопските улици, паркови, плоштади, центри, јавни објекти, најпрвин мора да бидат одземени од рацете на корумпираните и ненаситни политичари кој 30 години го изобличуваат лицето на градот. Логиката на приватните интереси итно мора да биде заменета со јавниот интерес. Истото се однесува и на културата во градот, која е„приватизирана“ од малкумина или има некаков партиски предзнак. Културата која е узурпирана или злоупотребена во партиско-политички цели. Токму ослободувањето на јавното добро од овие стеги е и мотивот за овој чекор. Конечно, нашите решенија не произлегуваат од стотици страни фиктивна предизборна програма, туку од бескомпромисни луѓе кои се водени од принципи и чесни намери на кои јавниот интерес им e идеолошко- вредносна определба. Ваквата визија за градот за која зборувате не е едноставно предизборно ветување кое може лесно да се реализира. Тоа е долгорочна борба која и досега сме ја воделе, а која сега ќе ја институционализираме преку партиципација во советите.
На Скопје неодложно му треба голем културен центар: модерен, функционален, сенаменски, претставителен. Сите љубители на културата го чувствуваат тоа. Градоначалникот во овој мандат, господинот Петре Шилегов, најави минатата година на премиерата на филмот” Хомо” на покривот на ГТЦ, токму таму да се направи таков стаклен центар, што навистина звучи доста примамливо. Вам како ви изгледа оваа идеја, или имате некоја друга?
-Апсолутно му е потребен. Проблемот е повеќеслоен, но сé започнува од токму тоа: потребата од еден модерен културен центар. Сите сакаат големи артисти, групи и имиња со свои концертни настапи во Скопје, но кога ќе дојдеме до локацијата за негово одржување, сé се сведува на импровизација. Се настапува по спортски сали, саеми, акустично несоодветни простори, каде и тие големи имиња што дошле да настапат звучеле ужасно. За жал дури и тие сали кои се наменети за концерти се акустички дискутабилни, со чесни исклучоци. А кога одите на концерт одите за да чуете квалитетен звук, а не матна бучава. Истото се однесува и за останатите културни настани, изложби и слично, кои изискуваат соодветен простор. Единствено не сум сигурен колку полу-распаднатиот ГТЦ е просторот за модерен, функционален, сенаменски, претставителен културен центар. A идеите на Шилегов е излишно да се коментираат, бидејќи се само тоа, идеи кои ќе останат во доменот на фантазијата. Очигледно во претходните четири години мандат се немаше волја, интерес и капацитет да се реализира било која и од едвај понудените идеи. Сé останува на ниво на предизборно ветување, освен некакво ситно козметичмко замачкување и носталгичарење по старо Скопје.
Има доста запуштени, а креативно возбудливи простори, кои што заслужуваат да се најдат на културната мапа на градов, на пример, со пренаменување на просторот на Македонски Пошти покажа дека е така, и е полн погодок.
-Тоа е дел од нашата програма. Ревитализирање на такви напуштени објекти кои би ги ставиле во служба на културата. Тоа е процес кој не е нов или несвојствен за големите градови. Во секој град се сквотираат разни пропаднати фабрики, магацини или напуштени градби, во кои спонтано и грасрут се формираат некакви автономни културни центри, анархистички комуни, социјални и идеолошки јадра. Во регионот ја имате Метелкова во Љубљана, во Maрибор e Пекарна, во Белград Инекс филм и БИГЗ, во Нови Сад ЦК13… Во процесот на формирање на еден таков културно-социјален центар (АКСЦ) во минатото се обидовме да лоцираме такви простори, но просто беше невозможно да се искористат поради нејасните сопственички односи, немањето слух од градот, и нејасната регулатива за заземање на напуштени објекти или сквотирање, па на крај сепак моравме да изнајмиме простор. Сега градот би помогнал и би го олеснил тој процес. Интересно е што Скопје изобилува со објекти во државна сопственост кои се нефункционални, запуштени или пак недоволно искористени. Со цел максимално искористување на сите таквите објекти ќе создадеме сеопфатен регистар на објекти од јавна сопственост преку попишување и регистрирање на сиот недвижен имот. Овој регистар ќе биде основен показател за целокупниот недвижен имот со кој располага градот Скопје и државата на територијата на градот.Ова ќе биде првиот чекор кон подобро искористување на овие капацитети. Во соработка со возобновениот Завод за урбанизам и архитектура, како и други релевантни домашни научни институции ќе бидат изработени и реализирани проекти за нивно реновирање и пренамена. Притоа, од особена важност за нас ќе биде пренамената на овие објекти да решава приоритетни проблеми за граѓаните и секако за култура. Меѓу таквите идеи кој ги планираме е и ставање во функција на напуштената фабрика Купром, лоцирана во населбата Хром и претворање на истата во центар за културната и алтернативната сцена, каде младите ќе имаат можност да творат и креираат, идеја која веќе е започната и постои на хартија, а ние ќе помогнеме да се реализира.
-Неизбежно е во еден ваков, сепак релативно мал простор (Град), да се соочуваме и со мешање на културата со квазикултурата. И со тоа, да се расипува убавото. А кај нас мислам сосема и се запоставува супкултурата, која најчесто е двигател и погон на нови идеолошки процеси. Последнава деценија пак урбаната култура е на “мускулите на ентузијасти”. А главен град без урбана култура, го губи својот урбан статус , зарем не? Ве замолувам за Ваша визија околу тоа.
-Скопје веќе одамна не е урбан град и комплетно се согласувам со констатацијата за буткањето на мускули од страна на поединци. Град во кој веќе нема посветена публика која со интерес ќе следи настани, со поединечни и инцидентни настани, во кој сцената е еродирана, без културни центри и јадра, и во кој нема континуитет на сцената,не е урбан град. Нo, на ниво на супкултура денес е барем лесно. Супкултурата потекнува од улицата, од гаражите, алтернартивните простори…А денес слободни или напуштени простори има и повеќе од доволно во секоја општина. Ентузијазам кај младите секогаш има и не им е потребно многу за да се организираат и творат. Потребен е само мал влог за покренување на мали автономни културни центри во кој ќе се организираат настани, изложби, концерти, итн., а кои ќе ги координираат неформални групи на млади или организации, кои ќе бидат сериозен импакт и ќе дадат континуитет на оскудната културна сцена и понуда. Впрочем, на алтернативната или независната сцена не и е потребна институционална поддршка, но доколку и ја дадете, тогаш за возврат ќе добиете многу повеќе отколку што сте побарале. Конечно и идеите за самата Левица потекнуваат и се создадени во еден автономен културно-социјален центар (АКСЦ) кој една група ентузијасти го покренавме во „железничарската зграда“ пред скоро една декада. Една соба каде секојдневно се одржуваа состаноци и разни настани со активистичко-културно-социјален, па и идеолошки карактер, без финансии и многу услови, кои како што велите, беа двигател и погон на новите идеолошки процеси, па дури и конечно формирање на партијата.
Не може да се избегне и констатацијата дека културата е маргинализирана, од една страна, а и узурпирана од друга, со фактот дека одредени шеми постојано наоѓаат начини како да го земат оној поголем дел од буџетите, а да не направат нешто многу значајно. Како ќе се заштитите од притисоци на луѓе од културата и сцената, поврзани во шеми, врз Вашата работа или врз работата на комисии, институции?
-Факт е дека едни исти уметници и организации го узурпираат културниот простор со тоа што добиваат големи суми, а со тоа и ја униформираат културната сцена. Условите и критериумите на конкурсите се дискутабилни, и сѐ поминува под сомнителни околности и со конекции. Ние сме принципиелни и бескомпромисни кога се во прашање правдата и корупцијата, така што ќе мора да се соочиме со тие предизвиции да го промениме овој начин на функционирање.
Не е лесно мерливо какво треба да биде распределено финансирањето на културата, но некои параметри мора да се следат. Просто речено, тоа се гледа од самиот факт што потребата на народот за културата прекинала или е значително намалена. Вие, каде го лоцирате проблемот за намалениот интерес?
-Како што веќе нагласив, проблемот е повеќеслоен, посебно кај нас. Од немање простори, нееднакво или селективно финансирање, НЏО-изација и наменска идеолошка културна продукција за одредени финансиери, недостаток од континуитетна сцената, оскудна културна понуда, недостаток од културни медиуми, генерална комерцијализација и меинстримизација на културата, глобално менување на културните парадигми, а од друга страна и ковид карантините и протоколите дополнително си го направија своето во последниве две години. Општата апатична ситуација поради економско-политичките услови исто така. Но, сето тоа може да се врати со добри културни политики на централно, но пред се на локално ниво.
Според Вас, недостига ли една голема централна културно музичка манифестација, некој фестивал, настан, нешто што ќе му даде силен печат и препознатливост на Скопје?
-Скопје има доволно културно музички, па и филмски манифестации, единствено би можело да се поработи на нивна потемелна поддршка, разнолокост, инклузивност, децентрализација по општините, вклучување на повеќе чинители. Секогаш се добредојдени и нови настани секако.
Скопскиот ноќен градски живот во осумдесеттите посебно во деведесеттите беше поим за урбана култура. Кои се Вашите најголеми впечатоци од тоа време, што би вратиле повторно од сето тоа, кога би можеле?
-90-те и 2000-те се моето време, ако може така да се каже, посебно во доменот на ноќниот живот. И тогаш апсолутно имаше возбудлив ноќен живот. Сетоа тоа не произлегува од фактот дека тогаш сме биле млади, туку затоа што едноставно имаше ентузијазам, публика, взаемна комуникација и соработка, клубови и простори, музичка понуда, а со тоа и сцена воопшто. Беше тоа неверојатна енергија, жед за музика и уметност, следење и организирање настани, истражување, колекционирање плочи, пишување за музиката, постоеја медиуми за поддршка на сцената… Секако дека денес времињата се променети, а со тоа и интересите кај публиката. A да се врати ноќниот живот и урбаната култура, потребно е повторно да се врати тој дух, ентузијазмот и да се реализираат претходно споменатите аспекти.
Валентина Ѓоргиевска Парго
(Текстот е некомерцијален, Редакцијата е отворена за разговор за културата со кандидатите за градоначалници и советнички листи на сите општини)