Скопје, јули 2024 година
На 18 јули во Галеријата Ко-Ра при Домот на култура Кочо Рацин, Скопје беше отворена изложбата на дигитални слики “Алегории” на Игор Поп Трајков. Посетителите беа изненадени од сликите пројавувајќи љубопитство како истите биле реализирани. Како што се вели во каталогот тие се со сосем дигитална реализација или со комбинација на класичните техники (туш, акварел, темпери, водени креони, пенкало за цртање и др.) со дигитална надградба или обработка. Во некои од нив се користени и програми на вештачка интелигенција.
Сликите оддаваат впечаток на хипер- реалност или тродимензионалност. Се разгледуваат темите кои традиционално се најзастапени во алегориите како изразно средство, а тоа се историјата, историјата на уметноста, политиката, антропологијата, религијата, социјалните науки. Особено провокативно, во препознатливиот стил на авторот делуваа сликите кои даваат саркастичен коментар за правата на обесправените и иронијата дека од сето тоа се прави успешен бизнис.
Во естетска смисла авторот верува во редукција, па иако многу слики делуваат колоритно, се насликани со само неколку бои или тертипи (во дигиталниот свет може да се слика и со тертипи), а некои се речиси монохроматски. Во поглед на композицијата, во случајот на оваа изложба Поп Трајков ја користи онаа карактеристична за класичното сликарство- со златен пресек.
„Авторот се повикува на сецивилизациските дострели и веќе напластените, искуствени мудрости во кои живееме, меѓутоа кои не` соочуваат со некои ретки парадигми, со непредвидливостите на современоста, на човековите права, и на политиката, и на митологијата, од Гилгамеш па навака. Можеме да говориме и од аспект на структурализмот, и на постструктурализмот, и на филозофијата, на Фуко, на бројни следбеници, но не можеме да правиме споредба. Секогаш се заложувам за една мисла дека секое суштество е единствено и неспоредливо во својот целосен код, како индивидуа, единствена и универзална, а потоа уникатна и неспоредлива во своето комплетно битисување. Таа автентичност, автономија ја има секое негово дело одделно и навистина претставува предизвик за осознавање, за доживување и за интерпретирање.“- рече по повод отварањето на изложбата Алегории уредничката на ликовната програма во Домот на култура Кочо Рацин, г-ѓа Виолета Гајзер Калиќ.
На отворањето свое видео- обраќање имаше кураторката на изложбата Џоана Пентала, во кое рече: „Изложбата Алегории обемно се надоврзува на стереотипите, настојувајќи да проникне во значењето зад значењето, односно да ја досегне деликатната дозираност која ова изразно средство ја има во денешнината; не само во светот на уметноста и креативните индустрии, туку дури и во секојдневието, како на пр. во медиумите. Всушност на типичниот провокативен и шокантен начин за Игор Поп Трајков, тој ни дава една слика на ќор- сокакот во кој има западнато западната јавна сфера, па мора повторно да се навраќа кон изразното средство кое самата таа го прогласила за средновековно- алегоријата. Во оваа изложба Игор Поп Трајков ни претстави и композиции кои се комбинации на тематски групи и изразни средства, или би можеле да се подведат во неколку различни, флуктуирачки групи. Авторот дава до знаење дека делата стојат сами, и не треба да бидат групирани за да бидат разбрани. Делата им апелираат на сите- секоја убава алегорија може да биде оценета на свој начин. Поп Трајков уште еднаш нѐ интригираше со оваа изложба. Тој ни даде колекција која нѐ зашеметува со својата прецизна техника која беше постигната со различни изразни средства. Убавината на делата е несомнена, но изложбата прави да се запрашаме за светот околу нас, и нашето место во него.“
Г-ѓа Џоана Пентала има завршено комуникациски уметности, со специјалност драма при University of Leeds и има специјализации од областа на англискиот јазик, театарот и историјата на уметноста при Moreton Hall Shropshire (UK).
Изложбата Алегории ќе биде во Домот на култура Кочо Рацин до 28 јули 2024 година.