45. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” на 5 и 6 јули ќе се одржи во Прилеп и на Рудина кај Долнени.
Во пресрет на почетокот на Фестивалот , тринаесет млади учесници деновиве беа дел од Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Истражуваа и ги осознаваа инструментите и песните кои народот ги создава и се дел од богатото културно и фолклорно наследство на овие простори.
Оваа година 10-тото издание на семинарот е насловено: „Доближувањето на младите до фолклорот”, а работата е поделена на неколку етапи. Горан Василески, магистер по фолклористика и водач на семинарот, вели новост е теренско истражување во неколку села во општина Долнени каде младите се запознале со традиционалните песни и инструменти, а повозрасните им објаснувасле на младите за фестивалот, за традиционалните инструменти и песни, за обичаите, народните носии, сѐ со цел тие потемелно да навлезат во традицијата и во фолклорот.
Василески како и самите учесници се надеваат дека младите и во наредните години повеќе ќе се интересираат за изворниот мелос, затоа што овој сменинар е единствен од ваков карактер каде не се плаќа партиципација и учесниците добиваат максимум од познавањата на изворниот мелос.
Фестивалот „Пеце Атанасовски” официјално почнува утревечер со дефиле на учесниците во центарот на Прилеп, со првата вечер на изведувачите на народни инструменти и песни на плоштадот „Александрија” во центарот на Прилеп. В сабота е трибината со етномузиколози за изворниот мелос некогаш и денес, промоција на зобрник со научни трудови, а вечерта в сабота на Рудина кај Долнени, е втората фестивалска вечер, прогласувањето на најдобрите и врачувањето на наградата „Гајдата на Пеце Атанасовски” на најдобриот гајдаџија. На Фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи од сите краишта на земјава.