44.издание на МОТ- Отварање на 13 септември со перформансот “Оваа зграда(на)вистина зборува“

 44. издание на Млад отворен театар (МОТ), кој годинава ќе се одржи од 13 до 21 септември ќе биде отворен со победникот на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“. Отварањето ќе биде  на 13 септември од 20 часот во Младинскиот културен центар.

Проектот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино култура“ и двојазична публикација. По отворањето следува „Девојчето со жиците“ на малата сцена на НОБ. Драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа. Референцата по Андерсеновата „Девојчето со кибритчињата“ е на повеќе нивоа.

Сцената на сала Фросина е домаќин на вториот ден на МОТ , кога гостува Словенско младинско гледалишче со новиот проект на Томи Јанежиќ – „Сè уште без наслов“, кој трае повеќе од десет часа. Дон Жуан е едно од оние книжевни дела што поминале низ најмногу адаптации. Низ текот на целата претходна сезона Томи Јанежиќ и неговиот тим го земаат ова дело како референтна точка за истражување и лабораториски пристап.

Потоа следуваат претставите : „Трите сестри“ од Васил Христов работена по мотиви на Антон П. Чехов. Претставата зборува за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојбата на безизлезност, дури и пред да почне борбата. Безизлезноста се удвојува преку повторувањето на потребата за промена, ослободување, исчекор. А по неа програмата продолжува во „Кино култура“ со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот Локомотива. „Дримстејт“ од Валентино Апостоловски и „Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија, е закажан за четвртиот ден на МОТ, На 16 септември. Танцовиот перформанс е „роден“ од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Matera- Basilicata Foundation 2019. Силвија Грибауди и Матео Мафесанти го истражуваат методот во кој авторите се постојано поврзани со територијата каде што се наоѓаат.

Потоа следува вечер на  авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“, а по неа, на малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“. Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид.

Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Следува романската „Момчињата на Медеја“ на малата сцена на НОБ, во продукција на „Apollo 111 Theatre“.  Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ – драмски текст на Роланд Шимелфениг, во режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“, кои ќе бидат дел од претставата.

„Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин ќе се изведе Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Претставата е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзни драмски автори во модерната драматургија. За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје. За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари само на касата на Велешкиот театар или со резервации на [email protected] или на 043231750.

Португалската театарска компанија Arena Ensamble ја отвора седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ а Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина – Анестис Азас и Продромос Циникорис со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.