На денешен ден, 25 јануари, пред 44 години, е роден неповторливиот Тоше Проески, љубовта на Македонија.
Тодор Тоше Проески (Прилеп, 25 јануари 1981- Нова Градишка, 16 октомври 2007) е најславниот македонски пејач и најголемата ѕвезда на балканската музичка сцена, каде што беше доживуван како заштитен знак на Македонија.
Музичката кариера ја започна со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси, а пред тоа на “Златно славејче” испеа песна од Христу Мулар и на училишна приредба за прв пат ја пееше “Наставничке пријателке” од Јанко Узунов.
Патот кон ѕвездите му го отвораат песните- макфестовската “Пушти ме” (1997) и “Остани до крај” (Скопски фестивал 1998).
Имаше блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Кире Костов, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Фибос, Ања Рупел и голем број други познати и влијателни балкански и светски музичари и композитори, вели Википедија.
Во 2004 година беше прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Истата година ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната Life. Следуваа низа победи на најзначајните македонски и балкански фестивали.
Во 2007 ја наполни Белградската арена, истата година по трет пат го наполни и Градскиот стадион во Скопје. Во негова чест по неговото вечно заминување повторно беше наполнет Градски стадион, кога повеќе пејачи пееја негови песни, исто така и салата “Борис Трајковски” и МОБ.
Објави десетина албуми и еден постхумно на англиски јазик.
Имено, “Цреша” ја прогласи за биографска, песна која го отсликува неговиот живот.
Две песни судбински го одбележаа Тоше- “Пушти ме” и “Цреша”- првата со која влезе и почна на “големата” сцена и последната која си ја прогласи за своја, од причина позната само нему. Меѓу овие две песни имаше доста хитови и трка на композиторите и текстописците кој да соработува и му даде песна.
Марина Туцаковиќ пред нашиот микрофон изјави: ” Сѐ уште не е роден автор кој може да направи песна за Тоше”.
Неговата биографија е историска.
Негов заштитен знак е познатиот израз
“Ве сакам сите”!