Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава беше одбележан со настан во Музејот и завод Битола, на кој присуствуваа филмски професионалци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност.
Пред публиката но и на јавноста се обрати режисерот Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
– Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите што живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето во кое живееме и во годината во која нашето друштво ја одбележува 70-годишнината – рече Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ.
Заблагодарувајќи се за наградата, Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но, сепак, има два типа признанија кон кои не може да биде индиферентен – наградите од публиката и од колегите.
– Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа се пред сѐ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во која живее – рече Попов.
На 41-то издание на „Браќа Манаки“ преку видео порака се обрати и оскаровецот Јануш Камински, големиот полско-американски и светски кинематографер, лауреат на „златна камера 300“
Чест ми е што сум добитник на наградата за животно дело. Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија – порача Камински.
Организаторот веќе го подготвува следното 42. издание за кое сите учесници но и љубители на филмот очекуваат да се врати во старата форма и постојано да се потврдува овој Фестивал на „Браќа Манаки“, како еден од најзначајните културни настани во Македонија , во кој се вткаени богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.