Скопски џез-фестивал со нова програма за 38-то издание, во чиј центар ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“.
Фестивалот на 17 октомври ќе го отворат двајца познати гитаристи од САД: Дејвид Торн – еден од најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во изминатите 40 години и Фред Фрит – иноватор, композитор и импровизатор со неговото трио.
Педесетгодишнината на ECM годинава се совпаѓа и со пет децении на еден од најзначајните и највлијателни бендови на 20 век – „Art Ensemble of Chicago“ кој ќе го одбележи јубилејот со светска турнеја што ќе заврши во Скопје. Ќе настапи и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание.
На последниот фестивалски ден, 20 октомври, ќе настапи најпоетичниот пијанист на денешницата – норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.