2021 година, Генералното собрание на Обединетите нации, ја прогласи за меѓународна година на мирот и довербата со цел да ги мобилизира напорите на меѓународната заедница да се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.
Министерството за култура и Министерството за образование и наука на Македонија почнуваат иницијатива за приклучување кон прославата на оваа меѓународна година со програма посветена на еден од великаните на македонската култура, Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање.
Денот на кој се родил овој исклучителен културен деец е запишан и на листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.
Оваа годишнина, заслужува сите актери на културниот, академскиот и на општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Затоа, ќе се подготви платформа за усогласување на разните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво. Мирот и довербата се стожерите на поетската и на научната дејност на Блаже Конески.
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во село Небрегово-Прилепско. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо).
Основното образование го започнал во Небрегово, но по преселбата го продолжил и завршил во Прилеп, каде завршил и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето како стипендист оди во Крагуевац, да учи виша гимназија која ја завршува. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, се запишува на Медицинскиот факултет во Белград, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралството Југославија , на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија.
Блаже Конески е првиот претседател на Македонската Академија на науки и Уметности-МАНУ. Зад него остави бројни и вредни дела од областа на македонскиот јазик,култура,самобитност и македонски идентитет.
- О тешкото!
- Зурли штом диво ќе писнат,
- штом тапан ќе грмне со подземен екот –
- во градиве зошто жал лута ме стиска,
- во очиве зошто навирува река
- и зошто ми иде да плачам ко дете,
- да превијам раце, да прекријам лик
- да гризам јас усни, стегам срце клето,
- да не пушти вик.
- О тешкото! Старци излегуваат еве,
- на чело им мисла, во очи им влага
- и првиот чекор по меката трева
- е мирен и бавен, со задржана тага.
- Но ‘рзнува тапан и писок се крева
- и молнија светнува во секој глед,
- и напред се пушта, се стрелка, се слева
- стегнатиот ред.
- До старците момци се фаќаат скокум;
- не издржа срце – сив сокол во клетка,
- не издржа пламен жив потулен во око,
- не издржа младост што сака да летне!
- Се залула оро! Се заврте земја,
- и чиниш – се корне стресениот век,
- и околу трпнат ридиштата темни
- и враќаат ек.
- И божем се врасло кипнатово оро
- со исконска сила за земјава наша
- и во него шуми на реките зборот,
- и во него рика див ветер и страшен
- и во него шепнат узреани житја
- и вечерен мирис се разлева тих,
- и земјата дише во пролетна ситост
- со запален здив.
- И душата, чиниш, на родот мој мачен
- во тешково оро се уткала сета –
- век по век што трупал сè попуст и мрачен
- од крвава болка, од робија клета,
- век по век што нижел од корава мисла
- за радосна челад, за слободен свет,
- од песна – за љубов што гине со пискот
- ко жерав во лет.
- О тешкото! Кога во молк да те гледам,
- на очиве магла ми напаѓа сура,
- и одеднаш – в бескрај се растега редот
- и ридја се губат в пустелија штура –
- и еве кај иде од маглата матна
- сè сенка до сенка, сè еден до друг –
- во бескрајно оро син оди по татка,
- по деда си – внук.
- Времињата мрачни се нивното поле,
- и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
- а главите им се наведени доле,
- и покроце врват – сè чекор по чекор.
- О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
- кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
- Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
- над пустош и крв?!
- Кој број ќе ми каже на лутите рани,
- на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
- кој на срце болки ќе изреди збрани,
- и на очи солзи, и клетви на усти?
- О тешкото! Синџир ти беше на робја,
- од калеши моми и невести ред.
- со врзани раце во плен што ги погнал
- насилникот клет.
- О тешкото! Синџир ти беше на робја,
- дур не стана народ во листена гора,
- сè дури со јадот од векови собран
- не поведе бујно, бунтовничко оро!
- се залула танец низ крвје и огон,
- и повик се зачу и грмеж во чад –
- те разнесе сегде бунтовната нога
- по родниот кат.
- О тешкото! Сега по нашите села
- во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
- зар чудно е – солза да потече врела,
- зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
- Од вековно ропство, мој народе, идеш
- но носиш ти в срце дар златен и пој.
- Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
- И животот твој!
Блаже Конески