Велат секогаш на 31 декември во 12 часот на полноќ кога стрелките ќе се преклопат, испраќме уште една година во животот со 365 испишани страници. Пред нас е нова празна со 365 бели листови. И како што велат, секој ги испишува така како што умее, може и како му е предодредено.
Несомнено е едно дека овој пат испраќањето на 2020 година беше најрадосниот и најнадежниот чин на милјарди луѓе на планетава, а здружената мисла беше една: 2021 да биде поздрава, поспокојна и луѓето да се изборат со злото на пандемијата од Ковид 19, која во многу нешта го смени животот со ограничувања и стравови.
Што оставивме зад нас, во она 2020-та година која ни донесе многу промени, предивици и стравови?
Стартуваше како и секоја на 31.12. во 00.01 и полека почна да се движи. Вообичаено, но со таа вообичаеност многу кратко. Уште на крајот на февруари се почувствува тежина од небото и наеднаш вест за “некаква си епидемија од опасен вирус што доаѓа од Кина“. Дојде и кај нас на почетокот од март и посеа страв од непознатото. Донесе карантини, полициски часови, ограничувања во движења и секојдневни извештаи за нови болни и починати.
Донесе многу незадоволство кај народот на економски и политички план во Македонија, многу неразумност од власта (избори, уништување на темелите на идентитетот, лаги), која оди на штета на целиот народ. И повторно страв. Како резултат на тоа луѓето социјално се дистанцираа, се отуѓија а многу се соочуваат со период на преживување.
Но, таа 2020 замина. Остави неодговорени прашања, како понатаму, остави страв од евентуалната вакцинација и резултатот од неа, остави многу затворени работни места и како после секоја војна, пандемија и криза, луѓето од дното ќе мора да се издигнат.
2021-Година на надежта во која луѓето ќе треба да научат повторно да се дружат, да веруваат и да создаваат еден свет подобар за сите.
Некаде прочитав дека секоја Нова Година е убаво да купите една тетратка со 365 страници. За секој ден по еден празен лист и забележувајте секој ден кога нешто вам ќе ви се случи значајно или пак во пошироката околина, државата и светот. Ако денот нема ништо за паметење оставете го листот празен. На крајот од годината прелистајте ја таа испишана тетратка од 365 страници и велат многу ќе научите . Што сте пропуштиле ,што сте научиле, што сте направиле добро и секако немојте да дозволите и во најтешките моменти да немате на што да се присетите на таа измината година. Во секој случај Изборот е ваш, 365 денови имаат 365 начини како да ги поминете!
Со среќа во 2021-ва!