Ако се навратам на почетоците на оваа 2020, се сеќавам дека уште на 1 јануари во мене се појави грутка на немир , која јас ја поврзав со моите тогашни тешкотии. И, не ме остави на раат ни малку во тек на целата година. Во февруари нов удар, март трет..потоа следуваа месеци на измачување и превирања за август да дојде до кулминација. Септември да ми донесе нешто ново но пак со тешки маки остварено и еве до 31 декември, останав со многу неодговорени прашалници но со неопходната надеж. Надеж дека на полнож кога ќе се поместат стрелките нешто ќе се сврти на другата, полесната страна на животот. На крајот на денот, никој не вели дека животот е лесен но барем да не е толку тежок . Велат и дека Бог дава секому колку може да иаздржи, ама нека е доволно.
На сите овие лични превирања она што не можев да го сфатам гледајќи, читајќи ги астролозите и нумеролозите каква опасност е тоа каква војна на човештвото ќе донесе оваа 2020-та година. Не знаевме дека постои Корона вирус, сега го живееме во секој миг од животот г-динот Вирус со сите неволји што ги донесе од кои најголеми се смртта и стравот. Веднаш по нив и отуѓеноста .Се оддалечивме што би рекле “социјално се дистанциравме “ , се заборавивме, се плашиме да се видиме, заборавивме да се гушкаме, заборавивме да се смееме искрено и од срце. Насмевките ги кријат маските. Се препознаваме по очите или косата, можеби и по гласот ако го чуеме. И си велиме, Боже само живи и здрави ние и нашите блиски. А мачнот , а немаштината, а отуѓеноста – издржливо суштество е човекот.
На прагот на 2021 посакувам повеќе здравје, спокојни денови, радосни моменти, успех а помалку страв, болка, немаштина, несигурност и како и да ги насловам, сите бои на она што не притиска и плаши. Но, сепак надежта последна заминува. Надежта не влече напред. Надежта ни дава сила и крилја. Надежта ни ги полни соништата.
СРЕЌНА И УСПЕШНА 2021 ГОДИНА НА СИТЕ ЧИТАТЕЛИ НА КУЛАРТ И МОИ СОРАБОТНИЦИ И ПРИЈАТЕЛИ
М-р Татјана Гогоска, Одговорен уредник на www.kulart.mk