На 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје најголемата македонска музичка легенда Тоше Проески го одржа својот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти), пред точно 17 години.
Средствата од тој концерт беа посветени на ревитализација на македонското школство. На концертот биле присутни повеќе од 40.000 посетители.
На самиот концерт кажа дека за своја биографска песна ја смета “Цреша”, со што, иако не беше спречено профитерството на одредени лица по неговото заминување, со таа изјава беше спречено фалсификување на податоци дека друга песна го означува неговиот живот.
За жал, митот за Тоше полека згасна поради тоа што одредени автори и кланови, со кои во текот на својот живот претежно и не беше во добри релации, по заминувањето во вечноста го узурпираа и присвоија со цел да заработуваат, а со тоа голем дел од вистинските пријатели и почитувачи се повлекоа.
Но, за почитувачите на Тоше вредно е само тоа што тој самиот изјави и кажа додека беше жив. Сѐ потоа воглавно беше пресметано, невредно, се заборави, остана само легендата и љубовта од балканските народи кон него.
Хуманитарниот концерт кој тогаш се одржа на Градскиот стадион во Скопје беше под мотото „Образованието е одговорност на сите“, а парите од билетите кои изнесуваа симболични 200 денари, беа донирани за проект за основно образование, со кои беа реновирани околу 100 училишта низ земјата.
Гости на концертот на Тоше му беа Адријан Гаџа, Бојан Маровиќ и Антонија Шола.
Градскиот стадион во Скопје денес го носи неговото име.
Концертот може да се погледне на следниов линк, снимен од тогашната А1 тв.
Неповторливиот Тоше Проески беше и остана љубовта на Македонија. Тодор Тоше Проески (Прилеп, 25 јануари 1981- Нова Градишка, 16 октомври 2007) е најславниот македонски поп- пејач и најголемата ѕвезда на балканската музичка сцена, каде што беше доживуван како заштитен знак на Македонија.
Музичката кариера ја започна со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните “Пушти ме” (1997) и “Остани до крај” (1998). Имаше блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Кире Костов, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Фибос, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори, пишува на Википедија.
Во 2004 година беше прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Истата година ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната Life. Следуваа низа победи на најзначајните македонски и балкански фестивали.
Во 2007 ја наполна Белградската арена, истата година, на денешен ден, по трет пат го наполна и Градскиот стадион во Скопје.
“Цреша” ја прогласи за биографска песна која го отсликува неговиот живот.
Неговата биографија е историска.
Негов заштитен знак е познатиот израз “Ве сакам сите”.