ЈУБИЛЕЈ – 35 ГОДИНИ ЛЕКТОРАТ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НА ШЛЕЗИСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ПОЛСКА

Tриесет и пет години се одбележуваат од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска. Универзитетски центар на кој македонистиката се изучува на сите циклуси на студии – од додипломските до докторските, при што има и докторанти по македонски јазик.

Од МСМЈЛК при УКИМ информираат дека заедничките заложби и планираните активности за уште поголема афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Полска, кои по почетокот на оваа академска година ги иницираа Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Факултетот за хуманистика во Сосновјец, веќе даваат конкретни резултати.

Јубилејот 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице ќе се одбележи не само со пригодна свеченост, туку со активности кои ќе придонесат за нови научни потфати на полските слависти и македонисти посветени на македонскиот јазик, литература и култура, значајни за натамошниот развој на полската македонистика. Во знакот на значајниот јубилеј, во Катовице, утре и задутре – 1 и 2 јуни, ќе се одржи и 11. Македонско-полска конференција со близу 30 ученици од полската и од македонската академска средина.

Меѓу најзаслужните за воспоставувањето и зацврстувањето на овие врски со полската филологија во периодот па XX век се и академиците Блаже Конески и Божидар Видоески, кој е и еден од првите директори на МСМЈЛК при УКИМ, како и академиците – полски филолози, Влоѓимјеж Пјанка, прв лектор по полски јазик на УКИМ и Зузана Тополињска.

На Конференцијата која утре и задутре ќе се одржи во Катовице ќе учествуваат знаменити полски македонисти и повеќе македонски универзитетски професори и истражувачи – македонисти и полонисти, но и истражувачи од новите полски и македонки генерации кои треба да ги градат новите мостови меѓу македонската и полската академска заедница.

Во изминатиот период, нови перспективи за македонистиката на Шлезискиот универзитет се создаваат и преку заеднички проект за модерни славистички студии, во кој покрај овој универзитет и УКИМ, вклучен е и чешкиот Остравски универзитет, а активностите се поддржани со програмата „Еразмус +“. Како резултат на овој проект, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет. Проектот има за цел да се зголеми бројот на студенти на втор циклус студии преку интегрирани програми во кои се вклучени и македонскиот јазик, литература и култура. Ова и дополнително ја потврдува важноста на Лекторатот по македонски јазик во наставата на Шлезискиот универзитет, бидејќи меѓу другото, со наставата во текот на првиот циклус студии, токму тој може да овозможи поголема подготвеност на полските студенти за интегрираните програми на следното академско ниво и истовремено да биде клучна алка во успешното развивање на овие студии.

Во Полска, покрај во Сосновјец, Лекторат по македонски јазик активно работи и на Јагјелонскиот универзитет во Краков, отворен во академската 1974/75 година. Македонистиката се изучува и во Познањ, каде на Универзитетот „Адам Мицкјевич“, на Катедрата за словенска филологија, во академската 2000/01 година е отворена нова студиска група за славистичко-полонистички студии, во чии рамки македонскиот јазик се изучува како главен предмет. Во академската 1998/99 година, македонскиот јазик како втор предмет е воведен и на Универзитетот во Ополе.

Оваа календарска година, покрај овој јубилеј во Полска, МСМЈЛК при УКИМ чествуваше и други два значајни јубилеи – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз и 15 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека. Определбата на МСМЈЛК при УКИМ е преку активностите што се отваруваат во чест на овие јубилеи да се остварат нови перспективи за странската македонистика.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.