Во Министерството за здравство денска пристигнаа 3.000 тестови, дел од донацијата од 13.000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен Ковид-19.
Останатиот дел од тестовите ќе бидат испорачани до среда, информираат од ресорното министерство.
Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13 болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, болницата „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, а ќе се користат за да се утврди дали пациентите со сомнителни симптоми се позитивни на Ковид-19.
„Tоа се најнови тестови, најнова технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање“, најави претходно министерот Венко Филипче.
Донацијата ја обезбедија ГД „Гранит“ и нафтената компанија „Галф оил Македонија“.