Јени џамија во центарот на Битола, по долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители и ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.
Џамијата датира од 16. век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална и најголема црква во Битола „Свети Ѓорѓи“ и христијанска некропола.
Со пари од Министерството за култура реставрирани се екстериерот на објектот, тремот и подот, од каде низ застаклени сводови се гледаат темелите на црквата.
Нереставриран останува молитвениот дел од објектот, за кој Завод и музеј ќе аплицира со проект до Министерството за култура за да добие средства да се дозаврши рестварацијата на целиот објект, а ќе побара пари и од други донаторски организации.
„Овој музеј на христијанско и муслиманско културни наследство е спој на она што сите ние треба да го направиме во секојдневниот живот, да се споиме во едно преку љубовта и соживотот“, рече директорката на Комисијата за верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска.
Музејот ќе биде отворен за посетители секој работен ден од 10 до 14 часот и се очекува да ја зајакне туристичката понуда на Битола.