М-р Билјана Челик: Поезијата и хуманоста ме земаа во свои прегратки, а секој мој стих е Божји стих!

М-р Билјана Челик е посебен феномен од жена, една од оние сосема најретките кои уште штом ги видите безрезервно им верувате и знаете дека сте во право.
Таа е жена, да повториме, феномен/феноменална, чиј поглед, говор, начин на стискање на рака, сосема го доловува нејзиното презиме, добиено од сопругот.
Жена со која, некако чудно но, не сакате лесни работи, а за тешките верувате дека ќе ги оствари со голема леснотија. Не затоа што така може, туку затоа што таа прави така да може.
Жена чиј збор и насмевка ве топат од топлина и милост, ама остри, освестувачки и поучни, какви што не се осмелува да изговори ни најхрабар маж. И воин.
Со држење на императорка која веќе освоила, со свесност и будност на највисоко ниво, со целосна контрола врз секој миг и секоја своја постапка и став, непоколеблива како патриот и земјољубец, а прифатена, уважена и вклопена во планетарни интер-национални димензии и релации…воопшто не е едноставно да се опише и каже нешто за неа во само неколку дефиниции, ниту за нејзините активности и манифестации, кои се бројни и сѐ побројни. Веќе ќе се уверите и сами…

*Госпоѓа Челик, годинава, 2024-та, ја завршувате мошне успешно, пред сѐ како Основач и Претседател на здружението “Хуманитарно Културен ФЕНИКС”, со кое дејствувате за заштита на македонската култура, историја, обичаи, традиција како и организирање на хуманитарни акции. Како и минатите години, и така и оваа остваривте повеќе успешни манифестации, но на сам почеток јас би ги издвоила трите збирки поезија од разни автори, посветени на Македонија, на осудените за настаните на 27 април и за скопскиот земјотрес. 
– Јас генерално не давам интервјуа поврзани со мене и мојата поезијата, до сега во Македонија никому не сум дала интервју, а сум гостувала во неколку ТВ но за проектите на здружението “ФЕНИКС”. Не станува збор за суета туку имам свои критериуми за вреднување на квалитет и доверба. Пред сѐ сакам да се заблагодарам на Куларт за отстапениот простор. Јас вас како новинар, човек и писател неизмерно ве почитувам и навистина ми е чест и задоволство да поразговараме. Оваа година сѐ уште не сме ја завршиле во однос на планираните настани. Минатата година покрај хуманитарните проекти беа двете изданија и промоции на книгите “Хероите на Македонија 1” и “Хероите на Македонија 2”. Оваа година ја започнавме со издавање и промоција на книгата “Поезија за Македонија”, потоа збирката поезија посветена на уставобранителите – “Лето Господово 2017-то”, следуваше интернационалниот традиционален фестивал “Заедно за Скопје”, издавање и промоција на книгата на наш член и активист Јелена И. “Безвременски Волшебник”. Мене ми е особено чест и задоволство бидејќи и вие имате испратено своја поезија во сите изданија на Здружението “Феникс”. Пред последен настан беше изложбата на фотографии од личната колекција на Царското семејство Романови и сосема за крај пред Нова година ќе организираме настан за нашите пријатели со Даунов синдром, церебрална парализа и деца од социјално ранливи категории на кои им подготвуваме новогодишни подароци, а нема да бидат изоставени и децата од детска клиника како и децата од одделот за онкологија.
* Манифестацијата “Заедно за Скопје” која се организираше по прв пат, даде еден поинаков пристап во третирањето на овој ден. Еден нота, која се надоврза на сеќавањата, во рамките на оддавањето почит на жртвите и настраданите, но истовремено и како порака која отпатува низ цел свет, преку вклучувањето на поетите од разни меридијани, што му даде интернационална димензија на овој настан. Како дојдовте на оваа идеја?
– Скопје е град на солидарноста, Скопје е необичен град, стар повеќе од 8.000 години, град на глинениот печат во кој е врежано “Сал со Бога сам”, со Неолитски остатоци од кои се гледа свесноста за постоење на енергетски чакри… Само во Скопје ЖАР- ПТИЦАТА ФЕНИКС се отелотворува на секои 500-тини години. Мислам дека ова се доволни причини да го организираме овој фестивал. Како поткрепа и доказ е фактот што на повикот за испраќање поезија кој траеше една недела се пријавија повеќе од 150 автори од повеќе од 50 држави во светот. Датата не случајно е избрана 26 јули ден кога Скопје беше разрушено во 1963 година до темел и повторно се роди исто како птицата Феникс. Многу институции и организации го одбележуваат овој ден, но ние тоа го сторивме на посебен начин со една друга димензија и тежина како и што се сите настани на здружението “ФЕНИКС” и испративме силна порака во светот која наиде на позитивен одзив.
*Покрај ова што споменавме, активно сте вклучена во бројни домашни и меѓународни активности за човекови права, но наоѓате и време за пишување, и тоа и патриотска и љубовна и духовна поезија. Во една средба ми рековте дека подготвувате две книги, од кои едната со духовна а другата со патриотска поезија. Кога треба да ги очекуваме?
– Искрено, имам голем број на необјавена поезија. Ете, подолго време се трудам да издадам барем две збирки поезија и единствена причина е недостаток на време за себе, бидејќи приоритет секогаш давам на оние настани и причини кои не се од моја лична природа. Побргу ќе организирам хуманитарен или културен настан отколку да ги средам моите книги. И бидејќи секојдневно имам прашања кога ќе излезе книга со моја поезија од почитувачите на моето творештво, а, и создаденото дело се создава да ја види светлината на денот и да допре до читателите, решив и еве јавно ветувам дека на почетокот од следната година ќе излезат од печат новите две збирки со поезија на чија промоција вие уште од сега сте поканети.
*Ви благодарам. Си задоволство ќе присуствувам. Но, тука ќе прашам нешто поблиско во своите стихови се обраќате и го опишувате Бог и неговото постоење. Во тие моменти, какво чувство се јавува кај Вас?
– Јас сум попска внука, Бог е во мене од првиот пулс на мојот срцев ритам, единствена вистина во овој свет на лаги е само Бог. Секој мој стих е Божји стих. Јас сум бескрајно благодарна на Бога бидејќи сум избрана од него да ги пренесувам неговите пораки преточувајќи ги во пишан збор. Јас сум само спроводник на неговите зборови.  Бог ви дава благослов да ги пренесете неговите пораки, но не ви дава упатство како и што понатаму со тој благослов. Писателот треба да биде многу внимателен во тој поглед да не му надвладее суетата, самобендисаноста, да не излезе од духовното ниво и да не ја отвори со своето однесување вратата на паднатиот ангел. Ние писателите сме полу-човек, полу- Бог посебно ние кои пишуваме духовна поезија, се поврзуваме енергетски и тоа мора да биде максимално внимателно од наша страна бидејќи Бог, Создателот, Космосот се совршена хармонија и секој обид да се наруши тоа доведува до негативна рефлексија и последици. Јас многу внимавам кон сето тоа, а познавам и автори кај кои поради суетата се појавува амбивалентност што пак може да доведе до шизма на духовната поврзаност со Бога и губење на неговата Благодет.
* Зад себе веќе досега имате седум, еве и со бројка ќе запишам, 7 збирки поезија, некои се препеани на англиски, руски, турски, француски и италијански јазик. Дел од нив имаат доживеано промоција во Истанбул, во Анкара и Измир. Некои се промовирани и во друштвото на писатели на Москва, во Италија во Рим, во Франција во Париз, во Канада и Австралија. А, на Балканот- во Србија во Белград и во Хрватска во Риека, Загреб. Вашата поезија е застапена во неколку антологии во Турција, Русија, Англија, Италија и Албанија. Во кратки црти, кој е одблесокот на сите овие Ваши успеси?
– Сите овие успеси се благодарение на Бога, јас и мојата поезија сме негово дело за што бескрајно сум благодарна за Благодата што ми ја дари како и секојдневните пораки и знаци. Поетскиот одблесок е во тоа што душата ми се полни со позитивна енергија, а срцето со љубов од сите тие луѓе кои се околу мене при самите промоции на книгите. Јас сум многу богата личност не во материјална смисла, ние поетите не живееме од поезија, ние живееме за поезија. Богата сум бидејќи имам пријатели од целиот свет од различни народи, вери, боја на кожа… тоа е еден спектар на различни култури, обичаи, традиции, на кои едноставно не можам да останам рамнодушна и сето тоа резултира со постојана комуникација, зближување и плодна соработка. Сите мои промоции се од хуманитарен карактер, јас своите книги не ги продавам, ги подарувам, доколку присутните сакаат оставаат средства кои се даваат во хуманитарни цели.
*Оваа година учествувавте на повеќе хуманитарни акции, како продолжение на долгогодишната соработка со лицата со Даунов синдром и со Церебрална парализа. Но, вие и самостојно имате организирано хуманитарни акции за социјално загрозени семејства, лица жртви на семејно насилство, за болни, стари и изнемоштени лица. Што ве поттикнува на овие активности?
– Јас немам свои деца, долго време тагував поради тоа, но како одминуваше времето и мојата поврзаност со Бога стануваше посилна и поинтензивна добивајќи пораки од него ја разбрав и прифатив мојата животна мисија во овој земен свет. Со децата до Даунов синдром се знаеме одамна и имаме обострана искрена љубов и почитување, секоја наша средба е со посебна убавина каде си разменуваме силни прегратки и многу безрезевна искрена љубов. И дечињата со церебрална парализа се мои другарчиња, души убави, искрени полни со љубов. Во овој свет на лицемерие, користољубие, лаги, љубомора нивната искрена љубов ме регенерира. Болните, старите изнемоштени лица, жртвите на семејно насилство се предизвик за мене да ја покажеме човечноста во нас и дека не сме ја изгубиле емпатијата. Ме прашавте што ме поттикна да организирам и сама хуманитарни акции, ќе ви одговорам искрено без трошка срам: Во мојот живот сум видела и имање и немање и знам како е тешко да се нема. Јас и никој од нас не може да живее во две куќи, да се вози во два автомобила… Треба да бидеме хумани и да умееме да споделиме. Големи души се оние кои и последното залче леб ќе го споделат со оној на кого му е потребно како и што нѐ учи нашата вера и Бог.Јас сум личност која е среќна кога дава, а не знам да се израдувам кога примам подарок.
* По вокација сте магистер по право. Иако долго работевте како адвокат по кривично право, откако се омаживте и живеевте во Измир Турција, се промена и курсот на Вашето делување. Интересно е што и во таа средина се вклопивте одлично, толку добро што дури отворивте фондација- “Мамини души”- Annenin ruhları во чиј склоп е домот за деца без родители од најмала возраст до полнолетство, па и понатаму. 
– Да, јас сум магистер по право, долги години работев како адвокат кривичар. По моето преселување во Турција се промени многу во мојот живот. Следејќи ги пораките од Бог сфатив дека правото не е повеќе мој предизвик. Поезијата и хуманоста се повеќе ме земаа во своите прегратки. Преку моето лично созерцание по Божја промисла поинтензивно почнав да пишувам односно да го преточувам во пишан збор сето тоа што на посебен начин ми го кажуваше Бог. Целосно се препуштив во Божјите прегратки и тихувајќи се повеќе си го наоѓав местото под ова небо и вистинскиот пат за себе спознавање и дејствување. Јас во секоја средина се вклопувам бидејќи моја водилка е љубовта и добрата мисла. Не правам разлика на луѓето по вера, нација, раса… Единствено има разлика добри и лоши како и машки и женски пол. Кога на луѓето ќе им пристапите со отворена добронамерна душа и искрена љубов, верувајте никој не останува рамнодушен. Покрај активното создавање на поезија, издавање и промоции на книгите надвор во светот, нешто ми недостасуваше да ми се исполни и радува душата, чувствував потреба дека треба да сторам нешто повеќе. И, повторно порака од Бога добив, со негова помош во Турција отворив фондација- “Мамини души” – Annenin ruhları во чиј склоп е домот за деца без родители од најмала возраст до полнолетство. Покрај тоа што се згрижени за сместување, храна, облека, школување, активно ги вклучуваме во социјалниот живот, во културни и хуманитарни настани. И по нивното школување се грижиме за нивно вработување и остануваме секогаш отворени за поддршка доколку им се појави потреба.
* Член сте на светски Македонски конгрес и член во работното претседателство. Член сте и на друштвото на писатели на Измир и почесен Претседател на друштвото на иселеници Турци од Македонија. За Вас Македонија како да е мала, лимит како да ви е само е небото. Го цените и своето потекло, а соработувате со писатели од различни нации, вери, боја на кожа… Какви резултати носи оваа комбинација?
– Да, токму така. За мене само небото е лимит. Македонија ми е мала, не сакам да се затворам во граници, тоа гетоизирање е многу себично, нехумано и непродуктивно. Сите ние сме Божји чеда независно од нација, вера, раса… Доколку се затвориме во мал круг тогаш не сме се дале пошироко без разлика во која област од животот. Убавите работи треба да се споделуваат, споделена радост и љубов се поголема радост и љубов, споделена тага е помала тага… Јас сум Православна Македонка која си ги сака, чува своите корени, вера. Соработката со писатели од ширум светот резултира да истите тие почнаа да пишуваат поезија за Македонија, ја посетија Македонија, мене ме поканија кај нив се со цел подобро да си се запознаеме и на тој начин да се засакаме и почитуваме. Мене на пример Коптите од Египет ме ословуваат со сестро по Исус Христос, Хунзите и Калашите од Пакистан ме ословуваат сестро по Александар Македонски, други пак сестро по хумани дела… Верувајте тоа е нешто што нема цена. Членството на друштвото на писатели на Измир и почесен претседател на друштвото на иселеници Турци од Македонија ми представува задоволство и целокупната активност и организација е поуспешна бидејќи тоа е еден добро организиран тим кој беспрекорно функционира. Членството во Светски Македонски Конгрес и во работното претседателство лично многу ми значи, СМК постои векови наназад и успешно функционира. Јас сум жена патриот која Македонија и се Македонско ги носи длабоко во себе. Заедно со СМК и со Председателот имаме беспрекорна соработка и комуникација, многу заеднички идеи и проекти и на тој начин верувам дека покрај со културната и хуманитарната активност ќе може многу повеќе да сторам за мојата Татковина Македонија.
* За Вашите залагања и успеси неодамна, од страна на Европскиот институт за право, менаџмент и дипломатија добивте признание, кое е уште едно во низата, во која се и благодарницата за својот придонес за развој на културата на меѓународно ниво од страна на Руската федерација, потоа благодарницата за развој на културата на меѓународно ниво од страна на Република Кина. Како доаѓаат овие признанија, да веруваме ли дека сѐ уште трудот се наградува правилно и соодветно?
– Сите погоре споменати благодарници и признанија доаѓаат од сериозни институции и се резултат на нашата меѓусебна соработка и комуникација. Дали се дадени во вистински раце нека дадат свој суд читателите согласно моите дела. Јас не правам ништо за награда, признание, благодарност. За мене најголема радост е насмевката на лицето на луѓето, топлата прегратка, и меѓусебните пријателски разговори и сознанија за нашите култури, обичаи, традиција, нашите заеднички дружби исполнети со позитивна енергија.
*Во пролетните месеци организиравте и настан во чест на осудените за настаните на 27 април, а годинава ја завршувате со организирање на изложба со фотографиите на руското кралско семејството Романови. Многу работи организирате и то едно по друго, кој ви помага во сето тоа?
– Проектот за настаните од 27 април беше тежок проект бидејќи кај луѓето постои страв кој пак од своја страна е најголем непријател на успехот. Кај мене не постои страв бидејќи кога Бог е со мене никој ништо не ми може. И, изложбата за царското семејство Романови беше тежок проект за реализација бидејќи каде и да побаравме простор за изложбата наидуваме на негативен одговор, луѓето ја мешаат културата со политиката што е страшно деструктивно. На крај успеавме, но лично јас не сум задоволна од реализираната изложба, да, самокритична сум. Но, сѐ е искушение од Бога и верувам дека следната изложба ќе биде како и што доликува на семејството Романови и здружението “ФЕНИКС”. Велат, една птица не прави пролет. Јас сум секогаш полна со идеи, многу креативна. Проектите кои се поврзани со здружението “ФЕНИКС” секогаш ги реализирам со тимот и членовите на здружението. Секој има одредени задолженија при подготовката и реализација на проектот.
* И сосема пред крај, нешто сосема важно.
Основач и потпретседател на “World poetry federation”- Светска поетска федерација и нејзин Генерален секретар за Европа. Што треба да знаеме за оваа организација, можностите кои ги нуди и Вашиот придонесот таму за угледот на македонската поезија во рамките на светската?
– Светската поетска федерација е невладина организација која е основана 2007 година, која дејствува на интернационално ниво. Првичната идеја ја имавме со Претседателот Г-дин Елисас Талугдер Шагар кој е реномиран писател, професор по книжевност, уредник на списание за култура главен уредник на TV EST. Почнавме со голем ентузијазам и со посветеност ја издигнавме на реномирано светско ниво. Целта ни беше обединување на писателите од светот и афирмација на културата. Зад себе имаме организирано голем број на меѓународни фестивали кои секогаш биле без награди, од хуманитарен карактер, средствата собрани од издавањето на книги ги имаме донирано најмногу за гладните и болни во Африка но и во други земји. Преку организирање на фестивали, особено би го истакнала фестивалот по повод светскиот ден на мајчин јазик. Голем број на писатели од Македонија беа публикувани во книгите кои се издаваат како и на you tube каналот на WPF, Македонските писатели и македонските јазик покрај тоа што се публикувана во светот остварија и лични контакти и пријателства со писателите од цел свет. Тоа е и целта, културно обединување, меѓусебно запознавање и афирмација на мојата Македонија и Македонците, на македонската култура.
*Пишувате од најрана возраст и својата прва награда за поезија ја имате добиено на свои 9 години, на фестивалот за детска поезија “КУРИРЧЕ” каде, се сеќавате дека сте добиле и фото апарат и маица, за песната “Јас знам едно име” посветена на Ј.Б.Тито, а потоа истата му ја читавте лично на слет во Белград на 25 мај. Оттогаш досега која е вашата најголема награда во поезијата? Воедно и ќе ве прашам дали во чест на тој Ваш спомен ќе организирате и некоја поетска манифестација со детска поезија?
-Јас лично не сакав да учествувам на тој натпревар, но мојот покоен татко ја испрати мојата поезија и јас ја добив првата награда. Во тоа време да се чита пред Маршалот Јосип Броз Тито беше посебно доживување. Патувајќи со татко ми до Белград ден денешен се сеќавам дека имав голема трема, цело време мислев да не згрешам но, благодарение на Бога се заврши прекрасно. Веќе реков, јас не пишувам за награди, не учествувам на конкурси и фестивали од натпреварувачки карактер. Моја најголема награда е Божјиот благослов да можам да ги преточам неговите пораки во поезија, и секако моите читатели кои ја читаат и сакаат мојата поезија. Тоа е доказ дека сум успеала да допрам до нив односно правилно сум ги срочила и насочила Божјите пораки. Бидејќи тој ја дава Благодета но не ни дава упатство како да ја спроведеме. Здружение “Феникс” во програмата за следната година има предвидено фестивал за детска поезија бидејќи децата се наша иднина и треба да се поттикнат и афирмираат сите талентирани дечиња.
*Вие сте посебен вид на творец. Во последно време слушам една квалификација – поети аматери и професионални поети. Само ќе се насмевнеме или ќе го искоментираме (и) ова?
– И да се насмее, а и да искоментираме. Пред сѐ не постои професионален поет и поет аматер, ви се молам каде во светот постои факултет за писатели, дегутантно. Или го имаш тоа во себе или го немаш. Мене ми е многу неприфатливо кога некој се “дрзнува” да каже дека е професионален писател. Во последно време гледам по социјалните мрежи секој прави некои ФБ групи, секоја недела или месец организираат некои натпревари па доделуваат награди…И уште пострашно е бидејќи тоа е сѐ помасовно.
Ве молам, кои се тие што наградуваат, по кои критериуми… Поезијата секој ја перцепира на различен начин, па се поставува прашањето како се даваат тие награди. Јас никогаш не учествувам во такви нешта, не поради суета туку поради тоа што лично за мене тоа нема никакво значење и кредибилитет и мојата поезија може да ја оценува само читателот, ако е добра ќе ја чита и ќе очекува нови мои дела. Учествувам онаму каде нема награди и секако ако настанот е согласно моите критериуми со цел не за лична афирмација туку за афирмација на пишаниот збор и култура. Писателите се најдобри амбасадори на својата држава и култура, сведоци на вистинската историја и моја препорака е да ја чуваат и негуваат истата и да бидат крајно внимателни да не го изгубат Божјиот дар и навлезат во погрешни води заслепени од лажни вредности. Ви благодарам за интервјуто, се надевам ќе го задржиме вниманието на читателите. Да сте ми живи и здрави, Бог да е со сите нас, амин.
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредничка во КулАрт

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.