Најзаслужни за оваа ноќ за памење се авторите на безвременските песни: Ненад Милосављевиќ, кој е автор на музиката и неговиот брат Предраг кој ги напиша текстовите на мелодиите, кои оставија трага во историјата на популалрната музика на овие балкански простори
Кога една галија плови речеси половина век по музичките води во регионот, значи дека е направена од одличен материјал, а ете, и покрај минливите бури, ја следи и добар ветер во едрата. На задоволство на скопската публика нишката група „Галија“ по долги години вчера, вплови и во нашиот град, за да не потсети зошто опстојува веќе 47 години и е еден од најдолговечните бендови на просторите на некогашна Југославија.
Ненад Милосављевиќ, или Неша Галија, кого се уште го краси одличниот глас, а усната хармоника и гитарата,се уште се негов заштитен знак, заедно со останатите членови на групата, неговиот брат Предраг, вокал, тапанарот Бобан Павловиќ, кој е дел од првиот состав, гитаристот Драгутин Јаковљевиќ, Баистот Славиша Павловиќ, клавијатуристот Горан Антовиќ, најмладиот член на групата, заедно со засилувањата на кавал и харфа, синоќа во Македонска филхармонија, ги изведоа акустичните верзиии на своите најголеми хитови создавани низ годините, во духот на прогресив рок, симфо рок, комерцијален поп, па и песни со етно призвук.
И уште на самиот старт на ова музичко патување, не заплисна бранот на носталгија, спомените на едно убаво време, кога квалитетната музика беше она што и се презентираше на публиката. Скопската публика, за која сум убедена дека е најдобра на светот, напамет ги знаеше сите текстови на песните, кои беа дел од младоста на многу генерации, па и на мојата.
Ете токму ние „вечно младите“ го сочинувавме и поголемиот дел од публиката, но имаше тука и момчиња и девојки, кои исто така уживаа во ноќта на спомени и емоции.
Концертот насловен „Акустично како некогаш“ или ,,Анплагт: најдоброто од „Галија“, кој се одржа синоќа во Македонска филхармонија пред преполна сала, а вечерва ќе се случи и втората средба со скопската публика, поради големиот интерес, го организираше „Авалон“ продукција , во рамките на нивното 30 годишно опстојување и одржување концерти со најдобрите домашни и врвни странски музичари.
„Првиот концерт во Скопје од страна на „Авалон“ продукција беше организиран во Куршумли Ан, на 28 август, 1993 со групата „Електрични оргазам“. Вториот требаше да биде на истото место, на 11 септември, со „Галија“. Пред отворање на вратите, се споија небото и земјата и одржувањето на концертот беше невозможно. Концертот никогаш потоа не се одржа. Цели 30 години, патиштата на „Авалон“ и на „Галија“ никогаш не се сретнаа! Но, секој отворен круг мора да се затвори“ – велат од „Авалон“.
Па иако и синоќа врнеше, запловивме. Пловидбата која траеше околу два часа, започна со песните: „У рају изнад облака“ и „Чујем те лепо кад дишеш“, па се редеа. „Ноќ“, „Мој брат и ја“, „Можда сам луд“, „Ја нисам одавде“ од разни периоди на опстојување на бендот. Ги слушнавме и насловната песна од филомот „Зона Замфирова“, како и верзиија на народната песна „Димитријо“.
Атмосферата почна да се загрева кога одекна првите тактови на песната „Дали си спавала“, а потоа сите бевме едно и ги пеевме заедн со Неша: „Котор“, „Да ме ниси“, „На твојим уснама“, „Узалуд се трудиш“…Кулминацијата се случи кога одекнаа „Старе трубе“ и „Дигни руку“, кога сите ги кренавме рацете,некои и заиграа, а најемотивниот момент беше кога публиката сама го отпеа рефренот на најголемиот хит на „Галија“, песната „Још увек сањам“! По френетичниот аплауз, за кратко Неша и членовите на бендот се повлекоа, а на бис ги слушнавеме „Додирни ме“, „Скадарска“ и „Млада лепа и паметна“.
Се разбира најзаслужни за оваа ноќ за памење се авотрите на безвременските песни: Ненад Милосављевиќ, кој е автор на музиката и неговиот брат Предраг кој ги напиша текстовите на мелодиите, кои оставија трага во историјата на популалрната музика на овие балкански простори.
„Нема тука голема филозофија. Кога си со сето срце посветен на музиката и ако се почитуваш себеси како композитор, текстописец и изведувач, се е како што треба. Акустичниот концерт ја вади на површина вештината на музичарите кои се способни да се впуштат во оваа авантура. Тука се одлично се слуша и се гледа. Ваквите концерти се некој вид огледало за секоја група, бидејќи тука струи посебна енергија меѓу бендот и публиката“ – изјави своевремено Неша Галија.
Во неговите зборови и самите се уверивме синоќа. А на заминување, брзајќи преку мостот на Вардар, забележавме една вистинска галија, кој знае, можеби беше нивната.
М.Т.
Фото. М.Т.