„Врба“ вади слач од мајчино млеко!

Пишува Валентина Ѓоргиевска Парго

 

“Врба”, неверојатен филм на режисерот Милчо Манчевски, од сам старт ќе е разбран од половина Планета, другата половина треба да докаже дека го разбрала, целосно. Оттука, што и да се напише, нема да го дополни ова филмско остварување, кое синоќа (1 ноември 2019) во Македонска Филхармонија ја доживеа македонската премиера, ниту да го дообјасни. Се е кажано во 101 минута!

Овој филм (не) ќе да е нов претендент за Оскар, малку над тоа е, широко ја отвора портата на вечната вистина. Потписник на сценариото е Манчевски, а во заднина е напишано од мајчинската љубов. Во два збора, „Врба“ е- мајчинскиот инстинкт. Оној, најсилниот на Планетата.
Од сите љубови на светот, не рекле џабе, дека најсилна и најисконска е таа на мајката кон детето, која е повеќе и од суштина, и од постоење, и од сето страдање кое жена може да го издржи за да ја докаже. Љубов која минува низ многу трње и огнови. Секој миг. Љубовта кон чедото, кон породот, кон потомокот. Љубов која е собрана во секој поглед од зеницата на мајката, во секоја брчка, во нејзините дланки, во нејзиното срце. Наречено и божји благослов, дар од Бога.
Токму таа љубов е темата на најновиот филм на режисерот, шести негов игран фим, „Врба“, нешто што може и да се изедначи со описот „кога врбата ќе роди женски емоции“. Во фимот не е режисерот тој кој ги лови емоциите на публиката, не е, самата тематика тоа го прави. Ова е филм на морници и трепет, со кои сакаш да се соочиш, протресување на емоции од петици, вадење на слачот од млекото на родилка, вадење на новороденче од утроба на неродилка, вадење на атом од мајчино млеко…

Темата е неисцрпна, а ретко обработена филмски, особено на ваков начин, со сецирање на чувство по чувство, емоција по емоција. Женска!
Пред да се осврнеме на пораките, накусо да го опишеме сижето. Во 17 век, во македонско село се заљубуваат двајца млади, девојката останува бремена, ама од напад на разбеснетиот и навреден татко и блиските, таа паѓа и го губи бебето, и протерани заминуваат со момчето во друго село. „Камен да родиш за срамот што ми го нанесе“ ја проколнува татко и. Младата брачна двојка, неколку години немаат деца и помош бараат од една многу стара баба што гата (која е персонификаицја на злото кое демне, секогаш кога имаме преголема желба за нешто и го бараме најбрзиот пат, прескокнувајќи го трпението и желбата на Бог). Таа им кажува марифети како да забремени, но за возврат бара да и ветат првото бебе дека ќе и го дадат да го расте и да ја гледа кога ќе поране, зошто им предвидува дека ќе имаат повеќе деца. На тешко срце некако „летачки“ и ветуваат, не сфаќајќи ја сериозноста и проклетството на ветувањето, кое сакаш да не го одржиш.
Кога се раѓа бебето, една дождлива ноќ пред полноќ, бабата доаѓа во нивниот дом, не сака ни да и дадат ни да јаде, ниту да и постелат, како што и ја нудат како домаќини, сака сал да си земе бебето што и го ветиле. Низ мајчинска молба крикнува младата штотуку усреќена мајка и ја моли тоа да не го бара од неа, ветувајќи дека тие ќе ја гледаат, слуги ќе и бидат, но бабата тргајќи кон бебето, да го земе, ја повлекува и ја убива таткото на бебето.
Стравот и извесноста од одмаздувањето на судбината, зошто клетвите „лебдат над глава“, ја тераат мајката секој ден да се плаши и да бдее над детето кога го расте. Првиот пат кога и се губи во шумата тоа наоѓа ластарче од врба, мајката кога го пронаоѓа ја сослушува неговата желба татко му да му направи свирче од врбата, но со истото ластарче го чукнува по задник, затоа што ја уплашил, немајќи го наоколу.
Судбината е нешто од кое не се бега, еден ден, „невидливата рака“ доаѓа по своето, во куќата покрај реката врз камења детето паѓа во реката, а мајката со болен крик се простува од него.

Морници и трепет и во вториот дел од приказната, која се сели во денешницата. Сценариото тука следи млада девојка која по вештачко оплодување од сопругот таксист, конечно носи близнаци, а откако ќе дознае дека едното дете ќе биде аутистично, сакајќи да го спаси животот барем едното бебе, не го послушува мажот и се осудува на хируршка интервенција на отстранување на едниот плод, и за жал ги губи и двете а партнерот ја напушта.
Нејзината сестра има посвоено дете кое не зборува. Се сомневаат дека е аутистично. Иако не е биолошка мајка, таа и нејзиниот сопруг целосно се грижат и го сакаат детето, го чувствуваат како свое. Филмот завршува со тоа што по долги години младата девојка која ги губи близнаците од таксистот, случајно ќе забремени од странец, а посвоеното дете на сестра и ќе прозбори на сунет кај соседите… Хепиенд!
Мајките цело време на штрек, и мајката која се плаши од клетва, и мајката која се плаши за животот на здравото бебе, и мајката која не родила, а посвоила. Со подеднаква грижливост и „предвремено“ плашење, секоја од различен агол трепери и го чува своето чедо. Најмногу првата мајка, додека другите пресметуваат по малку.
Личната порака е дека дете се сака затоа што е дете, општата порака е дека ветувањето мора да се одржи, зошто лажните ветувања доведуваат до наплата, задоцнета но со трагични последици од невидливата рака, а најважната порака и совет е- кога барате од Бога чекајте, ако не ја дочекате божјата одлука, клетвите пресудуваат.
Нема жена која не потскокнува од седиште кога го гледа филмот. Трите женски болки ја тераат на тоа- таа која не родила и се обидува по секоја цена, таа што родила и знае колку е мака да се бориш за своето дете и онаа совесна мајка која посвоила, и по своите мајчински заложби е рамна како билошка мајка.
Единствено е вметната како небитна, но за јасна споредба, залутаната и со половична љубов мајката која добила се на тацна, која лесно добила убави услови за живот и дете, а хистерично вреска и го тепа во продавница само затоа што го бара сладоледот кој тој го сака.
Навистина се замрзнува крвта од прв до последен кадар.
Да. Филмот е суров, и врзува шамар на модерната жена и нејзино соочување со својата (заспана) мајчинска духовна свест. Ја потсетува жената која е нејзината улога. Од искона.
И се чини дека на овој филм, не му треба превод, секоја жена го разбира од прв кадар. Тука е ингениозноста на режисерот, кој раскажува со универзален јазик, универзална душа и „женско перо„ и кој пренесува пораки од повеќе светови, и од видливиот и од невидливиот, од повеќе вкрстени светови.
Попатно „Врба“ разбива и некои предрасуди, кои дополнително ќе ја дозамислат публиката, а ќе ја довознемират онаа пубика која често пати ја мачи прашањето дали се дадени малку или многу пари за ваков филм на гение, рамно на неколку модерни „Луј Витон“ ташни.

Фотографија на Борис Каески

Но да поентирам, како што на почеток напишав, филмот е создаден од сам старт да го обедини пола свет (жените), преку онаа „тажна врба“ полна со надеж и борба да создаде убава иднина на своето чедо, по цена и на својот живот и сите мајчински патила. Режисерот изјави дека има две верзии машка и женска. Ако ова што го видовме беше женската, на секоја жена која го изгледа, ќе и треба долго време и добро да се окуражи за да го гледа по втор пат.

Фото галерија -фб страна „Врба“

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.