Официјално илегално, квалитетно проветрено и полно со ентузијазам, музичкото радио Канал 103 ја најавува својата целовечерна роденденска прослава.
Петок, 1 октомври, Плато МКЦ. Почеток: 18 часот.
Во духот на програмската ориентација на радиото кое ја поддржува и промовира храбрата и независна музичка сцена, богатото фестивалското мени содржи жанровски разновидна понуда со строго контролирано органско потекло.
Настапуваат: LELEE (Словенија), Shock Troopers, Перија, Светлост, Тодор Караколев, Lufthansa и Blaž (Словенија).
Фестивалот ќе започне со промоција на „Момент документ“, фото-монографија на Зденко Петровски во издание на МКЦ, проследено со придружна изложба на негови фотографии.
Билетите во строго ограничен број се достапни на билетарницата на МКЦ и на следниот линк >> https://bileti.mkc.mk/index.php?id=925…
По интимниот концерт на Крсте Роџевски во Куршумли Ан и редовните „103 средби низ музика“ во клубот Ла Кања, со овој фестивал се заокружува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години Канал 103. Борбата продолжува.
…
Настанот ќе се реализира согласно актуелните протоколи за организирање настани на отворено.
Поддржано од Министерството за култура и МКЦ.
…
Детален опис на програмата:
LELEE е словенечко разиграно инди/пост-панк трио, совршен пример на мултикултурно поврзување меѓу балканските музичари од Вардар (Драгор во случајов) до Триглав. Бендот е составен од Јелена Русјан (Borghesia, TRUS!) – вокал и бас, Македонецот Дамјан Маневски (Rush to Relax, Molokai) – вокал и гитара и словенечкиот тапанар Јан Кмет (balans, Kalu). Иако постојат релативно кратко време, брзо се врежаа во свеста на алтернативната јавност преку возбудливиот инди-гитарски звук, придружен со машко-женски вокали на српски и македонски јазик. Дебитантскиот албум, „Čuka bije pumpa“ (Moonlee Records, Ill in the Head Records, 2021) претставува ударно женско-машко повеќегласие на различни јазици кое лесно се всадува во срцата на слушaтелите.
https://lelee.bandcamp.com/
SHOCK TROOPERS се скопско/кочанска комбинација формирана во 2007. Свират метализиран crust / hardcore. Зад себе ги имаат албумите „Лешинари“ (CD 2014) и „Глуво Доба“ (LP 2019), како и две европски турнеи и еден куп концерти низ Македонија. Во состав: Иван Јованов, Кирил Манчевски, Виктор Андоновски, Владимир Петковиќ, Драган Теодосиев.
https://shocktroopers1.bandcamp.com/
PERIJA е уникатно музичко доживување. Песни испеани на повеќе јазици, отсвирени на инструменти од повеќе традиции (уд, тамбура, бендир и ќемане). Музичката инспирација на оваа четворка (Катерина Димитровска, Леа Милиновиќ, Деа Плевнеш, Огнен Златанов) е во балканските традиции под силно влијание на музиката на Ориентот. Сепак, современиот, стилизиран израз ги прави уникатни во нивната мисија да го реконструираат културното минато преку стари песни и приказни за љубовта и страдањето.
https://sharla.bandcamp.com/album/falan-filan-lp
СВЕТЛОСТ се Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски. СВЕТЛОСТ се бескомпромисно слободен џез-панк. Како трио издаваат два албуми „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“ (обата 2020 за PMGJAZZ). Нивното дебитантско остварување „Odron Ritual Orchestra“ снимено во проширен 11-член ансамбл е сместено меѓу најдобрите за 2019 од страна на платформата Bandcamp (меѓу другите).
https://pmgjazz.bandcamp.com/album/six-years
ТОДОР КАРАКОЛЕВ движи низ повеќе електронски жанрови, ама секогаш движи опасно! Прави силно емотивна, но игрива музика, со секогаш луцидни текстови и суптилен шарм. Поп за XXI век.
https://5060.bandcamp.com/album/–2
BLAŽ е мултимедијален уметник од Изола, Словенија. Музика создава на синтесајзери и ја нарекува strange-hop – по нашки: електроника + минималистички инструментален хип-хоп. Од 2021 настапува со LELEE, и е гостин на нивниот прв официјален сингл „Копнеж“.
https://blazh.bandcamp.com/
LUFTHANSA се новата надеж на автентичниот македонски рокенрол. Свират и пеат Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски, Иво Николовски и Мартин Џорлев. Нивниот настап е концертна промоција на касетата „Demo Tape I“, лимитиран тираж во издание на Стотројка.
https://www.youtube.com/watch?v=47jlEWc9qW4…
ЗДЕНКО ПЕТРОВСКИ “Момент документ” – Сликовница со ликови и настани одржани во Скопје 2007 – 2020 (МКЦ, 2021) Зденко Петровски е нашиот пријател од соседното студио, своевиден ангел чувар на Стотројка. Зденко страсно и посветено ја живее фотографијата и музиката. „Момент документ“ e импресивна фотографска монографија за музичката сцена во Скопје во изминатите 15-тина години. Почестени сме што е дел од нашата прослава, вели организаторот.
Во МКЦ во петок – 30 години Канал 103
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.