Влада Урошевиќ го доби „Златниот венец“, на 62 издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата

Македонскиот поет Влада Урошевиќ вечерва и свечено стана годинашен лауреат и добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Добитник на наградата „Мостови на Струга“, за најдобро дебитантско дело, е Гевин Бредли од Северна Ирска. Наградата „Браќа Миладиновци“, пак, му беше врачена на Димитар Башевски.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржуваше од 24 до 28 август  под мотото „Чувствотворен јазик“, настапуваат повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.