На 73 годишна возраст, по долго боледување почина Љубиша Никодиновски – Биш- поранешен директор и селектор на фестивалот Млад отворен театар. Љубиша- Биш е личноста која стави свој печат во развојот и афирмацијата на алтернативниот театар во Македонија и неговото име е со децении врзано токму за театарската сцена во Македонија.
Љубиша Никодиновски беше еден од уредниците на младинското списание Фокус, актер во театарот „Кај Свети Никита Голтарот“, организатор на Отворениот театарски универзитет – Естетичката лабораторија при Филозофскиот факултет, еден од основачите, продуцент и актер на театарската работилница „Зелената гуска“ и раководител на театар „Центар“.
Биш е еден од основачите на меѓународниот театарски фестивал МОТ, негов долгогодишен уметнички директор и еден од основачите и генерален секретар на македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО, член на ИТМ. Биш беше и уредник на драмската програма во МКЦ до неговото пензионирање, а е и автор на различни текстови од областа на театарот.
Во 2009 ја објавил книгата „Алтернативниот театар во Македонија“.