“Нова Година – нов почеток” е насловен последниот концерт на Филхармонија за 2020 година, кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Станува збор за несекојдневен концерт кој во една вечер ќе ги спои традицијата, класиката и џезот.
Концертот се реализира во соработка со ЗЏМ, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.
Новата сезона на Филхармонија 2020-2021 која симболично е насловена „Звук на два метри” се отвори на 3 септември, а до крајот на месецов беа реализирани 16 концерти во редовна програма и во Камерната сала. Филхармонија беше прва институција од областа на културата која изработи специјални протоколи за реализација на концерти во посебни услови кои ги налага пандемијата на Ковид-19.
– Филхармонија ја завршува оваа неубава година за сите, со прекрасен Новогодишен концерт кој го насловивме „Нова година – Нов почеток”, со надеж дека навистина ќе отпочнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи. Традиционалниот концерт за новогодишните празници, и овој пат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради. Животот не би имал смисла без музика, затоа и Филхармонија не престана да работи од самиот старт на новата сезона. Одржавме голем број на концерти, симфониски, камерни, рецитали, сите организирани под најстроги критериуми, но сите до еден, со одличен фидбек од страна на музичката јавност – вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.
Се гордееме со сето она што досега го сработивме особено во вакви тешки времиња, и се надеваме дека ќе продолжиме со истиот ентузијазам и енергија, затоа што нашата визија е музиката да го покрие сивилото на секојдневието и да им даде храна на нашите души, вели Иванова.
– Во наредната сезона, ќе имаме уште многу настани со врвни диригенти и солисти и навистина импресивна програма. Сите концерти можат да се проследат и онлајн, што е позитивна пракса во вакво време, а на која нашата публика веќе се навикна. Здравјето е најбитно, а тоасе чува и со консумирање на квалитетна музика – вели Иванова.