Во галеријата на Младинскиот културен центар, вечерва во 19 часот, ќе се отвори изложбата „Небо“ на ументикот Јана Јакимовска. На изложбата ќе бидат претставени 20 небесни пејсажи во техниката акрил на платно работени во последните три години. Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. До сега има реализирано 17 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време е активна со мурално сликарство.
Во текстот за изложбата историчарката на уметност Ана Франговска ќе рече: „Јакимовска сака да слика, сака да експериментира со четката, сака да вдише од енергијата и аромата на бојата, знае да биде жестока, моќна, но знае и да биде реалистична во контекстуална смисла. Првпат, по долга низа години, излегува од интересот за себеанализа, од авторефлексивност и автосондирање, а влегува во третирање на просторот надвор, во природа, барајќи ги во есенцијата на натуралната естетика вредносните критериуми кои ги подзаборавивме живеејќи веќе речиси една година во вонредни пандемиски услови, а тоа е респектот кон природата, кон екосистемите, кон чистиот воздух, сончевиот зрак, патувањата, планините, водените површини. Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели… Јана Јакимовска со своите дела ни нуди ‘прозорец’ за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови има покрај своја егзалтирачка природа и концептуална димензија – да делува психо-терапевтски на консументот на нејзините дела.“
Изложбата ќе трае oд 14 до 22 декември.
Македонскиот уметник Зоран Попоски е финалист на наградата за уметност „Арт рајтс прајс“ 2020 во Италија, во категоријата „видеоарт“.
Жирито на наградата за уметност „Арт рајтс прајс“ вклучува реномирани европски галеристи, колекционери, критичари и директори на уметнички фестивали од Италија, Франција и Шпанија.
Делата на финалистите во пет уметнички категории ќе бидат презентирани на виртуелна 3Д-изложба во периодот 16 декември 2020 до 30 јануари 2021 година.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и Њујорк, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 80 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.
Од утре во МСУ ќе биде отврена изложбата „Сета љубов“ од светски познати уметници
Музејот е отворен од 10 часот за посетители секој ден, освен понеделник, но поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека поставката е најдобро да се погледне меѓу 16 и 20 часот, освен недела кога музејот работи до 13 часот.
Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам.
Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова а се ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.