Една песна на четиринаесет јазици-нова поетска книга од Филип Димкоски

И каменот има душа“ е насловена поетската книга од македонскиот поет Филип Димкоски, која неодамна е објавена во издание на Академски печат од Скопје.

Станува збор за необичен концепт, односно книга која содржи една песна напишана во оригинал на македонси јазик и нејзините  препеви на уште тринаесет словенски јазици односно на сите словенски јазици кои активно се говорат денес. Досега не е познато објавување на ваков вид книга што меѓу две корици ги обединува словенските јазици.

Над дваесет преведувачи, лектори, научници од областа на јазикот и книжевноста од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Русија, Белорусија, Украина, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија и Босна и Херцеговина вложија свој труд во создавањето на оваа книга за која поговорот го напиша докторката по филолошки науки Наталија Лапаева Ристеска професорка по руска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

– Читањето на препевите на песната „И каменот има душа“ од Филип Димкоски е еден фасцинантен процес кој носи радост за откривање и проширување на литературните хоризонти. Ова е можност да се увидат од една страна сличностите во јазиците, а од друга страна нивните разлики, а сето тоа не упатува кон размисла за корените на постоењето, за културите, писменоста, духовноста на словенските народи како и за индивидуалните историски судбини и менталитет на секој од нив. Како што е познато, менталитетот на еден народ може да се осоѕнае токму преку јазикот. На тој пат можат да се откријат многу интересни нешта. – пишува проф. д-р Лапаева Ристеска во својот поговор кон книгата.

Корицата на книгата и илустрациите внатре се авторско дело на академскиот сликар Владимир Здравески, а лектурата на книгата ја направи

Книгата ќе има медиумска промоција на неколку регионални и национални телевизии, радија и весници,  ќе биде претставена во Прилеп, Битола и Скопје, ќе биде одржана и онлајн промоција,  а за научниците од областа на  словнеските јазици и литературата, за библитеките и за љубопитните читатели ќе биде достапна во мал тираж. Заинтересираните можат да ја набават со порака до авторoт на социјалната мрежа Фејсбук.

И КАМЕНОТ ИМА ДУША

Се слуша жуборот на потокот,
се слуша и песната на птиците
и шумот на далгите езерски се слуша,
но дали сте слушнале
оти и тој говори и чувствува,
дали сте слушнале оти и каменот има душа?

Да беше толку бездушен
како што изгледа
кога го одбива сончевиот блесок
не ќе дозволеше
водата да го распарчи во ситен песок.

Да беше така бездушен
не ќе дозволеше ни патникот на него да седи,
ни ветерот да го тркала
ни тревата под него да гние
ни сонцето бојата да му ја пие.

Некаде длабоко во него
љубовта и топлината се кријат,
длабоко во порите негови
илјада приказни спијат.

Зборувам со каменот
го гледам и во мислите се смеам,

да немаше каменот душа
немаше за него да пеам.

Филип Димкоски

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.