Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески стана дел и од елитното друштво ѕвездени имиња кои една од водечките светски авиокомпании „Луфтханза“ им ги препорачува на своите патници. Трпчески и во оваа прилика на патниците им нуди и фрагмент од својот проект „Македонисимо“, инспириран од нашиот фолклор.
Македонскиот пијанис, Симон Трпчески, избрал некои од своите омилени музички дела, ексклузивно за „Луфтханза“,чии патници во избор на Трпчески веќе можат да уживаат во 16 внимателно одбрани дела (од кои осум се во негова изведба). Пет од нив се фрагменти од прославата на македонската музика низ проектот „Македонисимо“ што Трпчески го изведува со своите музички пријатели, стои во соопштението на компанијата.
Во изјавата за Македонското радио по овој повод, Симон Трпчески го истакнал задоволството што станал дел од програмата на летовите на „Луфтханза“, компанија која е еден од реперите во авиосообраќајот. Да се биде дел од нивните програми што ги слушаат илјадници патници е голема чест, а јас се определив за дела секако во рамките на правилата на Уметничкиот одбор на компанијата и можностите со авторските права. Се надевам дека на патниците ќе им се допадне мојот разновиден избор од пијанистичка и симфониска литература, но и со мал дел од „Македонисимо“, во функција на натамошна афирмација на македонската народна музика изведена на такво високо ниво. Ова е многу убаво и се надоврзува на номинацијата во потесен круг на Наградите на Германската музичка критика токму со албумот „Македонисимо“ што излезе под етикетата на „Лин Рекордс“.