Инцидентите со спречувањето на новинарите во кругот на „8-ми Септември“ се истражуваат, а одлука за забрана на работата на новинарски екипи во кругот на јавни здравствени институции не постои.
На состанокот на министерот за здравство со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ), а по повод вчерашната реакција на ЗНМ и ССНМ во врска со попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје, одржан неделава ,се укажа дека не постои одлука од страна на Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа во Република Македонија.
Во оваа насока Министерот додаде: „инцидентот кој се случил во изминатите денови во „8-ми Септември“ на кој не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“.
Претставниците на новинарските организации ја поздравија одлуката да се преземат идни активности за решавање на овој случај и додадоа дека само преку заедничка и координирана активност помеѓу министерството и професионалните новинари ќе имаме гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата.
На средбата помеѓу министерот и новинарските организации се надмина претходното недоразбирање, во однос на тоа дали постои формална одлука со која може да се ограничи јавниот простор на кој работат новинарите пред јавните здравствени објекти. Беше истакнато дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата.
Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ пак уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес.
Освен ова, присутните се сложија дека e потребно и во иднина да продолжи комуникацијата со цел да се превенираат слични ситуации кои можат негативно да се одразат на работата на новинарите, но и на здравствените установи и медицинскиот кадар.