Емотивната приказна за детството за Хапе Керкилинг, еден од најценетите комичари во Германија, филмот „Сè за мене“, од денеска премиерно се прикажува во киното „Милениум“ во Скопје. Филмот ќе биде на репертоарот на киното до следниот четврток.
Ханс Петер „Хапе“ Керкелинг е култен лик на германската комедија. Филмот зборува за него, за неговата депресивна, презаситена мајка, срдечното семејство, соништата… Германска биографска комедија од 2018 година. Ова остварување е во режија на Каролине Линк, а улогите ги толкуваат познатата германска актерка Луизе Хеер, потоа Зенке Меринг, Хапе Керкелинг…
Филмот има освоено повеќе награди меѓу кои, три од 6 номинации за Германските филмски награди, награда Бамби за најдобра актерка, награда за најдобра машка улога на Филмскиот фестивал во Сиетл…
Во оваа слатка приказна за потеклото на еден од најомилените германски комичари, едно буцко деветгодишно момче во 1972 година во Германија со проблематичен семеен живот, наоѓа утеха кај неговите срдечни баби и сопствената желба да ги насмее луѓето.
Дистрибутер е „Катавеј“, а дистрибуцијата е поддржана од „Герман филмс“.